Македонските песни побугарени одат во Европа

998

Политичката стратегија што официјална Софија ја спроведува долгорочно, без оглед која партија е на власт, е мошне широка и се одразува на многу полиња. Има низа примери со кои се присвојуваат и народните песни, приказни, јадења, фолклор и преку една агресивна кампања низ светот нашето изворно македонско наследство се претставува како бугарско…

Апетитите на Бугарија не престануваат само со јазикот и историјата

 

Неизвесно е одржувањето на првата владина седница меѓу Македонија и Европската Унија во декември, откако соседна Бугарија се закани дека ќе го блокира целиот процес доколку не биде најдено решение за македонскиот јазик и историја.
Но ова што денес се случува е само резултат на процес што се случува подолго од половина век и кој очигледно ќе се случува до полноправното зачленување на Македонија во ЕУ, кога и да се случи тоа.
Имено, Бугарија континуирано го негира постоењето на македонскиот народ, претставувајќи го населението во денешна Македонија како неосвестени Бугари, а јазикот како дијалект на бугарскиот. На тоа се придодава и присвојувањето на историските личности, од сесловенските просветители Кирил и Методиј, па до македонските револуционери Гоце Делчев, Даме Груев и другите.
Но покрај политичката стратегија што официјална Софија ја спроведува, без никакви отстапки без оглед која партија е на власт, во заднина се одвива и друга стратегија со која се присвојуваат и народните песни, приказни, јадења, фолклор и преку една агресивна кампања низ светот се претставуваат како бугарски.

Тоа особено е забележливо во музиката, при што Бугарите си присвоија голем дел од македонските изворни песни, а оваа практика ја продолжија и со новосоздадените македонски песни.
Ваквата стратегија Бугарија ја спроведува преку моќните продукциски куќи, кои масовно ги снимаат и дистрибуираат ваквите „позајмени“ македонски песни на европскиот музички пазар и ги пласираат како бугарски производ, избегнувајќи да го наведат името на авторот на песната.
За повеќето македонски интерпретатори државата е главниот виновник за она што се случува со крадењето на македонските песни во Бугарија, бидејќи изминатите три децении не нашла за потребно да седне заедно со бугарската страна и да го регулира овој проблем.

– Немаме ние касетна продукција како што имаат Бугарите. Тоа е цела индустрија кај нив направена. Ние овде немаме продукциска куќа, освен приватни студија што има и кои се грижат само за нивните производи. Нашите цедеа не се продаваат надвор во Европа, а Бугарите за секоја песна имаат снимено и спотови и се вртат на регионалните канали. Тие дури ги ставаат нашите песни и на нивните фестивали и тие песни победуваат – вели Виолета Томовска, доајенка на македонската забавна и народна музика.
Таа додава дека за заштитата на песните треба да ја направи нашето министерство за култура.
– Министерството за култура треба да има потпишано договори со балканските земји, како и со другите земји во светот, за да може секаде каде што се емитува нашата песна таа да биде заштитена, а нашите интерпретатори да си добиваат тантиеми. Од тука потекнува работата, ние како пејачи немаме никаква сила нешто да направиме… Ако песната е заштитена, тешко ќе може некој да ја претопи и да ја претстави како своја – нагласува Томовска.
Според неа, несфатливо е што нашиот фолклор го претставуваат други држави.
– Замислете „Ој Вардаре македонски“, „Бисер балкански“ ги снимиле Бугарите и тие се продаваат во светот како нивни. Потоа песни за Гоце, како и други патриотски песни, за сите наши војводи, сè е тоа снимено и освен на цеде, оди и со спот, а нашите песни се вртат само на Јутјуб и кој е мераклија ќе седне и ќе напише некое пофално зборче во коментарите. А гледам дека и на Јутјуб под многу наши песни се пишува дека се бугарски и слично – додава Томовска.

Со сличен став е и Андријана Јаневска, музичарка, која смета дека е потребно да се направи национална стратегија во врска со овој проблем.
– Треба да се направи национална стратегија со која ќе се заштитат македонските народни песни како наше национално богатство и културно наследство – вели Јаневска.
Таа додава дека на песната не можеш да ѝ забраниш да се пее, но проблемот е што овде веќе станува збор за присвојување.
– Познато е дека во овој балкански комплекс постои позајмување, се среќаваат фолклорни мотиви од многу народи и земји. На песната не можеш да ѝ забраниш да се пее, но проблемот е што овде веќе станува збор за присвојување. Кога македонските песни ги препејуваат Јапонци или Кинези не го сметаме тоа за закана, нели? Напротив, се гордееме што македонскиот фолклор се слуша низ целиот свет – појаснува Јаневска.
Според неа, најнапред, треба да се види кои се тие песни што се претставуваат како бугарски.
– Доколку се знае авторот на песните, тогаш авторот е тој што треба да реагира, како и ЗАМП каде што многу јасно е објаснето колку години важат авторските права и кога една песна се обнародува. Прашањето е дали можеби тие автори дозволиле песните да бидат препеани? За жал, јас како поединец истражувач не можам многу да направам. Можам да гостувам по емисии, да пишувам, да зборувам јавно и тоа е сѐ – констатира Андријана Јаневска, музичарка.

Особено револтиран од целата оваа ситуација со крадењето македонски песни и нивно претставување како бугарски е Ефто Пупиновски, чија незаборавна „Лихнида кајче веслаше“ стана голем хит во соседна Бугарија истовремено кога се појави и во Македонија, пласирана само како бугарска песна без да се наведат македонските автори на музиката и текстот.
– Оштетен сум со две песни што се препеани на бугарски. Има и редица други пејачи од кај нас, така е случајот со една патриотска песна што ја пееше Војо Стојановски, тие ја препеале. Потребно е да се разговара на ниво на министерства и да се најде решение. Бугарија е држава од ЕУ, треба да функционира правото таму. Има редица песни што се украдени и се препеани на бугарски и никому ништо. Ние од овде како поединци не можеме ништо да направиме – вели Пупиновски.
Тој се согласува дека Бугарија има моќна музичка продукција преку која македонската авторска музика се претставува како бугарска низ Европа.
– Нашата држава еднаш треба да застане на здрави нозе и да искаже став. Мене повеќе ме загрижува индиферентниот однос на нашиот народ. Народот го нема, тој треба да го крене својот глас – истакнува Пупиновски.
Според него, ако би имало организиран настап може да се направи нешто за да се спречи оваа појава со претопувањето на песните.
– Ако бидеме порешителни во одбраната на своите права, тогаш и Европа ќе биде позаинтересирана за нас бидејќи во нејзин интерес е тука да има стабилност – подвлекува Пупиновски.

За Наум Петрески присвојувањето на македонските песни и нивно претставување како бугарски не е нова работа и трае долго време, најмногу поради индиферентниот однос на државата.
– Државата нема ништо направено за нашата музика во овие речиси 30 години самостојност. Таа нема со прст мрднато да ја заштити македонската музика и затоа дел од композиторите им дозволуваат на бугарските пејачи да ги препеат тие песни и за возврат добиваат некоја паричка. Некои го прават тоа и без дозвола, а ние како пејачи не сме моќни да направиме нешто. Мене ми се препеани 100 песни и што да правам, да се тужам приватно? Ништо нема да добијам – вели Петрески.
Според него, државата подарила сè, вклучувајќи го и фолклорот.
– Се брише сè што е македонско – истакнува Петрески.