Македонија со позитивни оцени од ГРЕКО

77

Македонија постигна значаен напредок во борбата со корупцијата, е наведено во најновиот извештај на ГРЕКО, телото на Советот на Европа што се занимава со мониторинг на антикорупциските стандарди во земјите. Со тоа, нашата држава направи голем исчекор напуштајќи ја групата на „глобално незадоволителни“ држави и зачекори кон исполнување на препораките на ГРЕКО од петтиот круг на евалуација. ГРЕКО на минатонеделната пленарна седница забележа значаен и суштински напредок во делот на исполнување на препораките во четвртиот круг на евалуација. Станува збор за 19 препораки за превенција во делот на корупцијата во парламентот, судството и обвинителството, од кои земјава нема исполнето само две. Целосно се исполнети девет препораки, а делумно осум препораки. Министерот за правда Бојан Маричиќ изјави дека Македонија е чекор поблиску до ЕУ, но сепак работата не завршува тука и има уште многу да се сработи. Тој истакна дека ГРЕКО го констатирала фактот дека последните два мандата министрите за правда не присуствуваат на седниците на Судскиот совет, како и дека со новиот закон за судски совет правото на глас на министерот за правда во ова тело е одземено.

Од Министерството за правда се преземени мерки за јакнење на независноста, департизираноста и интегритетот на судиите поротници што е констатирано и поздравено од ГРЕКО, а усвоен е кодекс за судска етика, водич за негова примена и формирано е тело за негова имплементација што е посебно поздравено од ГРЕКО, особено одредбите за забрана за примање подароци и услуги.Од новите 23 препораки, кои ГРЕКО ѝ ги упати на Република Македонија, девет се однесуваат на централната власт и 14 на органите за спроведување на законот, односно Министерството за внатрешни работи.