Македонија зад БиХ и Косово, но пред Црна Гора и Бугарија

181
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако рангирањето на 95-та позиција во извештајот на „Репортери без граници“ е најдобриот пласман во доменот на слободата на медиумите за Македонија во последниве пет години, сепак и понатаму таа е зад повеќето земји во регионот, како и под сопствениот врв – 36-то место во 2007 година

По неколкучасовната дилема дали Македонија тапка во место, или направила отскок во поглед на слободата на медиумите, конечниот резултат, според последниот светски индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“ (РСФ), е дека земјава е пласирана на 95-то место.
Имено, по првично објавените резултати, идентични со оние од 2018 година, од „Репортери без граници“ се извинија до јавноста за конфузијата околу податоците на нивниот сајт.

Според коригираните податоци, Македонија во 2017 година била на 111-то место, во 2018-та на 109-то место, а во 2019-та на 95-то место. Иако тоа е најдобриот пласман во доменот на слободата на медиумите за Македонија во последниве пет години, сепак и понатаму резултатот е дека сме зад повеќето земји во регионот. Во годинашниот извештај најдобро е рангирана Словенија – на 34-то место, БиХ е на 63-то, Хрватска на 64-то, Грција на 65-то, Косово на 75-то, Албанија на 82-то, Србија на 90-то (со пад од 14 места), Црна Гора на 104-то и Бугарија на 111-то место.

Што се однесува до рангирањето на Македонија во регионот, во однос на слободата на медиумите, Билјана Петковска, директорката на Македонскиот институт за медиуми, смета дека регионално проблемите се слични.

– Пред сѐ, станува збор за добра вест од „Репортери без граници“, која ги отсликува промените во амбиентот за работа на новинарите и пристапот на институциите и Владата во третманот на медиумите. Регионално, сметам дека не постојат големи разлики во состојбата на слободата на медиумите во земјите од опкружувањето, односно проблемите на новинарите се слични. Споредено со рангирањето на состојбата на слободата на медиумите во БиХ и на Косово (кои се пред Македонија во извештајот), сметам дека таквата разлика не е реална, односно не е толку голема за да имаат толкава предност. Сепак, сѐ уште постојат проблеми и предизвици за македонските медиуми во реалноста: од поставување стратегиски насоки за развој на медиумите, подобрување на условите за работа на новинарите, подобрување на безбедноста во работата на новинарите (иако е констатирано подобрување во постапувањето по загрозување на безбедноста), како и постојаните искушенија за одржување на професионалноста и етиката во работата на новинарите – вели Билјана Петковска, директорката на МИМ.

Во однос на состојбата на слободата на медиумите во Македонија, главната забелешка на „Репортери без граници“ оваа година е статус квото во јавниот сервис, МРТВ, каде што Владата сѐ уште не спровела реформи. Така што, засега, програмата на јавниот сервис продолжува да им служи на интересите на поранешната владејачка конзервативна партија, ВМРО-ДПМНЕ, стои во извештајот на „Репортери без граници“ за оваа година. Иако не се регистрирани напади врз новинарите во текот на минатата година во Македонија и безбедноста на новинарите бележи значителен напредок, „Репортери без граници“ предупредуваат дека културата на неказнивост продолжува да владее во земјата. Во извештајот се посочува дека е проблем и амандманот со кој се дозволува Државната изборна комисија да го мониторира покривањето на предизборните и изборните процеси од страна на електронските медиуми. Во делот на законските регулативи, организацијата за заштита на новинарите забележува дека се потребни измени во делот за клевета и пристапот до државни информации.

– Несреќно е совпаѓањето на моментот на објавувањето на извештајот на „Репортери без граници“ со нападот на новинарската екипа во Арачиново. Тој напад врз екипата на ТВ21, еден ден пред извештајот за медиумската слобода на РСФ е доволен пример како се третираат медиумите во земјава, особено што МВР се обиде да го скрие настанот во својот дневен билтен.

За жал, медиумите во Македонија веќе не се третираат ниту како нужно зло, туку како елемент што одработува за некого. Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, одамна бара секој напад врз новинар што ја извршува својата работа, да се третира како напад на службено лице, што не е прифатено од која било власт.

Напротив, постојат обиди секој напад да биде прикриен. Има случаи, кога новинари при извршување на своите задачи биле сурово физички нападнати и повредени, а напаѓачите биле казнети прекршочно за нарушување на јавниот ред и мир, а не кривично – за насилство. Понатаму, за реформи во медиумската сфера се зборува најмалку пет години, но реално многу малку нешто се менува. На секоја власт и одговара млитава медиумска сцена, која може да се клиентизира и корумпира – вели Ѕвездан Георгиевски, в.д. претседател на Самостојниот синдикат на новинарите во Македонија.

Генерално, иако Европа останува најбезбеден регион за новинарите, изминатата година се забележани загрижувачки трендови по убиствата на тројца новинари во Малта, Чешка и во Бугарија, се констатира во последниот извештај на „Репортери без граници“. Исто така, во извештајот се предупредува дека секаде во светот, вклучувајќи ја и Европа, се појавува „механизам на страв“, опасен за слободното новинарство. Сѐ почесто новинарите се цел на омраза од страна на самите политичари, што се толкува во пошироката јавност како дозвола тие да бидат нападнати и предизвикува страв во професијата.

Во контекст на извештајот на „Репортери без граници“, од Здружението на новинари на Македонија, констатираат дека е добро што земјата бележи прогрес, но потребно е Владата, правосудните органи како и самите медиуми, уште многу да работат за да се креира амбиент што ќе биде поволен за работа на сите новинари и медиумски работници. Според, Младен Чадиковски, претседателот на ЗНМ, дел од овие проблеми се неспроведувањето на реформите во јавниот сервис (МРТ), потребата од измени и дополнувања на дел од медиумските закони како што се: Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, но и Изборниот законик. Чадиковски уште еднаш потсети дека е потребно медиумските реформи да се вратат во фокусот на работата на Владата и Собранието, бидејќи само преку инклузивен и транспарентен начин може да се дојде до квалитетни решенија, со кои ќе се олесни и подобри работата не само на МРТ, туку и на приватните медиуми.

– На овој начин може да се подобри довербата на граѓаните во медиумите, а нашата земја да го подобри својот имиџ во светот за нивото на слободата на изразување и независноста на медиумите и да го повтори успехот на светските индекси.
Потсетуваме дека Македонија во 2007 година беше на 36-то место на индексот за слобода на медиумите и ова треба да биде репер кога зборуваме на оваа тема – смета Чадиковски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева