Македонската националност и јазикот – трн во око на грчката опозиција

249

И покрај намерата на претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис за брза ратификација на спогодбата од Преспа, не стивнува шпекулацијата дека опозициската Нова демократија ќе поднесе иницијатива за гласање недоверба на Владата, со што ратификацијата би се одложила барем за 48 часа

Пленарната расправа за спогодбата од Преспа во грчкиот парламент, како во Грција така и во Македонија, се следи со висок степен на заинтересираност и исчекување. Иако меѓународните поддржувачи на спогодбата, како и носителите на целиот проект во Македонија и во Грција – премиерите на владите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас, не отстапуваат од намерата целиот процес да се доведе докрај со ратификација на Преспанскиот договор во грчкиот парламент до вечерва на полноќ, грчката опозиција, пак, вчера во попладневните часови сѐ уште беше решителна да ги употреби сите средства за одложување на гласањето и да ја искористи секоја можност за опструирање на кревкото мнозинство што го собра премиерот Ципрас.

Имено, на почетокот од расправата за ратификација на спогодбата од Преспа за збор се пријавија 205 од 300-те пратеници, колку што има грчкиот парламент, а обраќање имаа и координаторите на пратеничките групи, министрите во Владата и лидерите на политичките партии. Претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис најави дека дискусијата, наместо предвидените 28, може да трае и повеќе од 32 часа, доколку не се случи нешто непредвидено, но додаде дека нема промена на одлуката гласањето да биде вечерва.

Наспроти оваа намера на претседателот на грчкиот парламент, не стивнува ни шпекулацијата дека опозициската Нова демократија ќе поднесе иницијатива за гласање недоверба на Владата. Евентуалната иницијатива за гласање недоверба на Владата би ја поддржале и лидерите на Река и на Независни Грци, Ставрос Теодоракис и Панос Каменос.

Според грчкиот устав и деловникот на парламентот, доколку биде донесен предлог за гласање недоверба, тогаш расправата што е во тек се прекинува и во рок од 48 часа парламентот треба да го започне процесот за гласање недоверба, кој трае максимум три дена и завршува со гласање. Потоа ќе продолжи расправата што претходно беше прекината, односно расправата за ратификација на спогодбата од Преспа. Со тоа само би се одложило гласањето за ратификацијата, кое, наместо вечерва, би се одржало најдоцна во понеделник, во зависност од тоа кога би била доставена иницијативата и кога би започнала расправата за недоверба.

Владата на Ципрас веќе „преживеа“ едно гласање доверба во грчкиот парламент, пред десетина дена, кога беше манифестирано минималното мнозинство од 151 пратеник, за кое се очекува барем да се повтори при гласањето за ратификација на спогодбата од Преспа.