Македонија заглавена во пукнатината на ЕУ

504
Фото: Дарко Андоновски

По последниот состанок на министерскиот совет на ЕУ, на површина одново излегоа несогласувањата меѓу земјите-членки за проширувањето, но овој пат и за доделувањето датум за преговори за Македонија. Каков е ставот на аналитичарите за најновите случувања

Соочувањето со реалноста, т.е. со фактот дека Советот на Европа во својот заклучок ја соопшти одлуката дека на темата датум за почеток на преговори за Македонија (и Албанија) ќе се наврати во октомври, во македонската политичка јавност генерално се одвива во две спротивни насоки.

За претставниците на власта содржината на заклучокот од Советот на министри на ЕУ е недвосмислена гаранција дека во октомври ќе го добие долгоочекуваниот датум, додека за опозицијата и дел од аналитичарите – тоа е само одложување од страна на ЕУ, додека да пронајде нова формулација како да „каже ’не’, што ќе значи ’можеби’, а да се сфати како ’да’“. Поделеност и конфузија по ова прашање владеат и внатре меѓу самите земји-членки на ЕУ, па се добива впечаток како Македонија да е заглавена во пукнатината на ЕУ.

– Дипломатите во работните групи, постојаните претставници на земјите-членки, а потоа и министрите со денови се консултираа за тоа како да го отфрлат предлогот за отворање на преговорите со Македонија и Албанија, а истото тоа да не биде протолкувано како одбивање. Значи, на мајсторите за јазични акробации, со кои е полна ЕУ, задачата им беше како на јавноста да ѝ се прикаже дека „не“ всушност е „можеби“, а тоа да се сфати како „да“ – пишува хрватскиот „Јутарњи лист“ за атмосферата во Луксембург на самитот на ЕУ, при носењето на одлуките за одложување на проширувањето.

Според Аугустин Палокај, постојан дописник од Брисел на хрватскиот медиум, некои земји на ЕУ, пред сѐ Холандија и Франција, најмногу би сакале да кажат дека нема да има проширување. Но не можат да го сторат тоа, зашто знаат дека таквата порака би можела да предизвика нови тензии во регионот на Западен Балкан, каде што иднината на ЕУ е она што им е заедничко, колку и да е далечно она што го нарекуваат „европска перспектива“.

Иако заклучокот од Советот на министри наведува на увереност дека датумот за почеток на преговори е сигурна опција и дека ЕУ нема аргументи со „сериозен израз да ни каже ’не’ “, сепак се чини дека тогаш Унијата ќе има поприоритетни теми за расчистување, кои може да ги употреби како аргумент за ново одложување. Имено, за октомвриската сесија на Советот за Европа е предвидено да се расправа за конечната судбина на брегзит, односно да се знае дали Велика Британија конечно ја напушта Унијата. Покрај тоа, тогаш треба да се конституираат новите европски комисии и извршни тела на ЕУ, како резултат на европските избори што се одржаа во мај годинава. Ако на тоа се додаде и не баш големото расположение за проширување, главно кај земјите-основачки на Унијата, таквиот контекст на околности не влева голем оптимизам.

– Од сите информации што пристигнаа од Луксембург јасно може да се заклучи дека нема никакви гаранции за тоа дека во октомври ќе следува датумот за почеток на преговори за Македонија. Напротив, во октомври веќе ќе се конципира новата Европска комисија, со сосема нови политички приоритети. Ако досега Германија се сметаше за некаква пречка за наше започнување на преговорите со ЕУ, во октомври на чело ќе избие Франција, која постојано повторува дека Унијата нема да се проширува пред да се спроведат длабински реформи. Исто така, тогаш ќе кулминира и брегзит и ние ќе се вртиме во круг. Сепак, оваа ситуација не треба да нѐ обесхрабри во спроведувањето на реформите на нашето општество, кои се пред сѐ од целосен интерес за нашите граѓани – смета поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.

Во контекст на францускиот отпор кон проширувањето на Унијата, шпанската експертка за ЕУ и советничка во Европскиот парламент, Берта Хереро, најавува дека по блокадата (како што таа го нарекува одложувањето на одлуките за датум за преговори) за Македонија и Албанија, Европската Унија всушност има многу посериозен став и план за проширувањето од обично одложување за неколку месеци.
– Прво беше јуни, сега октомври. Но нема да биде. Франција, Холандија и други опструкционисти само купуваат време за официјално да го убијат процесот на проширување. Нивната стратегија е: укини го портфолиото за проширувањето во идната Европска комисија и оди со „балканско партнерство“. Предавство на вредностите на ЕУ – пишува Берта Хереро, една од највлијателните аналитичари во Брисел.

Фразата „балканско партнерство“ и претходно била присутна во ЕУ, како проект во кој на Балканот треба да се формира мала регионална унија, која подоцна ќе биде интегрирана во Европската Унија. Во прилог на овој концепт оди и тоа дека Франција претходно и официјално најави дека, освен проширување на Балканот, треба да му се пристапи и со други алатки. Со ваквите позиции очигледно не се согласуваат добар дел земјите-членки на Унијата, кои јасно и гласно бараат веднаш датум за преговори за Македонија и нејзино интегрирање во ЕУ. Потврда за тоа е и нон пејперот што се појави пред министерскиот совет во Луксембург, во кој голем дел членки на ЕУ категорично бараа доделување датум за почеток на преговорите со Македонија.

По седницата на Советот на министрите на ЕУ, на која беше донесен заклучокот за одложување на одлуката за датум, низ медиумите што го следеа состанокот беше пласирана информација за поделба на земјите-членки на Унијата: на оние што го поддржале почетокот на преговорите за Македонија, како земји што порано му припаѓале на Варшавскиот пакт (на кои им се придружила и Италија), наспроти седум земји – основачкото јадро на ЕУ и НАТО, со уште десетина земји што останале воздржани (меѓу кои и Грција). Подоцна, францускиот „Ле монд“ седумте земји противници на проширувањето ги сведе на три: Франција, Германија и Холандија. Без разлика на бројката на поддржувачи или противници на проширувањето, пукнатината и расцепот во ЕУ тешко може да се прикријат.

Фото: Дарко Андоновски