Мас: Одлуката сега е во рацете на граѓаните

42

Се надевам дека на 30 септември што е можно повеќе Македонци ќе го искористат своето демократско право и ќе гласаат. Одлуката сега е во рацете на граѓаните на оваа држава. Тоа е нивната можност и се надевам дека ќе ја искористат, порача денеска шефот на германската дипломатија Хајко Мас.

Тој на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин шефот на македонската дипломатија Никола Димитров истакна дека решавањето на спорот за името претставува важен чекор на Македонија на патот да стане членка во ЕУ.

Истакна дека спорот 25 години претставува проблем и за Македонците и за Грција и додаде дека сега е историската шанса еднаш засекогаш да биде решен.

Тој утре заминува во посета на Атина и нагласи дека таму на средбите со грчките политичари ќе ги пренесе истите пораки, кои го пренел и тука.

– Спорот траеше повеќе од две децении, сега има можност да се заврши. Тоа не е само во интерес на Македонците, туку и во интерес на Грците. Ние имаме голем интерес проблемите во регионот да се решаваат – додаде Мас.

Потсети дека во јуни следната година ЕУ ќе одлучува за мошне важно прашање и додаде дека идната година постои можност Македонија да ги отпочне претпристапните преговори.

Мас истакна дека веќе е дефинирано се што треба да се случи на тој пат и изрази увереност дека одговорните во земјата ќе ги исполнат своите задачи.

Германскиот министер напомена дека влезот во ЕУ подразбира исполнување на одредени критериуми, додаде дека Македонија изминатиот период резлизира амбициозни реформи и изрази надеж дека земјата ќе продолжи по патот на имплементирање на зацртаната реформска агенда во однос на правната држава, борбата против корупцијата, организираниот криминал…

– Ние сме за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Тоа е важно за стабилноста на регионот и затоа тоа не е само ваш туку и наш европски интерес, кажа Мас.

Тој посочи дека со решавањето на спорот се покажа дека власта има визија за иднината на Македонија и упати охрабрување да продолжиме по тој пат чекорејќи храбро.

Димитров рече дека со посетата на Мас, на онаа на канцеларката Меркел на Денот на независноста и утрешната на германската министерка за одбрана, не може да има појасен сигнал за германската поддршка која се темели на една основна причина дека Берлин препознава решителност кај Република Македонија да си ги реши проблемите, да застане на нозе и тргне напред.

Берлин, нагласи Димитров, препознава решителност кај Република Македонија да си ги реши проблемите, да застане на нозе и да тргне напред.

– Не само од себични или наши причини сум почестен со оваа посета на министерот Мас. Ние живееме во Европа, во ЕУ која е многу зафатена со самата себе и според мене Германија и министерот се пример, столб за сегашната Европа и за каде сакаме да одиме да го чуваме мултилатеризмот, да го чуваме меѓународното право, правилата во меѓународните односи, една убава комбинација на европски вредности, принцип и на уметноста на можното -порача Димитров. 

На средбата станало збор за актуелната политичка ситуација, а Димитров го брифирал Мас за напорите да се допре до секој граѓанин и да се објаснат сите елементи на Договорот со Грција, процесот на зачленувањето во НАТО и интегрирањето во ЕУ.

– По овој стратешки чекор нам ни треба еден сериозен реформски чекор дома бидејќи целта не е само да влеземе во ЕУ, туку Македонија да ја направиме  европска – рече тој. 

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со расположението на граѓаните кои толку години чекаат да станат дел од ЕУ и до каде е нивната трпеливост, Димитров рече дека земјава дошла во ситуација кога од чекање го загубила компасот. 

– Многу повеќе сме заинтересирани Македонија да ја направиме европска и да влеземе во ЕУ, процесот на пристапување е реформска алатка каде што добро подмачканата машинерија на ЕК ќе влезе длабоко во системот на Македонија. Нашата битка е да се избориме следната генерација да си ја бара среќата во европска Македонија, да им дадеме надеж дека има перспектива. И кога ќе ја замислуваат својата татковина за пет години од денес да мислат дека оди во добар правец. Чекајќи во ровот ние сме соочени со една ситуација кога со туѓи пасоши нашиот талент ни заминува надвор. Мораме да создадеме услови дома – додаде тој.  

Во врска со тврдењата за руското мешање во земјава пред референдумот и во однос на нејзиното пристапување во НАТО Димитров рече дека членството во Алијансата е цел уште од 1993 година.

– Дваесет и пет годиниу подоцна пропуштивме неколку возови. Едниот беше Вилнус групата во 2004., другиот самитот во Букурешт во 2008., кога Албанија и Хрватска станаа членки. Тоа за нас е незавршена работа. За членството во НАТО имаме поддршка од мнозинството граѓани, сега таа е некаде над 70 проценти. Тоа за нас значи порака дека Македонија е тука, да остане во овие граници и оти членството ќе ја извлече Македонија неизвесноста, која се уште постои на Балканот – рече Димитров.

Додаде дека нема да престане да ги убедува руските дипломати дека за Македонија членството во НАТО е вистинската работа и оти тоа е наша одлука. 

– Ние имаме доволно проблеми овде на Балканот и не ни требаат увезени геополитички надмудрувања. Време е да ги си решиме тие проблеми и бараме почит од сите, па и најголемите играчи да поддржат тоа да го направиме – истакна шефот на македонската дипломатија.

На средбата станало збор и за можностите за унапредување на економската соработка.

Димитров потсети дека 47 отсто од извозот на Македонија оди во Германија, а минатата година обемот на трговската размена достигнал 3,6 милијарди долари.

За време на посетата на Мас, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и германскиот амбасадор Томас Герберих денеска потпишаа Декларација за признавање и замена на возачки дозволи меѓу двете земји.