Македонскиот јазик влезе во ЕУ

484
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експлицитното наведување на македонскиот јазик, без никакви фусноти и дообјаснувања во текстот на објавата како претходно, во македонската јавност е дочекано како потврда дека ЕУ и де факто и де јуре го стави македонскиот јазик рамо до рамо со другите јазици што официјално се користат во Унијата

ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЈА ИЗРАБОТИ ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА ЗА МАКЕДОНИЈА

Со почетокот на германското претседателство со ЕУ, на 1 јули годинава, Европската комисија ја испрати предлог-верзијата на преговарачката рамка за Македонија до Европскиот парламент и сега се очекува таа да биде разгледана и прифатена од сите земји-членки на Унијата. Со оглед на разочарувачките искуства во изминатите години околу ветувањата за започнување на процесот на преговори за членство во ЕУ и неизвесноста за оваа долгоочекувана одлука на Европската комисија, во Македонија предлог-верзијата на преговарачката рамка се дочекува како важен сигнал за сериозноста на Унијата за нашите евроинтеграции, но секако со доза претпазливост.
– Уште еден важен чекор за С. Македонија на патот кон ЕУ. Европската комисија го испрати предлог-документот на преговарачката рамка во Европскиот парламент на разгледување од страна на земјите-членки – напиша на Твитер евроамбасадорот Самоел Жбогар, по информацијата дека ЕК го заклучила текстот на преговарачката рамка и му го предала на Советот на ЕУ.

Внимателноста во очекувањата за започнување на преговарачкиот процес и понатаму треба да биде присутна, со оглед на документот што Бугарија го предложи уште во март, во кој се наведени услови за ограничување на употребата на македонскиот јазик во комуниккацијата со ЕУ (и други барања од историски карактер), како своевиден услов за нивната подршка и прифаќање на предложената преговарачка рамка.
– Ова е само нацрт-верзија и моето очекување е до октомври да биде прифатен финалниот текст. Добро е што ова се случува во време на германското претседателство, кои се големи поддржувачи на нашиот европски пат. Сепак, се работи за нацрт-верзија, што е основа врз која земјите-членки ќе ги изнесат своите национални ставови и потоа рамката ќе се носи со консензус. Потоа се очекува да биде закажана и заедничка меѓувладина седница – изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, по повод објавувањето на преговарачката рамка.

Особено внимание во јавноста предизвика пасусот од објавата за предлог-преговарачката рамка, во која се посочува дека Македонија ќе мора да го преведе заедничкото европско право (acquis communautaire) на македонски јазик пред официјалното зачленување во Европската Унија. Експлицитното наведување на македонскиот јазик, без никакви фусноти и дообјаснувања во текстот на објавата, во македонската јавност е презентирано дека ЕУ и официјално го прифати македонскиот јазик, и покрај бугарскиот анекс- документ на одлуката за почеток на преговори.
– Како прво, Европската Унија не е институција што признава или не признава јазици. Но сепак, јасната употреба на терминот македонски јазик во нацрт-преговарачката рамка е сигнал од Европската комисија дека застанува на некои свои линии од Преспанскиот договор и дека ја прифаќа реалноста на постоењето на македонскиот јазик. Сепак, не треба да очекуваме дека бугарската страна ќе се откаже од своите барања, иако можеби по вака изразената позиција на ЕК, ќе биде потешко да го стори тоа. Но секако ќе користи други инструменти што ѝ се на располагање како членка на ЕУ да оствари нешто од своите максималистички барања спрема Македонија, за кои и самата Бугарија веројатно не очекува сите да бидат прифатени – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики во Скопје.

Во однос на некои други согледувања за предизвиците на преговарачката рамка, Кацарска вели дека сѐ уште не може да се даваат релевантни оцени, со оглед дека станува збор за нацрт-верзија, на која сите земји-членки имаат можност да интервенираат, во што ја гледа и можноста за првични опструкции, пред сѐ од соседите на Македонија.
Сепак, директорката на ИЕП цени дека македонската преговарачка рамка е покомплексна од оние на Србија и на Црна Гора, пред сѐ поради принципот на реверзибилност воведен со новата методологија за преговарање на ЕУ, а и поради соседските договори (со Грција и Бугарија), кои, според очекувањата, исто така се наведени во рамката.
Марко Трошановски од институтот за демократија Социетас цивилис, смета дека најважниот сигнал што го дава објавувањето на нацрт-рамката за преговори е тоа што потврдува дека во ЕУ се сериозни во однос на намерите за македонските евроинтеграции.

– Објавувањето на нацрт-рамката за преговори е конкретен чекор од ЕУ за нашите евроинтеграции, а не е само некаква бирократска формулација како минатата година, со која се одложи почетокот на преговорите за Македонија и се создаде недоверба во искреноста на европските намери. Рано е да се зборува за предизвиците што нѐ очекуваат со оваа рамка, бидејќи сѐ уште таа не е во својата финална верзија. Споменувањето на македонскиот јазик во објавата за преговарачката рамка, од една страна значи дека позицијата на ЕУ е поблагонаклонета кон прифаќањето на реалноста за постоењето на македонскиот јазик (која не може да се игнорира), но тоа секако не значи дека во понатамошното финализирање на рамката таа нема да биде проблематизирана од бугарската страна – вели Марко Трошановски.

Во поглед на евроинтегративните перспективи и премрежиња што ја очекуваат Македонија по објавувањето на преговарачката рамка, поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски смета дека тие нема да бидат лесни, ниту без сопки од соседите.
– Самата рамка на ЕК за преговори со Македонија, ништо не гарантира. Таа е само почетна основа за која сѐ уште не знаеме што сѐ содржи. Второ, таа сега оди на одобрување кај сите членки на Унијата, и тука започнуваат опасностите за нас. Да нагласиме – започнуваат! Главниот проблем за нас ќе бидат самите преговори, кога ќе наидуваме на сопките од нашите соседи. Самото споменување на македонскиот јазик во најавата ништо не значи, бидејќи Брисел не може тукутака да го игнорира – вели Ристо Никовски.


Грците вознемирени од акронимот МКД

Грчкиот весник „Прототема“ пишува за вознемиреноста кај јужниот сосед од настојувањата на македонската страна за избегнување на користење на додавката на името Македонија, наметната со Преспанскиот договор.
Како пример се посочуваат преговорите меѓу министерствата за одбрана на двете држави за изработување на Програмата за воена соработка за 2020 година.
– Што се однесува до потпишувањето и спроведувањето на Програмата за воена соработка за 2020 година (СФП) со Северна Македонија, официјалното здружение на Скопје изјави за ненадејната промена на ставот на оваа земја и конкретно дека се обидува да го користи акронимот МКД (Македонија) наместо РНМ (Република Северна Македонија) – објавува „Прототема“.
Во доверлива и итна телеграма до централната канцеларија на Министерството за надворешни работи на Грција, грчкиот амбасадор во Скопје, Димитрис Јананакис, истакнува дека Европејците не споделуваат грчки аргументи за потребата од употреба на кратенката РНМ.