Меркел ја мотивира македонската евроинтеграција

387
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дефанзива на евроскептиците во државава по изјавата на германската канцеларка

Пријатно изненанадување е последната изјава на германската канцеларка Ангела Меркел, која за време на настан во Унгарија рече дека Европа не може да биде целосна без земјите од Западен Балкан. Тоа на некој начин се толкува како директна порака дека ЕУ останува отворена за нови проширувања

Германскиот Бундестаг во октомври треба да се изјасни дали ќе поддржи одредување датум за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, откако не го направи тоа пред јунскиот самит на Унијата поради временски теснец. ЕУ тогаш одлучи на прашањето за проширувањето на Унијата со Македонија и со Албанија да се наврати во октомври, откако ќе мине расправата за него во германскиот парламент.

Имено, тогаш меѓу противниците на проширувањето беа Холандија и Франција, но и Германија, која побара од двете земји-кандидатки да ги забрзаат реформите.
Холандија конкретно се противи на доделувањето датум за Албанија, но не и за Македонија, додека Франција инсистираше најпрво да бидат спроведени реформи внатре во ЕУ, па потоа да се размислува околу идното проширување.

Сепак, за време на посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Србија, се доби впечаток дека Франција можеби и нема да го попречува проширувањето на ЕУ, и дека сега сметаат дека реформите на Унијата можат да течат паралелно со процесот на прием на нови членки, кој и онака би траел со години. Холандија, веројатно, ќе го поддржи ставот за Македонија што ќе го заземат Франција и Германија, иако не се исклучува можноста да инсистира на неопходните реформи што земјава ги презеде како обврска.

Во таа насока може да се сфати и последната изјава на германската канцеларка Ангела Меркел, која неодамна за време на настан во Унгарија рече дека Европа не може да биде целосна без земјите од Западен Балкан. Тоа на некој начин може да се толкува и како директна порака дека ЕУ останува отворена за нови проширувања.
– Ако ги гледаме работите геостратегиски и исто погледнеме во мапата, тогаш ќе забележиме дека единствено вистински обединета Европа ќе биде можна со државите од Западен Балкан – рече Меркел.
Ваквата изјава несомнено го отвора прашањето дали и Германија го менува ставот и дали ќе влијае и врз партнерите во Париз и Хаг, да поддржат одредување датум за Македонија во октомври.

Она што претходно беше посочувано како главна пречка, а тоа е проблемот со името со Грција, сега е решено, така што Македонија очекува тоа да биде вреднувано од европските партнери.
И еврокомесарот Јоханес Хан во своите изјави е уверен дека нашата земја заслужува во октомври да добие зелено светло за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Но секогаш и секаде тој ги охрабрува структурните реформи и вербално ја мотивира динамиката за нивно остварување.

– Потребно е и натамошно спроведување на реформите особено во делот на овозможување владеење на правото преку усвојување на законот за Јавно обвинителство и бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот. Притоа, сите политички чинители треба да ја имаат предвид иднината и интересите на граѓаните и државата – порача еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан при последната посета на земјава во кон крајот на јули.
Државата во следниот период до октомври треба да го донесе законот за Јавно обвинителство, со кој треба да му се реши статусот на СЈО, а собраниската седница на која треба да се расправа по ова прашање е закажана за 27 август, кога пратениците се враќаат од годишните одмори.

Како еден од условите се наведува и борбата со корупцијата и криминалот, па во таа насока се и очекувањата за брза судска разврска на аферата „Рекет“, но и на деблокадата на СЈО и процесирање на предметите што тоа ги отвори.
Сепак, некои од политичките аналитичари сметаат дека изјавите на Меркел за целовитоста на Европа со земјите од Западен Балкан се поради одредени дневнополитички потреби и нема да ги премислат другите европски партнери, кои изразија скептичност околу проширувањето.

– Не сум сигурен дека последните изјави на Меркел ќе ги премислат Франција и Холандија. Сега засега Франција има водечка улога во Унијата, а од друга страна, навикнати сме на изјави што се даваат според одредени дневнополитички потреби – смета политичкиот аналитичар Јове Кекеновски.
Тој додава дека не очекува никаква промена во таа насока.
– Не очекувам промена, особено по случајот „Рекет“ и вмешаноста не само на политичари, туку и на судии и обвинители. Тоа ќе придонесе европските партнери само да се изјаснат дека на оваа земја ѝ е потребно време за да завладее правото – истакна Кекеновски.

Според други аналитичари, отворањето преговори со Македонија и со Албанија, Европската Унија не би ја чинело ништо, но од друга страна, тоа би им задало сериозен удар на противниците на евроинтеграциите, кои во последниот период ја засилија реториката против Унијата, тврдејќи дека Европа не ги сака земјите-кандидатки.
– Во овој момент не гледам логична причина зошто беше блокирано проширувањето со Македонија и Албанија и зошто нема консензус по тоа прашање. Самиот почеток на преговори отвора години и години комплициран процес што обете држави мораат да го поминат. Токму во тој процес ЕУ ќе има многу поголемо влијание врз нив отколку за време на претпристапната фаза – велат добро упатени познавачи на балканските евроинтегративни состојби.

Аргументите на скептиците на доделувањето датум за Македонија се познати, останува земјата во претстојниот период да ги убеди дека евентуалниот почеток на преговорите ќе значи само мотив повеќе за спроведување на потребните реформи, но истовремено, ќе ја врати и вербата на граѓаните во европските вредности.