Македонија чека добри вести од ЕУ

411
Фото: Игор Бансколиев

Во предвечерјето на носењето на одлуката за доделување датум за почеток на преговори за членство во ЕУ тензијата расте и кај домашната и кај меѓународната јавност. Наспроти сѐ уште присутната неизвесност за тоа каков ќе биде конечниот став на Париз, во Унијата постои неподелено мислење на сите дека Македонија заслужува датум

Во очекување на 15 октомври, денот што беше долгонајавуван, во кој земјава конечно требаше да го добие заслужениот датум за почетокот на преговорите со Унијата, Франција сѐ уште останува на ставот дека пристапните преговори за Македонија и за Албанија треба да се одложат додека не се воведе нова методологија во пристапниот процес. Ваквите информации беа актуелни вчера до доцна во денот, кога всушност сите очи на домашната јавност беа вперени во Брисел и Париз, во исчекување новости со кои требаше да се валоризира сработеното од македонска страна во насока на евроинтеграциите. Последните сигнали се дека, сепак, се очекува Франција да го омекне ставот и да ѝ се додели датум на Македонија, за што силно се залагаат другите земји-членки на ЕУ.Од друга страна, наметнувањето на темата за нова методологија на ЕУ за проширувањето на една недела пред состанокот, од кој, конечно, се очекуваше одлука, изгледа како наоѓање изговор за ново одложување, а не како искрена заложба за промена во процесот, коментираат некои од домашните познавачи на состојбите. Како што велат тие, иако заложбите за одложување на Париз не се во однос на сработеното на Македонија, туку тие се конкретни кон методологијата за реформирање на Унијата, сепак Брисел треба да направи отстапка и да ни додели датум во каква било форма.

Според поранешниот дипломат и амбасадор Ристо Никовски, одговорноста на Брисел кон Македонија е огромна и некаква одлука во таа смисла релативно поволна за нас не треба да се исклучи.
– Неоспорно е дека конечната одлука што ќе се случи на 17-ти и 18-ти ќе ја донесат в среда Макрон и Меркел, на вечерата што е закажана во Париз. Најважно ќе биде решението околу брегзит, барем за Унијата, а за нас се знае – тоа е датумот. Тоа потврдува дека главни мотори на Унијата се Париз и Берлин и дека сите приказни за некаква рамноправност се само залажување. Факт е дека Берлин ја поддржува Македонија, меѓутоа сосема е неизвесно дали Париз ќе се согласи со позицијата на Меркел и тоа ќе се знае дури в петок. Од друга страна, да не забораваме дека Македонија освен капитулацијата со името, многу малку има направено на планот со реформите, а веќе имавме изјави што нѐ обесхрабруваа максимално околу можноста да ги започнеме брзо преговорите. Сепак одговорноста на Брисел кон Македонија е огромна и некаква одлука во таа смисла релативно поволна за нас не треба да се исклучи – објаснува Никовски.

Слично размислува и професорот Лазар Лазаров. Според него, наметнувањето на тезата за некакваси нова методологија за пристап во ЕУ неколку дена пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ е нов изговор, кој не е насочен кон нас директно, но нѐ засега во однос на започнувањето на процесот што долго го очекувавме сите.
– Доколку Париз навистина сакаше да воведе нова методологија во пристапните преговори, за која деновиве отворено говори, тоа можеше да го каже уште во јуни минатата година, кога првпат беше одложена одлуката за преговори со Скопје и Тирана, или макар во јуни оваа година, кога повторно имаше одложување со образложение дека земјава има сигурен датум на 15 октомври. Наметнувањето на тезата за некакваси нова методологија неколку дена пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ е нов изговор за одложување на процесот, кој во исто време е непотребен, но тоа говори дека Унијата ќе биде подлежна на реформи и за кои не треба да се обвинува Македонија за сработеното. Како и да е, земјава повеќе од секогаш заслужува почнување на процесот за прием во ЕУ, што во исто време не значи наше членство во Унијата – истакнува Лазаров.

Во меѓувреме, вчера премиерот Зоран Заев изјави дека останува оптимист за добивање позитивна одлука од Европскиот совет за датум за преговори и верува дека на 17 и 18 октомври ќе има конечен одговор.
– Останувам оптимист поради тоа што ги имаме сите аргументи на светот да добиеме позитивна одлука од Европскиот совет. Не сакам ни да размислувам дали ќе добиеме датум. Петнаесет години чекавме, донесовме крупни одлуки, реформи, договорите се 100 отсто извршени, навистина сме пример за целиот регион. ЕУ не смее да си дозволи да го казни најдобриот на европскиот континент затоа што тоа е важно за ЕУ, за регионот, за следно мотивирање на лидерите што треба да наоѓаат решенија и да ги реформираат своите општества. Мислам дека чекориме во вистински правец и дека со одлуките на ЕУ ќе се потврдат нашите очекувања – изјави Заев.
За ставот на Франција, Заев вели дека Париз не е против нас, туку има многу легитимна намера да вгради нова методологија.

