Македонската и грчката опозиција не се на линија со Заев и со Ципрас

131

Најголемите опозициски партии во Македонија и во Грција протестираат и реагираат поради, како што велат, нетранспарентноста на преговорите и можните решенија што се навестуваат

За преговорите и договорот околу името меѓу Македонија и Грција има одредени технички проблеми, кои треба да се решат меѓу двете страни. Штом тие ќе се отстранат ќе се случи телефонскиот разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас, изјави завчера премиерот Зоран Заев. Во меѓувреме, и македонската и грчката опозиција протестираат и реагираат поради, како што велат, нетранспарентноста на преговорите и можните решенија што се навестуваат.

– Знаете јас уште на самиот почеток сум оптимист, не би сакал да давам детали. Верувам дека ќе го најдеме решението, но штом се отстранат овие технички прашања веднаш ќе се случи телефонскиот разговор и верувам дека во најбрз можен рок можеме да го објавиме сето тоа што е договорено, за да ги процесираме понатаму самите постапки. Тоа треба да го пристигнеме навреме, пред Европскиот совет, бидејќи тогаш ќе се одлучува за добивање датум за почнување на преговорите за Македонија. Следните денови сме максимално фокусирани и посветени, се работи за договарање за членови од договорот, за детали што се важни, поради тоа што сега е време тие да бидат прецизно договорени – рече Заев.
Тој потврди дека и двете страни кога ќе го постигнат договорот околу името, неговото потпишување ќе се случи во Преспа, бидејќи, како што објасни, тоа е желба уште од Давос.
– Јас сум подготвен за тој разговор, знам дека е и тој подготвен. Секако, важно ни е како тоа ќе и го објасниме на нашата македонска опозиција за да има причина да ја повикаме да биде заедно со нас – наведе Заев додавајќи дека сепак, најважно е тоа да им се објасни на граѓаните на Република Македонија, но и на опозицијата и на граѓаните на Република Грција.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, пак, прексиноќа од митингот во Скопје повтори дека неговата партија нема да поддржи промена на Уставот заради промена на уставното име.

– Од ова појасен став нема. Историјата ќе суди кој бил во право. Ова е историски период за сите нас, крстосница на која се наоѓаме во нашето битисување и во нашата историја, се решава прашањето за името. Многумина го очекуваат нашиот став за овој проблем и јас овде пред вас немам друга опција освен да бидам искрен и отворен – рече Мицковски.
Тој обвини дека разговорите за името се водат тајно и нетранспарентно, а информациите за нивниот тек најчесто доаѓаат од грчките медиуми.
– Некој што е власт во земјата си игра со достоинството и го распродава евтино иако е бесценето. Заев кажуваше дека нема промена на Уставот и дека ќе го заштитат идентитетот. Како поминува времето, сега вели дека промената на Уставот не е промена на идентитетот. Се договара промена на името и сите ќе не именуваат со новото име. Ќе се направи непоправлива штета за која ќе нема назад – објасни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

И најголемата опозициска партија во Грција, Нова демократија, изразува несогласување со начинот на кој се водат преговорите за името и го обвинува Ципрас за нетранспарентност и за отстапување од националните интереси. Лидерот на партијата Киријакос Мицотакис смета дека Грција не треба да брза со решавање на спорот. Бара од Ципрас да не се согласи однапред за каков било договор што ќе му дава на Скопје датум за почеток на преговорите за интеграција во Европската Унија и во НАТО. П.Р.