Меркел и Макрон – кој е добриот, а кој лошиот полицаец за Македонија

928
Карикатура: Игор Калц

За некои од аналитичарите ценкањето меѓу Франција и Германија околу тоа дали треба да ни се додели датум за преговори во јуни, повеќе зависи од исходот на евроизборите на крајот од месецот отколку од резултатите во реформскиот процес во земјава

Додека македонската влада од Брисел очекува чист безусловен датум за почеток на преговори со Унијата следниот месец, со оглед на постигнатиот договор со Грција и пофалбите за чекорите што се презедоа во земјава за враќање на брзиот пат кон ЕУ, сегашните состојба внатре во Унијата сепак не влеваат преголем оптимизам.

Истовремено пристигнуваат и разочарувачки тонови на наша адреса во однос на европската интеграција како што се наближува датумот кога Брисел треба да пресече и да ја соопшти одлуката. Се чини како таа, каква и да биде одлуката за Македонија, како најмногу да зависи од ставовите на Франција и Германија, односно нивните лидери Макрон и Меркел.

Во очекување на датумот за преговори, некои од домашните експерти коментираат дека тактиката што Брисел ја спроведува во овој момент кон нас е игра на топло-ладно, односно збунувачка бидејќи од една страна нѐ величат за договорот со Грција и напредокот на демократијата во земјава, а од друга страна истовремено на внатрешен план доаѓаат сериозни критики за реформите и владеењето на правото. И токму најгласни во ваквата стратегија, ред фалби, ред критики се Париз и Берлин. Имено, покрај јавно изнесените ставови на францускиот претседател Емануел Макрон неодамна на самитот во Берлин дека ЕУ засега не размислува на проширување туку на внатрешни реформи, сега и францускиот амбасадор во земјава во интервју за РСЕ вели дека најпаметно е прво да го почекаме извештајот од Европска комисија па потоа ќе се проценува за датум за преговори. Според Тимоние, Франција не е скептик дека Македонија ќе добие датум во јуни, но во исто време амбасадорот објаснува дека ќе се суди според постигнатото.

– Свесни сме дека беше спроведена голема работа, постојат законодавни промени, отворање нови институции и слично. Но, знаете како велат: „За секое дрво ќе судиме според овошјето што тоа ќе го даде“ – вели францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
На оваа тема се надоврзува и германскиот дневник „Зидојче цајтунг“, кој во текст „Нов импулс за балканската политика“, констатира дека средбата во Берлин не понудила многу повеќе од „отворена дискусија“. Весникот се осврнува и на пофалбите упатени на адреса на Северна Македонија, но и неединството на ЕУ колку брзо земјата да биде наградена за своите постигнувања.

– Со намера на регионот оптоварен со проблеми да му предочат и на позитивен развој, Меркел и Макрон ја пофалија Северна Македонија како пример за успешно решавање конфликти. Таму Владата по повеќегодишен спор со соседот Грција се договори во името на државата да биде додаден префиксот „Северна“. Со тоа е отстранета огромна пречка на патот кон членство на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ. Иако, во ЕУ сѐ уште е спорно колку брзо Владата во Скопје треба да биде наградена за својата улога во спогодбата со Атина – пишува германскиот весник.
Професорот Нано Ружин смета дека европските избори што се очекуваат оваа пролет ќе имаат големо влијание врз политиката за проширување.

– Ако ја следите стратегијата на Емануел Макрон, исто така и на француската опозиција, има постојаност за разлика од претходно, во пресрет на европските избори и не се говори за проширувањето на ЕУ. Тоа е така бидејќи таму има размислување дека последното проширување на ЕУ е несоодветно направено. Ваквиот однос не е новина. Тие работи треба да ни се јасни и да ги имаме предвид – вели професорот.
Тој смета дека шансите на Македонија во јуни да добие датум за преговори се 51 отсто наспроти 49 дека нема да добие, иако во исто време критиките кон нас за реформите се огромни.
Исто така, политикологот Марко Трошановски од Институтот за демократија во Скопје вели дека ценкањето меѓу Франција и Германија околу тоа дали да ни се додели датум за преговори во јуни, многу зависи од евроизборите на крајот од месецот, а не толку од резултатите во реформскиот процес во земјава.

– Повеќе од јасно е дека од сегашниот внатрешен реформски стадиум во кој се наоѓа државата не зависи дали ние во јуни ќе добиеме датум. Наспроти Франција, Германија силно бутка во ЕУ ние да добиеме датум за преговори во јуни и покрај фактот што тие не се среќни со напредокот на Албанија, која, пак, е во пакет со нас за идното проширување во Унијата – вели Трошановски.
Според него, многу разочарувачки би било доколку земјава сепак во јуни не добие датум бидејќи Македонија, како што вели, е единствената позитивна приказна во регионот.


Димитров: Направивме целосен пресврт во нецели две години

Министерот Никола Димитров вчера, за време на работната посета во Берлин, каде што учествуваше на настан во германскиот Бундестаг, оствари средба со Михаел Рот, министер за Европа во германското МНР, со Јан Хекер, советник за надворешна политика на канцеларката Меркел, и со Матин Хакверди, пратеник во германскиот Бундестаг од редовите на СПД. На средбата, како што информира МНР, станало збор за реформските процеси на С. Македонија, како и за процесот на пристапни преговори со ЕУ.
– Годинава Република Северна Македонија има силни реформски и добрососедски аргументи за почеток на пристапните преговори. Успеавме да направиме целосен пресврт во нецели две години и тоа треба и мора да биде препознаено за да го зацврсти нашиот успех и да служи како поттик за другите во регионот. Процесот на пристапни преговори ќе значи само заслужен почеток на едно ново поглавје за засилување на позитивниот курс, натамошен напредок на земјата и овозможување подобар живот за нејзините граѓани – истакна министерот Димитров по средбата со Рот, министер за Европа во германското МНР, соопшти МНР.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]