Македонија е кредибилен партнер за ЕУ

95
Фото: Игор Бансколиев

На конференцијата стана збор за придобивките од евроинтегративните процеси на земјите од регионот, како и за економските предизвици со кои се соочуваат државите од Западен Балкан, при што клучната порака на повеќето говорници е дека ЕУ овој пат треба да ѝ додели датум за преговори на Македонија

ЕУ ќе го казни најдобриот пример во Европа доколку европскиот Совет во средината на октомври не додели датум за почеток на пристапните преговори на Македонија за членство во Унијата, порача премиерот Зоран Заев на панел-дискусијата, во рамките на самитот на Западен Балкан – „Зацврстување на моментумот за европска интеграција“ и во организација на „Економист“, кој се одржа вчера во Скопје.
– Прво ни ветија дека ако ние го исполниме она што го бараат од нас ќе нè примат. И второ, ако не одлучат позитивно ќе го казнат најдобриот пример во Европа. Ние ги остваривме нашите ветувања и ги решивме проблемите со соседите, а внатре имаме функционални институции и соработка со опозицијата, ги реализираме и реформите. Ние не бараме многу, очекуваме да ни се даде можност – истакна премиерот Заев.
Според него, земјата е добар пример на решавање на проблемите и реализирање на реформите и пример што ја подобрува атрактивноста на Европската Унија, наедно е и пример за другите региони.

Македонскиот премиер се осврна и на економските резултати што ги постигна Владата, потсетувајќи дека земјата го достигнала највисокото ниво на странски директни инвестиции во изминатите 10 години.

Заев нагласи и дека се намалила стапката на невработеност во земјата на, како што рече, историски 17,5 отсто, со индиции дека ќе оди подолу додека растот на БДП во првата половина од годината е 3,6 отсто, со очекување тој да расте до крајот на годината.

– Сакаме да одекне веста дека овој регион е сменет. Овој регион повеќе нема да биде заглавен во конфликти и застанат во безидејна иднина. Ерата на манипултивните и националистички реторики е минато – истакна Заев.

Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас нагласи дека земјава е кредибилен партнер за ЕУ и таа треба да ѝ одобри датум.

– Договорот од Преспа покажува дека Северна Македонија е еден кредибилен партнер за Европската Унија (ЕУ) и таа треба да ѝ одобри датум. Мора да прекине со својата национална интровертност – порача Ципрас.

Поранешниот грчки премиер се осврна на периодот пред потпишувањето на Преспанскиот договор, како и на првата средба со Заев на економскиот форум во Давос, кога, како што рече, била поставена рамката на договорот и било констатирано дека овој проблем мора да се реши.

– Народот доволно страдаше поради конфликтите од минатото – рече Ципрас. Притоа тој додаде дека датумот ќе ги затвори сите можности за нови војни и конфликти на територијата на поранешна Југославија.

– Никогаш не смееме да заборавиме дека овој договор е склучен затоа што имавме среќна коинциденција да имаме прогресивни влади и во Северна Македонија и во Грција. Се разбира има прашања што сѐ уште се на чекање, во врска со грчките симболи и менувањето на учебниците. Но очекуваме напредок и во овој правец. Сите знаеме дека најважниот чекор е преземен бидејќи нашите држави повеќе не се противници, нашите народи многу бргу ќе почнат да ги гледаат придобивките. Да не ги заборавиме сите форми на соработка што ги овозможува овој договор, тоа значи соработка во економијата, туризмот и одбраната – рече Ципрас најавувајќи дека наскоро началниците на двете армии ќе потпишат договор со кој Грција ќе го чува македонскиот воздушен простор.

Поранешниот американски помошник-државен секретар, Вес Мичел, се фокусираше на влијанието на Русија и Кина на просторот на Балканот, потсетувајќи дека токму слаб и дестабилизиран Балкан е главната цел на овие две земји.

