Лобирање надвор, но и средување на состојбите дома

63
Фото: Игор Бансколиев

Засилената дипломатска активност во странство, во пресрет на доделување на очекуваниот датум за преговори со ЕУ во октомври, нема да има голем ефект без брзо решавање и расчистување и на проблемите внатре во сопствената држава

Додека македонскиот државен врв на чело со македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Димитров, лобира во европските престолнини и ги убедува странските државници дека земјава е подготвена за почеток на преговорите со ЕУ веќе од следниот месец, аналитичарите велат дека сѐ уште е неизвесна одлуката за датум за преговори во октомври, токму поради проблемите дома. Со други зборови, засилената дипломатска активност надвор нема голем ефект без брзо решавање и расчистување и на проблемите внатре во сопствената држава.

Во исто време, аналитичарите коментираат оти продавањето на сликата надвор дека земјава ги исполнила потребните критериуми дома, во однос на реформите од јуни, е сосема погрешна тактика и тоа не е одговорно кога, сепак, состојбата дома е проблематична особено во правосудството. Сепак, во исто време тие додаваат дека и Брисел се мајтапи со проширувањето во однос на назначувањето на доскорешниот министер за правда во владата на Виктор Орбан, Ласло Трохани, за нов европски комесар за соседство и проширување, кога власта на Орбан е најшироко критикувана во изминатите години од ЕУ за напуштање на европските вредности. Во меѓувреме, Македонија е успешна приказна, која треба да биде охрабрена и поддржана ако сакаме да направиме разлика, порача Димитров од Париз по средбата со Амели де Моншален, државна секретарка во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања. Во разговорите, како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи, се разгледани аспектите од билатералната соработка, како и заедничките стратегиски определби за европска и евроатлантска интеграција на Македонија и регионот.

– Со Преспанскиот договор успеавме со нашите грчки пријатели да постигнеме вистински европски компромис во регион каде што тешко се прават компромиси. Нашата цел е да станеме европска земја, а тоа пред сѐ значи владеење на правото. Имаме голема шанса за заеднички успех во октомври – нагласил Димитров, порачувајќи дека треба да се искористи оваа, како што вели, историска шанса и во октомври земјава да добие одлука за почнување пристапни преговори со Унијата. По работната посета на Париз, министерот Димитров ќе престојува во Брисел, а потоа и во дводневна посета на Берлин каде што македонскиот шеф на дипломатијата, исто така, ќе се обиде да направи уште еден дополнителен притисок врз европските центри за да го добие земјава посакуваниот датум за преговори следниот месец.
Но за разлика од политичарите и нивните оптимистички претпоставки, домашните експерти се повнимателни и, според некои од нив, поверојатно е дека ЕУ е можно повторно да го определи датумот за преговори наместо во октомври за некаде подоцна при крајот на годината.

Според поранешниот амбасадор Ристо Никовски, нема никаква гаранции дека и овие дипломатски акции ќе дадат плод, иако сепак тој смета дека се исклучително важни за нас.

– Дипломатските акции и офанзиви особено пред моменти што се значајни за земјата, се исклучително важни. Тие можат да помогнат во реализирањето на стратегиските цели и паметно е да се преземаат на што поширок план. Меѓутоа во конкретниот случај, нашиот министер, барем во Париз, се сретна со државен секретар и со други личности што не е добра практика. Се намалува сопственото ниво и се прави преседан што ќе има последици. Македонија има и заменик-министер, има и државен секретар и треба и тие да се пуштат во акција и да се чува нивото, бидејќи нормална практика во дипломатијата е министер да се среќава со министер, заменик со заменик, државен секретар со државен секретар и сл. – вели Никовски.

Слично размислува и професорот Лазар Лазаров. Тој вели дека во јуни немаше чисти гаранции за датум за преговори со ЕУ па нема ни сега, бидејќи таа се соочува со многу предизвици однатре и однадвор. Во исто време, тој објаснува дека ваквата дипломатска офанзива на македонскиот државен врв е важен мотивациски фактор за целиот регион навреме да ги заврши обврските со реформите.

– Мислам дека во периодов премногу се насочи енергијата на нашето лобирање во ЕУ, за да нѐ прими што побрзо наместо да се сработеше она што беше посочено во извештајот на ЕК. Но и во ваква ситуација мислам дека со конфузната политика на ЕУ ќе излеземе накрај, бидејќи земјава направи големи отстапки за кои треба да ги добиеме преговорите на маса, што не значи и наше брзо членство во Унијата – истакнува Лазаров.

Сепак, професорот по меѓународна политика Лазаров е убеден дека доколку Македонија сега во октомври не го добие датумот за почеток на преговорите на маса, истиот тој ќе биде одложен за некој месец, кога најпрво ќе се стабилизираат состојбите дома, но истовремено и во ЕУ по составувањето на новата европска влада.


Новиот еврокомесар за проширување доаѓа од владата на Орбан

Доскорашниот министер за правда во владата на Виктор Орбан, Ласло Трохани, ќе биде нов европски комесар за соседство и проширување. Ова вчера го соопшти новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Шеесет и тригодишниот Трохани е поранешен судија, универзитетски професор по уставно право и дипломат. Во изминатите пет години го раководел ресорот правда во владите на Виктор Орбан заклучно со 30 јуни оваа година. На последните европски избори бил носител на листата на партијата на Орбан, кога е избран за европратеник. Бил амбасадор на Унгарија во Белгија, Луксембург и во Франција. Власта на Виктор Орбан е нашироко критикувана во изминатите години за напуштање на вредностите на либералната демократија и воспоставување либерален систем во Унгарија, со нагласени автократски тенденции. Орбан е еден од родоначалниците на антимигрантската политика во ЕУ.

[email protected]