Мас: Германија ќе лобира за Македонија во ЕУ и НАТО

253

Министерот за надворешни работи на СР Германија Хајко Мас, го поздрави постигнатиот договор со Грција за името и изрази надеж дека во иднина и одлуките кои ќе бидат во однос на НАТО и ЕУ ќе бидат јасен сигнал за граѓаните на Мaкедонија.

– Се надевам дека во вашата земја ова решение ќе биде добро примено од граѓаните. Ние ќе продолжиме и понатаму да го поддржуваме тој процес, изјави Мас на заедничката прес-конференција во Берлин со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров.

Посочи дека ова прашање е одлучувачко за европските и за германските интереси.

– Во Македонија изминатите години има импресивен процес на реформи и кој, исто така, сега покажува резултати во самата земја и заслужува да добие признание од целата Европска унија. Затоа ве поддржуваме да покажувате решителност и понатаму и да ги остварите потребните реформи, рече Мас.

Изрази надеж дека во иднина и одлуките кои ќе бидат во однос на НАТО и ЕУ ќе бидат јасен сигнал за граѓаните на Македонија и ќе потврдат дека ќе се оди понатаму во правец на европската перспектива.

– Не сакаме некои други некои сили да ги остваруваат своите планови во вашиот регион. Ние веруваме во европската перспектива која е во корист на целиот регион, изјави Мас.

На новинарско прашање дали е подготвен да лобира за помош за придвижување на евроинтеграцискиот процес на Македонија, Мас, рече дека се апсолутно подготвени.

– Уверен сум дека позицијата на Владата ќе биде прифатен од Парламентот, како и од нашите холандски и француски пријатели со кои интензивно ќе разговараме во следните денови за да дојдеме до заедничка позиција, рече Мас.