– Русија континуирано го зголемува своето влијание во источниот свет и се труди да го дестабилизира регионот за да може да доминира во земјите од Западен Балкан. Од друга страна Кина ги злоупотребува пазарните закони да се наметне како светска сила. Сево ова го прави преку Балканот, бидејќи овој регион е физичката врска помеѓу Кина и Европа. Но овие времиња завршија. Западен Балкан се приклучува во економскиот развој на целиот свет. Мојот став е дека ова денес е нoв Балкан, Балкан на 21 век. Ова е важен момент за интеграција на целиот регион – порача Мичел.

На конференцијата стана збор и за придобивките од евроинтегративните процеси на земјите од регионот, како и за економските предизвици со кои се соочуваат државите од Западен Балкан. Меѓу другото, се наметна и дилемата како Западен Балкан да стане поинтересен за инвеститорите, колку добрата инфраструктура е важна за бизнисот, а се дискутираше и за идните економски потенцијали на регионот.

Фото: Игор Бансколиев

Шулц со критики за политиката на САД

Поранешниот претседател на Европскиот парламент и лидер на германските социјалдемократи, Мартин Шулц, изрази резерва околу дефинитивната одлука на европскиот Совет во октомври да определи датум за почеток на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, подвлекувајќи дека европските лидери постапуваат тактички.
– Не можам да знам што ќе се случи. Не сме сигурни што ќе кажат холандскиот парламент и парламентите во другите држави. Во Германија можам да влијаам на одлуката, но не е сигурно дали новата влада во Виена ќе има согласност за ова. Моето искуство со ЕУ е дека сите знаеме оти ни треба напредок, но институциите се несигурни за самата ЕУ. На изборите во Франција и во Италија победија силите што се против Европската Унија. Ле Пен не го сака еврото. Истото тоа се случува и со Италија, која не сака другите да ѝ се мешаат во одлуките – рече Шулц.
Тој упати критика и до САД, чија актуелна политика во овој момент ја смета ЕУ како американски економски непријател.
– Мора да ги имаме предвид и САД, земајќи предвид во моментов кој е таму претседател и неговата стратегија кон Европа. Мислам дека има многу премиери во овој регион што се надеваат дека никогаш нема да им се јави тој од Белата куќа. Ова раководство на САД, неговите политики и однос кон Европа се ризик за ЕУ и се надевам дека наскоро ќе се замени оваа администрација, ќе има нов претседател на САД – порача Шулц, истакнувајќи дека актуелната американска политика во Европа придонесува за дезинтеграција на Унијата.


Арсовска: Пристап и отвореност и кон глобалните пазари

Попладневните сесии во рамките на самитот на лондонски „Економист“ беа посветени на економските предизвици за земјите од Западен Балкан и притоа свои излагања имаат вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерката за финанси Нина Ангеловска и претставници од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
На сесијата посветена на економијата, претседателката на Сојузот на стопански комори (ССК), Данела Арсовска, со директорот на канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели, и претседателот на Федерацијата на индустрии на Грција (СББЕ), Атанасисо Савакис, дискутираа за можноста Западен Балкан да се развива како бизнис-заедница, со особен акцент на привлекување инвестиции во регионот, инфраструктурана поврзаност, како и можноста за економски пораст преку иновации.
– Западен Балкан како гето не носи повеќе можности за успех, ниту за државите поединечно ниту како регион и овој пристап не даде резултати. За да се овозможи развој, потребно е Македонија што поскоро да се интегрира во Европската Унија, а не да биде дел од Западен Балкан, како слепо црево на Европа. Тоа е единствениот начин за да ни се овозможи еднакво да учествуваме на единствениот економски пазар, но и да пристапиме и да се отвориме кон и за глобалните пазари. Датумот за интеграција треба да е транспарентен и извесен, како и безрезервната поддршка во имплементирање на структурните економски реформи. Она што е предизвик за сите држави од Западен Балкан е дека ниту една од нив нема свој уникатен производ, поради што сите меѓусебно се конкуренти и покрај тоа што традиционално се најдобри партнери во трговската размена заедно со западноевропските земји – изјави Арсовска.