Во исто време, според одредени извори, многу веројатно финското претседателство со ЕУ ќе предложи отворање на пристапните преговори со Македонија, а во меѓувреме ќе се усвои нова методологија за преговори, на која инсистира Франција. Според истите извори, меѓувладината конференција би се одржала „најдоцна во првата половина од 2020 година“. Во новата методологија, која ќе се однесува за сите земји-кандидати за ЕУ, според нив, се предвидува реверзибилен процес, односно доколку земјата назадува во преговорите, повторно да се врати на поглавјето во кое не е забележан очекуваниот напредок. За предлогот на финското претседателство, според најавите, вчеравечер требаше да расправаат амбасадорите на ЕУ на т.н. КОРЕПЕР-состанок, но до затворањето на весникот не се знаеше дали предлогот ќе биде прифатен пред сѐ од Франција, која всушност бара најпрвин да се донесе новата методологија за процесот на проширување, а потоа да се додели датум за преговори за Македонија и за Албанија.

Во обид да ги задоволи француските барања, Финска во исто време најави дека во предлог-заклучокот како земја што претседава со ЕУ ќе побара и промена на пристапот во процесот на проширување, кој најверојатно ќе добие формална рамка од следната пролет.
За одлуката на Европската Унија околу тоа дали да почне пристапни преговори со Македонија и со Албанија во време кога блокот се соочува со голем број предизвици анализираше вчера и реномираниот магазин „Политико“ во авторската колумна на Томаш Петричек, Петер Сијарто, Јацек Чапутович и Мирослав Лајчак, министрите за надворешни работи на Чешка, Унгарија, Полска, односно Словачка.

– Македонија и Албанија нестрпливо го исчекуваат почетокот на следната фаза на интегративниот процес. Времето е погодно за донесување храбра одлука за иднината, не само на овие држави туку и на цел Западен Балкан, како и на ЕУ. Позитивна одлука што ќе испрати јасен сигнал дека ЕУ ги препознава конкретните резултати од исполнувањето на условите што таа ги постави. Тоа ќе му овозможи на регионот свеж поттик за понатамошни реформи и трансформација – се наведува во написот на европското издание на магазинот. Слично објавува и реномираниот магазин „Блумберг“, кој повикувајќи се на документи разменети помеѓу дипломатските мисии во Брисел, пишува дека балканските надежи за почнување пристапни преговори со Европската Унија се доведени во прашање, додека Франција инсистира дека блокот не е подготвен за можноста за прифаќање нови членки.

Магазинот понатаму пишува дека поддржувачите на проширувањето се убедени дека можноста за членство во ЕУ ќе го доближи дополнително проблематичниот регион до Западот, додека неможноста за давање датум за почеток на преговорите ризикува слабеење на реформаторските сили во Албанија и во Македонија.
Според германската агенција ДПА, евентуалната нова блокада ќе биде особено горчлива за Македонија, која се согласи да го промени името за да напредува во ЕУ-интеграциите. Но Берлин не е единствен што на францускиот потег гледа со неразбирање и лутина, пишува ДПА, дополнувајќи дека таквиот став го споделуваат и многу други земји-членки на ЕУ.

Инаку, Македонија е кандидат за членство во Унијата од 2005 година, а веќе десет години добива позитивна препорака од Европската комисија за отворање на пристапните преговори со ЕУ. Грција со години го блокираше овој процес условувајќи го со решавање на спорот за името. Македонскиот и грчкиот премиер во јуни 2018 година постигнаа компромис, по што Македонија и го смени името, со што се очекуваше дека откако е отстрането грчкото вето, вратите за евроинтегративниот процес се отворени. Во два наврата досега земјите-членки на ЕУ не успеаја да постигнат консензус за отворање на пристапните преговори за Македонија и за Албанија иако Европската комисија смета дека и двете ги исполниле неопходните услови за почеток на преговори. Министрите на последниот состанок во јуни донесоа заклучок со кој ветуваат дека одлука ќе биде донесена најдоцна до октомври годинава. Минатата година, пак, на самитот во јуни како краен рок за одржување на првата меѓувладина конференција беше најавено дека ќе биде до крајот на 2019 година.

[email protected]