Медиумите во улога на министри

270
Фото: Игор Бансколиев

Зачестената медиумска размена на информации на релацијата Скопје – Софија последните недели само ги нагласува важноста и улогата што во општеството ги имаат професионалните медиуми со долгогодишна традиција и искуство. Познавачите на состојбите велат дека медиумите несомнено преземаат дипломатска улога и дека се еден вид гласници преку кои се соопштува одредена важна порака или позиција на едната или другата страна

МЕДИУМСКАТА ДИПЛОМАТИЈА НОВ ТРЕНД ВО НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА

Интензивираните интервјуа во редица медиуми на македонски и бугарски политичари, преку кои речиси секојдневно се изнесуваат позициите на двете страни по бугарското вето за почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, се потврда за новите начини на водење на надворешната политика, според кои класичната дипломатија сè почесто се заменува со еден вид медиумска дипломатија.
Имено, во рамките на таканаречената „медиумска дипломатија“, политичарите ги користат медиумите за да соопштат некој свој став, позиција или за да го опипаат пулсот на јавноста за одредено прашање. Тоа само по себе ги нагласува и огромната важност и улога што ги имаат весниците и медиумите со долгогодишно професионално искуство и традиција.
Оваа медиумска дипломатија особено стана видлива кај нас последниов месец, кога во недостиг од директна комуникација меѓу политичарите од Македонија и Бугарија, во насока за наоѓање решение за одблокирање на македонскиот евроинтегративен процес, меѓусебните пораки и позиции се соопштуваат преку медиумите.
Кратко по одбележувањето на Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, реагираше бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која во интервју за бугарските медиуми истакна дека „Македонија нема да може да влезе во ЕУ сè додека го слави диктаторот Тито.“

Одговорот на ставовите од Захариева стигна од страна на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој во интервју за бугарската ТВ Европа објаснуваше за улогата на Тито, но се осврна и на бугарското вето за Македонија, како и за различното гледање на историјата.
Се чини најголема бура во јавноста крена интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев дадено за бугарската агенција „Бгнес“, во кое тој од свој агол се изјасни за редица прашања од историјата.
Одговор стигна од бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој во интервју за бугарската телевизија Нова порача дека Македонија нема да ги започне преговорите, но истовремено потврдувајќи дека врз Бугарија се врши притисок од „надворешен фактор“.
Последниот потег во таканаречената медиум-дипломатија е повлечен од страна на бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој во пошироко интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ ги изнесува бугарските позиции од кои Софија нема да отстапи.
Меѓународниот притисок врз Бугарија може да се почувствува и преку текстови во голем број европски медиуми, во кои се посочува на многубројните слабости на земјата, со индиректна порака дека не може земја-членка на ЕУ да има слабости во управувањето во повеќе сфери и истовремено да говори за европски вредности.

– Политичките проблеми на бугарскиот премиер Бојко Борисов дополнително ги вознемируваат големите прашања за Брисел и одделни држави во ЕУ. Критичарите велат дека не бил поставен соодветниот притисок врз Софија за да го подобри управувањето. Тензиите се зголемија дополнително во тековните недели како резултат на тоа што Бугарија го блокира отворањето на разговорите за Северна Македонија за приклучување во ЕУ, зголемувајќи ги стравувањата дека тоа би можело да биде дел од честите битки на Унгарија и Полска со Брисел и земјите-членки – пишува „Фајненшл тајмс“.
Познавачите на состојбите велат дека медиумите несомнено преземаат дипломатска улога и дека се еден вид гласници преку кои се соопштува одредена порака или позиција на другата страна.
– Медиумите преземаат улога во креирањето на мислењето и на ставот и од бугарска и од македонска страна. Тоа значи дека медиумите ја креираат сликата дали ќе се затоплат или ќе се разгорат тие односи – смета Синиша Пекевски, пиар-експерт.
Тој додава дека политичарите се тие што треба да седнат и да се договорат за отворените прашања, а не медиумите да ја имаат улогата на пренесувачи на ставовите. Според него, објавите во влијателни медиуми се со цел да се зголеми тежината на пораката што се испраќа.

– Секогаш поубаво звучи кога некое интервју се појавило во странски влијателен медиум, кој има своја публика, но треба да се направи и градација колкава е важноста на тој медиум. Без разлика какви пораки се праќаат во јавноста, Бугарија е дел од ЕУ, а Унијата си ги штити своите членки. Ако сака ЕУ, има механизми да се надмине проблемот со бугарската блокада, но очигледно заинтересираноста за овој спор не е толку голема колку што ние мислиме – смета Пекевски.
И универзитетската професорка Викторија Кафеџиска се согласува дека медиумите сè повеќе играат улога на дипломатија, но смета дека политичарите кога ги користат влијателните странски медиуми за да испратат порака треба да се добро подготвени.
– Без оглед што медиумите станаа дипломатија или пренесувачи на вестите, мора да го искористите медиумот, максимално подготвено и со избран речник да ја соопштите вашата вистина, каква и да е, макар била и болна – нагласува Кафеџиска.
Таа додава дека, за жал, медиумите станале дипломатски гласници, оставајќи можност оние што ја даваат изјавата секогаш кога ќе се најдат на удар на критика да се бранат дека лошо им била интерпретирана изјавата.
– Политичарите ги користат медиумите и во тој наплив секогаш може да кажат не сум бил добро разбран. Тоа е на некој начин нивен одбранбен механизам. Кога кој било премиер или министер дава изјава за некој влијателен медиум, тоа треба да биде добро осмислено, со подготвен настап, со точно одбрани зборови, за да може пораката да ја постигне целта – истакнува Кафеџиска.