Македонски или европски стандарди, што ќе преовлада

638
Фото: Игор Бансколиев

Влијанието на политиката во оваа статистичка операција е повеќе од очигледно, така што примената на европските стандарди е повеќе козметичка одошто суштинска. Колку што е воздухот десетпати позагаден кај нас од градовите во Европа, толку се далеку нашите пописни стандарди од европските, тврдат илустративно аналитичарите

ПОПИСОТ ВО МАКЕДОНИЈА СО МНОГУ НЕПОЗНАТИ

Пописот на населението и добрата во земјава треба да се одржи во април, по речиси дведецениско одложување, со најава дека тој ќе биде спроведен по највисоки европски и меѓународни стандарди, иако, според актуелниот текст на предлог-законот за попис што веќе е во собраниска процедура, повеќе од очигледни се македонските стандарди.
Имено, влијанието на политиката во оваа статистичка операција е повеќе од очигледно, така што примената на европските стандарди е повеќе козметичка одошто суштинска, тврдат аналитичарите.
Колку за илустрација, меѓународна препорака при спроведувањето на пописите е утврдување задолжителни и незадолжителни пописни теми, врз основа на релативното значење и релевантноста за нивното вклучување во пописната содржина.
Задолжителните теми се сметаат за суштински, бидејќи со нив се обезбедуваат клучните информации за населението и живеалиштата потребни за креирање развојни политики, додека со незадолжителните теми се дооформуваат некои проекции.
Во групата задолжителни теми се: локацијата на местото на вообичаено живеење на населението што треба да се попишува, локацијата на живеалиштето, полот, возраста, законскиот брачен статус, де факто брачен статус, статусот на работната сила, занимањето, гранката на економска дејност и економскиот статус за вработените лица, локацијата на работното место, нивото на образование, земјата на раѓање, земјата на државјанство, престојот во странство и годината на доаѓање во земјата, претходното место на вообичаено место на живеење и датумот на пристигнување во сегашното место и др.

Во групата незадолжителни теми се: локацијата на училиштето, видот на работното место, приходот на домаќинството, писменоста, стекнатото државјанство, земјата на претходно вообичаено место на живеење, вкупното времетраење на престојот во земјата, местото на вообичаено живеење пет години пред пописот, етнокултурните карактеристики (етничка припадност, религија и јазик) и др.
Проблем е што во предлог-законот за попис голем дел од овие препораки е модулиран во согласност со политичките потреби и не одговара на меѓународните стандарди.
Најпрво, европски стандард е однапред да е позната методологијата врз чија основа ќе се одвива пописот, но тоа кај нас не е случај, туку методологијата дополнително ќе се утврдува откако законот за попис ќе биде изгласан во Собранието.
Покрај тоа, меѓународните препораки се прекршени во членот пет од предлог-законот, кој прецизира дека ќе се попишуваат државјани на РСМ без разлика дали се во земјата или се во странство, а европските стандарди велат дека е потребно да се попишат лицата со локација во земјата, односно нивните домаќинства и живеалишта.
Во согласност со европските стандарди е да се попишат и лицата без државјанство што во моментот на пописот се затекнале во земјата, но тие да не се вбројуваат во категоријата вкупно население, додека во македонскиот предлог-закон не е прецизирано како ќе се бројат овие лица, поради што постои сомнеж дека и тука е можно да има политичко влијание за нереално зголемување на бројот на населението.
Меѓународните препораки за етничката и религиозна припадност се одговорите да бидат добиени со слободно самоизјаснување, додека кај нас под знак прашалник е дали воопшто ќе има вакво изјаснување.

Според меѓународните стандарди за попис на населението, во вкупно население не се пресметуваат државјаните што престојуваат во странство повеќе од една година, додека кај нас ќе се овозможи и тие лица да бидат попишани.
Европските и меѓународните стандарди утврдуваат и прецизно дефинирање на институциите од кои ќе се црпат податоците за лицата при пописот, додека во македонскиот случај ниту тоа го нема, односно само се наведува дека податоци ќе се собираат и од институциите, без да се каже кои институции и кои податоци.
Во рамките на европските критериуми е предвидено постпописно истражување, но во предлог-законот за попис што е во собраниска процедура нема ваква опција, туку веродостојноста на пописните податоци ќе се аминува со потписите на првиот и вториот човек на Државниот завод за статистика, што повторно отвора сомнеж за политичко влијание и можност пописот да пропадне ако некое од овие лица не го потпише завршниот документ.
Во согласност со дел од наведените споредби, поклопувањата со европските и меѓународните стандарди во најголем дел се во делот на општите податоци што ќе немаат рефлексии врз политичката ситуација во земјава, така што без оглед на тврдењата дека станува збор за статистичка операција по европски стандарди, сепак во заднина се случува политичка операција по адаптирани стандарди во согласност со партиските политики.

