Македонија како идеја

Ние, Македонците, сме преморени од идентитетски оспорувања. Ние сме показател дека токму оние делови на идентитетот што се предмет на оспорување ја претставуваат најбитната идентитетска одлика. Колку повеќе се оспоруваат македонското потекло и духовност на Делчев, толку повеќе се зацврстува неговото место на пиедесталот на националните симболи. А симболот е моќен наратив. Тој е зипуван архив на сѐ битно за една културна и национална историја. Штом се отвори тој културно-историски архив, се отклучува колективната свест, а тоа создава критична маса и волја да дојде до пресврт во општественото уредување

Првичното значење на зборот револуција (revolutio, хелиотропе) е космолошко и се однесува на пресвртните движења на небесните тела. Сонцето скршнува на еклиптиката кога е долгодневица и краткодневица. Во македонскиот јазик е зачувана архаичната дума „вртолун“, која ги памети лунарните „револуции“. Од 16 век, визијата за небесните преврати се проектира врз општествените, кои значат коренита промена на власта и владејачкиот устав (https://www.etymonline.com/word/revolution). За да биде успешна една „политичка револуција“ е неопходна масовна мобилизација на народот (Hannah Arendt, On Revolution 1991: IEP.UTM.edu). Енциклопедиски примери за револуција се: Американската граѓанска војна (1765-1783), Француската (1789), Октомвриската (Русија 1917), Кинеската културна (1966-1976), Иранската исламска револуција (1979), Европските револуции (1989).
Во Македонија терминот револуционери вообичаено се однесува на илинденската епоха и на народноослободителните востанија за време на Втората светска војна. Ако се имаат предвид актуелните дефиниции на поимот револуција, веројатно и серијата радикални промени на Уставот на Р Македонија 2001 би се третирале како облик на необична „револуција“ против граѓанскиот и проевропски поредок инсталиран во 1991 година.

Но во овој текст нѐ интересираат парадигмата на македонското ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век и амблематичната фигура на Гоце Делчев. Зошто? Затоа што револуцијата како чин на општонародно востание за Македонците е неразделна од идејата за слобода. Не се работи за профано преземање на власта, туку за благородна цел. Кога веќе е поставено на преговарачка маса прашањето за „имотноправниот“ статус на Гоце Делчев, кога веќе сме соочени со дискретниот шарм на „европеизацијата“ на бугарските приговори во врска со потеклото и припадноста на македонската култура, историја, јазик и народ, тогаш редно е да им погледнеме во очи на некои историски вистини. Не голи факти, туку вистини!
Гоце (Ѓорѓи) Делчев (1872 – 1903) по потекло е етнички Македонец, според своето дело и јунаштво – великан. Тој најверојатно имал отоманско државјанство и бил турски поданик, како што биле и другите илинденци, како што биле и интелектуалците од калибарот на Чуповски, Мисирков, Цепенков или Пулевски. Државјанството не го прави Гоце да биде повеќе Турчин од Македонец. Досега не се достапни документи според коишто би се тврдело дека бил државјанин на тогашното бугарско кнежевство (освен едно училишно свидетелство во коешто нема графа за етничка припадност, туку е назначено дека е „гражданин на Кукуш“). Но дури и да постои таков формален акт, Гоце нема да биде помалку Македонец и помалку македонски револуционер и интелектуалец.
Голите факти само ја отсликуваат драматичноста на општествената ситуација во којашто живеела една личност. Тие не се достаточни за да се објасни една condition humaine. Идентитетот се протега отаде формалностите. Идентитетот не е случаен пачворк, не е распар.

