Македонија би можела да има корист од новата стратегија на Макрон?

427

За францускиот претседател Емануел Макрон, еден од најмоќните и највлијателните луѓе во Европа, патот до стекнување на поголемо влијание и политичка моќ во Европската Унија води низ источноевропските земји, поддржувањето на нивните кандидати и соработката со земјите кои имаат потенцијал за влез во Унијата, пишува „Политико“.

Новата стратегија на францускиот претседател веројатно претставува добар знак за Македонија во пресрет на повторното отворање на прашањето за пристапните преговори со ЕУ, што се очекува да се актуелизира во октомври. Франција и Холандија досега беа посочувани како најголеми противници на идејата за проширување на ЕУ, но со новите планови на францускиот претседател, Македонија би можела да се надева на позитивен сигнал од ЕУ.

Францускиот претседател имаше дипломатски посети и проширување на влијанието во Централна и во Јужна Европа, регион од мал интерес за неговите претходници, каде што претходно економијата ја држеше Германија, а воената моќ ја држат САД.

Проширувањето на влијанието на Макрон може да се забележи по неговите посети во земјите на Истокот, како и поддршката што тој им ја даде на неколку кандидати од Романија и од Бугарија за водечки функции во Унијата. На патот за стекнување моќ, Макрон е свесен дека е потребно да склучува пријателства насекаде низ Европа.

Ваквиот пристап е дел од стратегијата со која Макрон гради пријателства со кандидати за кои смета дека се барем делумно истомисленици. Во Западна Европа, тој е близок со централно-левичарските лидери на Шпанија и Португалија, либералните премиери на Холандија и Белгија, сојузништва што беа на врвот на моќта кога се одржаа преговорите за врвните работни места во ЕУ.

Макрон, сепак, има проблем со сојузништвото со Унгарија и Полска

Во неговиот поход на создавање на „Европската ренесанса“, чекор кој ќе ја зголеми политичката, безбедносната и воената моќ на ЕУ, Макрон стекна и непријатели. Тој силно ја  критикуваше владата на Полска, најголемиот член на ЕУ во централно-источна Европа, како и владата на Унгарија.

Создавањето на посилно, таканаречено паневропско движење, Макрон го гледа во источните сојузништва. Со цел да го стори тоа, Макрон треба да докаже дека тој не планира да ја одземе власта од земјите од Централна и Источна Европа и да создаде второстепен европски сојуз на чело со земја од Западна Европа. Но, тука се случи и еден чекор назад, а тоа беа оневозможувањето на работниците да патуваат и работат во западноевропските земји на Унијата.

Покрај запоставеноста на источноевропските земји, Макрон сепак има простор да влијае на полето на компјутерската безбедност, вештачката интелигенција и дипломатијата. Тој исто така треба да докаже дека ја разбира и знае историјата на овие земји, да покаже емпатија за нивното комунистичко минато, нивната загриженост во врска со Русија и воените влијанија на САД.

– Одредени земји се збунети поради неговата поврзаност со Русија, и стравуваат дека тој ќе ја ослабне и така несигурната гаранција за безбедност што тие ја имаат од НАТО – вели Николас Тенцер, француски експерт за стратешки работи.

Стратегијата за работни места

Макрон докажа дека кандидатите од Централна и Источна Европа се вклопуваат во неговите сојузнички планови со низа политички назначувања. Поранешниот романски премиер Дачијан Чолош, беше избран за водач на Обновена Европа, благодарение на „Европската Ренесанса“.

Поддршката од Макрон ја доби и Кристалина Георгиева од Бугарија како кандидат за Меѓународниот монетарен фонд. Тој одлучи да ја поддржи Романката Лаура Ковеши, како главен oбвинител на ЕУ, наспроти францускиот кандидат Жан-Франсоа Бохерт.

– Ако кандидатите за европските позиции од источноевропските земји секогаш се со впечаток дека немаат шанса да бидат избрани, тоа нема да ја подобри ситуацијата, туку напротив, ќе го зголеми јазот помеѓу членките на Унијата – вели еден француски дипломатски службеник.

Макрон продолжува да ја покажува поддршката и да ја зголемува неговата дипломатска моќ со посетите на Источна Европа и на Западен Балкан.

Покрај поддршката на кандидатите од источноевропските земји, тој ја покажа и поддршката кога станува збор за спорот на Србија и Косово, како и за интеграцијата за влегување на Македонија и Албанија во Европската Унија. Сепак, негов цврст став е прво да бидат решени и разјаснети споровите меѓу членките, па дури потоа да се пристапи кон влегување на нови кандидати.

Потезите на Макрон не претставуваат закана за Германија, туку едноставно ја покажува решеноста за зацврстување на влијанието и ставање на Франција во центарот на донесувањето одлуки во Унијата, заклучува „Политико“.