Македонски народ, јазик и историја се есенцијата што во целост треба да се зачува во рамката

1574
Фото: Игор Бансколиев

Некогашното наше верување дека овие прашања се апсолвирани во актите на меѓународното право и поредок се покажа како погрешно. Прво затоа што ЕУ, и покрај општоприфатените универзални принципи на своето создавање и постоење, преточени во акти на правото, применувани како заеднички политики на економски и надворешен план, сепак изгледа дека остана унија на национални држави со парцијални внатрешни (на членките) интереси. Тоа е барем јасно во дел од заклучокот што засега би можел да се извлече од примерот на ЕУ-третманот кон Македонија. Постојат и низа други причини, можеби уште посуштествени…

Позицијата на Бугарија ги дезавуира принципите на кои е изградена ЕУ, а имплементацијата на бугарските барања ќе значи ништовност за (нашата) преговарачка рамка

 

Колку и да е апсурдно една држава, народ, со своја национална историја во 21 век да биде ставена во позиција да треба да се бори и да ги докажува своите белези, засебност и самобитност пред меѓународната заедница и пред меѓународното право за своето цивилизациско право на идентитетско самоопределување, сепак тоа е политичката реалност и апсурд со кој се соочува Македонија со децении. И пред пошироката меѓународна заедница и мултилатералните светски и европски институции, засновани и на утврдените принципи на меѓународното право, но и на своите односи со соседите.

Дали треба да нѐ загрижува индикаторот за попустливоста на ЕУ кон своите членки и за премолчноста кон легалитетот и правдината?

Нашето некогашно верување дека овие прашања се апсолвирани во актите на меѓународното право и поредок се покажа како погрешно. Прво затоа што ЕУ и покрај општоприфатените универзални принципи на своето создавање и постоење, преточени во акти на правото, применувани како заеднички политики на економски и надворешен план, сепак изгледа дека остана унија на национални држави со парцијални внатрешни (на членките) интереси. Тоа е барем заклучокот што засега би можел да се извлече од примерот на ЕУ-третманот кон Македонија. Во таков контекст, дополнет со принципот на заедничко консензуално одлучување во ЕУ до постигнување едногласна одлука, создаден е поволен терен за потхранување на националните атавизми на соседните земји во однос на македонските аспирации за членство во Унијата. Иако во дел од македонската јавност се прифаќа реториката дека со билатералните договори со соседите Бугарија и Грција се затворени национално-идентитетските прашања за Македонија, политичката практика покажува дека тие секогаш (ќе) се активираат со секое приближување на земјата до својата стратегиска цел за европско интегрирање. Зошто ЕУ замижува пред ваквите непринципиелни инсистирања на својата членка?

Може ли со измислици, лаги и историски познати претензии, завиткани во обланда на услови и барања, Бугарија да ја „превесла“ и ЕУ

Последната „гласна дебата“, минатава седмица во Брисел, на состанокот на кој земјите-членки разговарале за предлог-преговарачката рамка за Македонија, повторно ја исфрли познатата реторика на бугарските политичари на негирање на македонскиот народ, јазик и историја, придружени со отворени закани за блокирање на процесот на преговори. Ниту принципите на меѓународното право (кои започнуваат токму со правото на самоопределување,) вградени во билатералниот добрососедски договор на двете земји и на кои се втемелени сите акти на телата на ЕУ, воопшто не придонесуваат бугарските политичари своите закани барем да се обидат да ги стават во некаква дипломатска обланда. Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов и европратеникот Андреј Ковачев отворено инсистираат на вградување како услов во преговарачката рамка за Македонија своевидно откажување од лингвистичката посебност на македонскиот јазик и прифаќање на бугарската историја како „заедничка“.
– Во 21 век во Европа правото на самоопределување и самоизјаснување не може да биде спорно. Прифаќањето на минатото, но и на сегашноста, еден благороден процес што го почнавме со Бугарија, мора да се темели токму на ова право, како за хероите од минатото што се од големо значење за двете страни, така и за денешните генерации. Договорот зборува за заемно почитување и пријателство. Зборува за помош од страна на Софија на патот на С Македонија кон членството во ЕУ. Тоа е одговорна и зрела политика, тоа се европските вредности. Изјави што можат да предизвикаат навреди или вознемиреност кај соседите не помагаат. Историјата ќе нѐ памети според тоа како сме се однесувале кон иднината – реагираше на ваквите бугарски изјави македонскиот вицепремиер за евроинтеграции, Никола Димитров.