Целината се извишува над одделните парчиња. Ако се извади една коцка од мозаикот, тој повеќе нема да биде „уметничко дело на природата и историјата“ (Амин Малуф, Убиствени идентитети, 2016: 32 [1996]). Човекот не е склоп на парцијални припадности. Идентитетот е склоп на признаени и непризнаени припадности – психолошки, етнички, етички, идеолошки, родови, јазични, културни. Најмногу од сѐ – идеалите на коишто им го посветил животот, херојските дела опеани во народното творештво и зачувани во колективната меморија. Ако идеалите ѝ даваат смисла на револуцијата, тогаш тие се автентичниот потпис на идентитетот на револуционерот. Ако идеалот на Гоце е слободата на Македонија, тогаш Македонија е неговата духовна татковина.
Припадностите на историската сцена се преместуваат, не исчезнуваат. Според една современа теорија, клучното место на идентитетот се оние негови аспекти што се оспоруваат. Она што ни го негираат, тоа нѐ определува. Во Гоцевото време било оспорувано правото на слободна Македонија, тоа го определило неговото дело. Денес кога се доведува во прашање македонската припадност на Гоце Делчев, македонството повторно станува доминанта на неговиот идентитет. Денес не е во прашање само неговата лична, туку и определбата на целиот македонски народ. Денес македонскиот народ е изложен, одново, на серија дискретни и индискретни оспорувања на идентитетот. Тоа го претвора Гоце од симбол на македонството, во симбол на правото на самоопределување.
Сложеноста на идентитетот на македонските илинденци произлегува од сложеноста на општествената констелација во којашто се наоѓала Македонија по 1878 г.: отсуство на национална држава, присуство на моќен хегемон и на голем број соседи со хегемонистички претензии. Нешто слично е на повидок денес, кога Македонците се принудени да бараат државјанства од други држави, па дури и во сопствената да се изјаснуваат за нешто што не се (гротеската наречена „позитивната дискриминација!). Кога можеле слободно да се изјаснат што се по етничко потекло, тие се изјаснувале како Македонци. А кога примањето државјанство било придружено со потпишување безусловна изјава дека се „по род“ Грци или Бугари, тогаш доаѓало до фабрикувани „фактографии“.

Нема сомнение дека изнудените изјави за потеклото или принудните историски факти не се доказ за нечиј етнички идентитет, туку флагрантна индиција за институционални манипулации при издавањето државјанство, фалсификување на идентитетот со предумисла. Квазифактографијата е доказ за свесно повредување на слободата на самоизјаснување. Таа опоменува дека на Балканот му се туѓи цивилизациските придобивки во врска со индивидуалните и колективните идентитетски права. Зошто, воопшто, идентитет на Гоце треба да се постави како услов за евроинтеграциите на Македонија? Зошто споделената историја се прикажува како заедничка, на таков начин што да може да се присвои само од едната страна? Треба ли да се потсетиме дека постојат многу историски личности со повеќекратна припадност што не биле, поради тоа, причина за меѓудржавни спорови (Шопен, Пикасо, Јонеско, Катарина Велика, Антони Хопкинс, Иво Андриќ)?
Да се борел за ослободување на Бугарија или за санстефанска Бугарија, можеби би бил од историски интерес за бугарската кауза, ама не се борел за тоа. Димо Хаџи-Димов има кажано: „Гоце плаче, зашто… владејачките фактори во Бугарија продолжуваат да гледаат на Македонија како на некое свое законито наследство, готови секогаш да го заложуваат и разменуваат…“ („Тој плаче…“, Млад борец бр. 2: 26, 4.05.1972), Димитар Талев во Илинден (2004: 126) вака го искажува непоколебливото гледиште на Гоце за автономна Македонија: „Македонското прашање не е само политичко. Со Македонија не може да се прават никакви пазарења (…) Македонија сама ќе ја решава својата судбина.“

Ние, Македонците, сме преморени од идентитетски оспорувања. Ние сме показател дека токму оние делови на идентитетот што се предмет на оспорување ја претставуваат најбитната идентитетска одлика. Колку повеќе се оспоруваат македонското потекло и духовност на Делчев, толку повеќе се зацврстува неговото место на пиедесталот на националните симболи. А симболот е моќен наратив. Тој е зипуван архив на сѐ битно за една културна и национална историја. Штом се отвори тој културно-историски архив, се отклучува колективната свест, а тоа создава критична маса и волја да дојде до пресврт во општественото уредување. Симболите не постојат за политичарите да парадираат со нив или за да се пазарат со историјата. Откажувајќи се од историјата, Македонија е во опасност да се откаже од себе. На прагот на една неповратна схизма. Поткопаниот идентитет ја поткопува нацијата, првин формално, потем стварно. Не сакаме таква стварност, нели?