Матис и Мичел доаѓаат во Македонија за поддршка на референдумот

101

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис најави дека наредниот викенд ќе ја посети Македонија за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.

– Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ, рече Матис во изјава за новинарите во Пентагон.

Матис истакна дека е загрижен дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот порцес во Македонија. 

– Ако имате гласање, Москва ќе се меша. Јас сум загрижен за тоа.  Такво мешање Русија практикуваше од Естонија до Соединетите Американски Држави, од Украина и сега до Македонија, секогаш се прилагодува на конкретната ситуација, рече американскиот секретар за одбрана.

Џејмс Матис е вториот висок американски претставник кој неделава доаѓа во македонија за да искаже поддршка за успешен референдум.

Заев и Мичел

Во Скопје утре ќе престојува помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел. Тој ќе има средби со македонскиот премиер Зоран Заев и со други официјални претставници за поддршка на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција и претстојниот референдум на 30 септември, соопшти Стејт департментот. 

Мичел во Скопје ќе има средби и со претставници на парламентарните партии и на бизнис заедницата со кои ќе размени мислења и ќе ја нагласи американска поддршка за приклучувањето на Македонија во Западното семејство, се наведува во соопштението.