Некои од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека Македонија е далеку од спроведување попис според европски и меѓународни стандарди.
– И блиску сме и далеку од европските стандарди во пописот. Во одредени елементи, особено во прифаќањето одредени техники и слично доста сме блиску, но не исполнуваме некои од базичните стандарди што се предвидени во ЕУ-регулативата, а кои треба да обезбедат споредливост на нашите податоци со податоците што се собираат на ниво на ЕУ-државите. На тоа предупредуваше и уште порано ни укажа Евростат, дека одредени елементи, одреден начин на попишување на граѓаните доведува до ситуација ние да добиваме резултати што дефинитивно не можат да бидат споредени и употребени на ниво на ЕУ-анализите и тоа е содржано во одделни документи што се усвоени во ЕУ – вели проф Мирјана Најчевска.
Таа прецизира дека тоа особено се однесува кои категории луѓе се попишуваат, кои генерални прашања се поставуваат и кои елементи се очекува да се добијат од пописот, а кои се поврзани со заедничките потреби на ниво на ЕУ.
За Александар Тортевски, адвокат и политички аналитичар, Македонија е далеку од европските стандарди во врска со пописот.

– Принципот на врзани садови дејствува во целата работа со пописот. Колку што е далеку Клиничкиот центар од европски клинички центар, толку е далеку и ова. Колку што се далеку екологијата и депониите што ги имаме од Европа, толку е и ова. Колку што е воздухот десетпати позагаден кај нас од градовите во Европа, толку се далеку нашите пописни стандарди од европските – вели Александар Тортевски, адвокат и аналитичар.
Според него, со два врзани потписи не може да се спроведува попис, а најмалку европски.
– Штом на крајот целата операција зависи од тоа дека двајца луѓе треба да се согласат да ги потпишат резултатите, а ако еден не се согласи, тогаш пописот не важи, што да се каже на тоа. Станува збор за егзактна наука што ги регулира тие работи, а кај нас се внесува политика – нагласува Тортевски.
Тој уште додава дека повторно ќе треба да дојде некој однадвор да ни ги средува работите кога самите не можеме да си ги средиме.
– Повторно ќе дојде некој однадвор и ќе рече ајде потпишете, најдете се тука, толку ве има, волку ве има и завршена работа – заклучува Тортевски, уште еднаш нагласувајќи дека сме далеку од европските стандарди за попис.


По­пи­сот е шан­са и ос­нов­на пој­дов­на точ­ка да се на­пра­ват це­лос­но оп­штес­тве­но ре­стру­кту­и­ра­ње и ре­фор­ми за вр­те­ње но­ва стра­ни­ца во раз­во­јот на др­жа­ва­та. Во таа на­со­ка, оби­ди­те за по­ли­тич­ко та­кти­зи­ра­ње, оп­стру­и­ра­ње или фин­ги­ра­ње на це­ла­та опе­ра­ци­ја и број­ки­те се не­доз­во­ли­ви и прет­ста­ву­ва­ат се­ри­о­зен ри­зик за ид­ни­на­та на др­жа­ва­та. Трг­ну­вај­ќи од зна­че­ње­то на по­пи­сот ка­ко нај­го­ле­ма и нај­важ­на ста­ти­стич­ка опе­ра­ци­ја, „Но­ва Ма­ке­до­ни­ја“ во след­ни­те де­но­ви, пре­ку се­ри­ја ана­ли­тич­ки тек­сто­ви, ќе се оби­де да про­дре во су­шти­на­та на це­ла­та проб­ле­ма­ти­ка и да по­ну­ди од­го­во­ри на си­те отво­ре­ни пра­ша­ња по­вр­за­ни со по­пи­сот, кон­сул­ти­рај­ќи се со вид­ни екс­пер­ти и исто­вре­ме­но пра­веј­ќи спо­ред­бе­ни ана­ли­зи на ме­ѓу­на­род­ни­те искус­тва, про­пи­си и стан­дар­ди


Собраниски расправања за предлог-законот

Вчера продолжи собраниската расправа за предлог-законот за попис, во чија рамка пратениците од власта и опозицијата ја продолжија дебатата за потребата од одржување, односно одложување на пописот.
Имено, пратениците од владејачката СДСМ тврдат дека станува збор за чиста статистичка операција и дека државата има потреба од попис за да креира соодветни развојни политики за следната декада.
– Целосно нејасно е зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се противат за законот, освен ако целта не им е намерно да го проблематизираат одржувањето на пописот за државата и натаму да нема податоци што се важни за креирање среднорочни и долгорочни политики и стратегии – изјави пратеничката на СДСМ, Лидија Тасевска.
За пратениците од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, власта го турка пописот само поради коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ, со единствена цел да се фалсификуваат податоците.
– Нема попис во кој може да се има доверба кога власта ги одби сите забелешки од опозицијата. Со ова однесување се покажа само колку насилнички се однесува власта. Попишување без никакви докази, со диктирање матични броеви и врзани потписи нема никаде во светот, тоа може да им одговара само на коалициските апетити на расипничката власт и ништо друго – посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.