Реакции од нашето МНР

Со слична порака реагираше и македонското министерство за надворешни работи, истакнувајќи дека „за сите евентуални разлики по одредени прашања, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е токму рамката за решавање на долготрајните билатерални разлики во толкувањето на историските прашања што ги оптоваруваат односите помеѓу двете земји, со децении“.
– Република С Македонија, како и досега, ќе продолжи со засилена комуникација и консултација на политичко ниво со Република Бугарија и со сите релевантни чинители во ЕУ-контекст, при што клучната порака ќе биде дека беше започнат исклучително важен и сложен процес на дијалог, кој претполага зближување и градење пријателство, низ заемно почитување, како две соседни европски држави. Во оваа смисла, почитувањето на идентитетот и достоинството, европските интеграции и добрососедските односи се целосно комплементарни и заемни интереси – се вели во соопштението од македонското МНР.
Дали ваквата „дипломатска“ комуникација меѓу двете соседни земји предупредува дека еден од главните предизвици за Македонија во процесите на евроинтеграција ќе бидат докажувањето и зачувувањето на македонскиот народ, македонски јазикот, македонската историја?!

Нѐ чека борба Давид против Голијат

– Во основа, Македонија како земја кандидат, но и со оглед на нејзините карактеристики на релативно мала земја, која доаѓа од проблематичен регион експлоатиран низ геополитичките проекции, го прави нејзиното влијание незначително во однос на креирањето на политиките и практиките на ЕУ. Секоја драматизација поврзана со евентуалните успеси на евроинтегративниот пат е исклучиво за внатреполитичка употреба и многу ретко излегува како влијание во рамките на регионот или пошироко кон Унијата. Од друга страна, одолжувањето на започнувањето на преговорите е прашање што е поврзано со долгорочни интереси на европската бирократија, која го создаде „Западен Балкан“, како симболичко гето и вечна чекалница, од која може, со извесни суштински концесии на штета на нивните национални интереси, да излезат единствено Србија и Црна Гора. За жал, јас генерално сум реалистичен песимист кога се работи на можноста Македонија во блиска иднина, но и во следните декади, да стане членка на Унијата. Од друга страна, континуираното ретерирање во однос на заштитата на стратегиските и националните интереси на државата ги прави Македонија и сетот национални прашања на македонскиот народ уште поподложни на притисоци – прави кратка анализа на македонската европерспектива Страшко Стојановски, професор на Правниот факултет при УГД – Штип.
Меѓу другото, професорот Стојановски излегува со сериозно предупредување пред македонската јавност, притоа предупредува на опасноста што ја насетува, апелирајќи до надлежните да обрнат внимание и да инсистираат на форма и содржина во преговарачката рамка што ќе бидат многу умно и педантно составени и во кои во ниеден момент нема, ниту со скриен „дипломатски вокабулар“, да бидат загрозени постоењето на македонскиот јазик, народноста и вековната македонска историја, како што е направен пропуст во деловите на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.

– Во неможноста да се спроведат суштински внатрешни реформи во иднина, владите многу полесно се вртат кон лесни концесии кон соседите, а со цел да се покаже некаков напредок на евроинтегративниот пат. Ова до толку би ги амортизирало билатералните договори со Бугарија и со Грција, што за десетина години ќе произведе потреба од нови договори, во кои, за жал, нема да има место ниту за македонски јазик, ниту за македонски народ или идентитет. – предупредува професорот Страшко Стојановски.
А ова сценарио треба да се има предвид да не се случи.
Македонија мора да даде сѐ од себе да влијае на креирањето на преговарачката рамка за членство во ЕУ. Она на што секогаш има право е да се повика на почитувањето на меѓународното право и основните принципи на ЕУ, во кои се подразбира правото на самоопределување и самоизјаснување. И ЕУ мора да го има предвид ова, бидејќи загрозувајќи ги овие начела и принципи, самата генерира длабока иреверзибилна криза на своето постоење.