Македонија повторно ќе биде оставена сама на себе

748

Влијанието на меѓународниот фактор на домашен терен најчесто е изразено преку дејствувањето на дипломатските претставници, амбасадорите, секретарите во нивните ДКП задолжени за политика, економија, воени и безбедносни прашања и сл., кои многу често си земаат поголеми ингеренции во своето дипломатско дејствување отколку што е предвидено и одредено со Виенската конвенција. Таквото влијание со текот на времето прераснува во креирање и управување со политичкиот живот во земјата

Политичките и општествените превирања во комбинација со надворешните притисоци и предизвици во кои речиси перманентно се наоѓа Република Македонија, уште од времето на нејзиното осамостојување, се чини дека своевидна кулминација имаат во деновите по потпишувањето на Конечната спогодба за надминување на спорот за името на државата, потпишана со Република Грција. Оттогаш, 17 јуни 2018 година, Македонија живее со предизвикот на дилемата дали Преспанскиот договор е навистина „историска придобивка или историска загуба“ за националниот суверенитет, интегритет и идентитет.

Меѓу многубројните прашања за иднината со кои се соочува македонското општество по потпишувањето на Преспанскиот договор, битна нишка што се провлекува е недоумицата дали актуелната „историски пресвртна ситуација“ со која е соочена државата е резултат само на автентични внатрешнополитички решенија, или, пак, од пресудно значење е влијанието или можеби принудата од страна на меѓународниот фактор. Влијанието на тој меѓународен фактор на домашен терен најчесто е изразено преку дејствувањето на нивните дипломатски претставници, амбасадорите, секретарите во нивните ДКП задолжени за политика, економија, воени и безбедносни прашања и сл., кои многу често си земаат поголеми ингеренции во нивното дипломатско дејствување отколку што е предвидено и одредено со Виенската конвенција. Таквото влијание со текот на времето прераснува во креирање и управување со политичкиот живот во земјата, па и наведување на одредени решенија и одлуки, кои не секогаш се во интерес на државата и на народот каде што дипломатите се на должност. Тоа оди дотаму што на одредени амбасадори, особено оние на големите сили, им се припишува статус на државници што одлучуваат за судбината на земјата. Државите-домаќини, вклучувајќи ја и Македонија, по линија на помал отпор, го прифаќаат како соодветно и логично таквото однесување на претставниците на дипломатско-конзуларните претставништва, акредитирани и физички присутни во земјата-домаќин и им дозволуваат пристап во најчувствителните прашања и институции. Таквиот однос на земјите-домаќини им овозможува на амбасадорите да дејствуваат и пошироко од тоа што им го дозволува Виенската конвенција.

Меѓународниот дипломатски притисок во Македонија, со текот на годините, веќе воопшто не ни се прави дискретно, дипломатски, туку сѐ поотворено и поагресивно, што резултира со договори (како рамковниот, оној од Пржино и сега Преспанскиот) наменети за внатрешнополитичка употреба што ја менуваат и структурната основа на државата

Меѓународниот дипломатски притисок во Македонија, со текот на годините, веќе воопшто не ни се прави дискретно, дипломатски, туку сѐ поотворено и веќе влегува во сферата на дрскост, па дури и агресивност. Тоа резултира со договори (како рамковниот, оној од Пржино и сега Преспанскиот) наменети за внатрешнополитичка употреба што ја менуваат и структурната основа на државата.
Додека во земјава се спроведуваат дејства (јавни и заткулисни) за целосна реализација на Преспанскиот договор, поранешниот амбасадор на Австрија во Република Македонија (од 1997 до 2002 г.), Харалд В. Кочи, објави опсежна анализа во „Вишеград пост“, многу асоцијативно насловена „Конечно решение на македонското прашање“, во која, меѓу другото, се осврнува токму на дипломатските влијанија речиси во сите општествено-политички случувања во земјава.

– САД и нивните агенти во Брисел, како и НАТО и ОБСЕ, се мешаат две децении во внатрешните работи на оваа суверена држава, и тоа локално, преку нивните амбасадори, или директно, од нивните главни градови, така што на тој начин со право може да се опишат како нејзини квазигувернери. Поради овие мешања, долгогодишната политичка криза во балканската Република Македонија речиси ќе кулминира и во секој момент може да прерасне во насилни судири. На пример, како што беше нарачано од странство, нејзиниот парламент беше незаконски формиран за да ги искористи новите мнозински стапки за да состави влада без учество на претседателот на државата, т.е. на неуставен начин. Така почна сѐ.
Врз основа на резултатите од предвремените избори што се одржаа во декември 2016 година, овие тивки советници од странство сакаа да го принудат претседателот на Македонија да формира владина коалиција што ја сочинуваат етнички македонската партија Социјалдемократски сојуз и сите партии на етничките Албанци. Ова би значело одлучувачки чекор кон поделба на мултиетничката земја по јазичните граници.

Веќе три недели, дури повеќе од 150.000 луѓе од сите општествени слоеви и од сите етнички групи што живеат во оваа земја, со исклучок на Албанците, секојдневно протестираа во сите поголеми градови и села за неподелена Република Македонија, без разлика на нивното политичко убедување. На 21 март, 2017 година, над 50.000 луѓе излегоа на улица само во Скопје, главниот град на Македонија. Овие протести беа мирни, спротивно на хулиганските протести од претходната година, поттикнати од мрежата на Сорос, во кои беа оштетени јавните објекти, што може да се забележи и ден-денес. Оваа иницијатива, поведена од непартиска група на граѓани, уметници и интелектуалци, или едноставно се игнорираше од главните меѓународни медиуми или во нивните извештаи не се изнесуваа вистинските факти – анализира амбасадорот на Австрија, Харалд Кочи.

Сепак, тој смета дека, и покрај влијанието и мешањето во внатрешната политика на земјата и прекројувањето на тежиштето на политичката моќ од страна на меѓународниот фактор, Македонија сепак ќе остане сама на себе.
– Поранешниот германски амбасадор Клаус Шрамајер уште во 2005 година предвиде дека „етничките Македонци се свесни за сите свои предрасуди, вклучувајќи ги и нивните оправдани стравови во однос на Албанците (максимализам, бескомпромисен став и сл.), кои никогаш не се задоволни и секогаш сакаат повеќе отколку што имаат право. Раздорот ќе расте и тешко дека ќе има плодна соработка“. За жал, тој имаше право, а Македонија уште еднаш ќе биде оставена сама на себе од нејзините западни „пријатели“, како што се случи во 2001 година и во други ситуации претходно – доаѓа до заклучок Харалд Кочи.