Лидерските средби како рак-рана на правната држава

305
Фото: Дарко Андоновски

Сигнали и пораки за организирање лидерска средба, за надминување на проблемите, речиси секојдневно пристигнуваат. Но колку овој формат за барање решенија е продуктивен, со оглед на фактот што со години земјата токму преку лидерските средби наместо да ги надмине проблемите влегуваше од една во друга политичка криза. Тоа е така затоа што правната држава и владеењето на правото предвидуваат прецизно утврдени процедури и точно одредени институции каде што треба да се решаваат проблемите, кои кај нас, за жал, се прескокнуваа форсирајќи ги лидерските средби.
Според експертите, плурализмот во светот не познава лидерски средби како оние што редовно ни се случуваат во Македонија

Исклучително комплицираната позиција во која се најде домашната политичка гарнитура, а е поврзано со спроведувањето на спогодбата од Мала Преспа изминатиов период од неколку различни адреси и од различни говорници, иницираше потреба од лидерски средби за да се најде решение и да се надминат проблемите,
Најсвежо барање за организирање лидерска средба стигна вчера од американскиот Стејт департмент, кој побара лидерите во македонското собрание да ги надминат партиските политики.
– САД ги поттикнуваат лидерите во македонското собрание да ги надминат партиските политики и да ја искористат историската можност за подобра иднина на земјата – изјавил неименуван претставник од Стејт департментот во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА.
Претходно, неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ деновиве од говорница во текот на собраниската дебата за уставните измени побараа лидерите на најголемите партии да седнат и да најдат решение за уставните измени.

Заедничко во пораките на пратениците Елизабета Канческа Милевска, Крсто Јовановски, Весна Димковска-Илиевска е што побараа двајцата лидери да го истуркаат процесот, а не тој да се сведе само на повик до пратениците поединечно да одлучат како ќе постапат. Од своја страна, премиерот Зоран Заев изрази подготвеност за средба, и посочи дека е подготвен да седне со сите, вклучувајќи го и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за да изградат консензус за уставните измени. Сепак, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за Дојче веле остави мал простор за темите за кои би разговарал на евентуална средба со премиерот. На прашањето „има ли шанса заедно со Заев да најдат заеднички јазик за договорот од Преспа“, Мицкоски одговори дека има шанса да констатираат само дека договорот е мртов.
Сигнали и пораки за организирање лидерска средба за надминување на проблемите речиси секојдневно пристигнуваат и од претставници на меѓународната заедница итн. Но колку овој формат за барање решенија е продуктивен, со оглед на фактот што со години земјата токму преку лидерските средби наместо да ги надмине проблемите влегуваше од една во друга политичка криза. Може ли разговорите во четири очи да го супституираат функционирањето на парламентарната демократија или преку лидерските средби таа директно се погазува и девалвира.
Форматот на носење клучни одлуки на лидерски средби претставува девалвација не само на парламентот и институции туку генерално на целиот политички и правен систем во државата.

Во таа насока, дел од политичките аналитичари негативно ги коментираат актуелните случувања поврзани со можноста за повторно активирање на лидерските средби меѓу македонските политичари.
Политикологот Милан Стефаноски вели дека иако практиката покажала дека повеќето од тешките политичките ситуации низ годините биле решени преку лидерските средби (чисто поради практичноста на овој механизам) во домашната политика, тоа сепак, според него, не е добра алатка за практикување на демократијата во земјата.

Стефаноски објаснува дека лидерските средби не се одраз на директната демократија за каква што се залага македонското општество и вели дека тие се само практична алатка, која во суштина е многу погрешен приод за надминување на големите несогласувањата меѓу домашните политичари.
Политикологот потсетува дека низ годините бевме сведоци и видовме дека со лидерските средби се надминуваат тешки кризи во Македонија и преку нив се стигнува до договори како Охридскиот, Пржинскиот, но верува дека барем хипотетички останува простор да се запрашаме дали можеби овие договори би можеле да бидат подобри како решенија за домашната политика ако тие биле носени во парламентот наместо во некоја хотелска сала или вила.

– Верувам во демократскиот капацитет на македонските парламентарци и токму затоа сум убеден дека тие луѓе во најголем дел од сите партии би можеле да постигнат подобар резултат од собраниска говорница отколку самите лидери на партиите, кои на зелена маса се пазарат околу политичките ситуации – вели Стефаноски.
Според него, плурализмот во светот не познава лидерски средби како оние што редовно ни се случуваат во Македонија, бидејќи на тој начин моќта за одлучување по исклучително битни прашања, како на пример случувањата поврзани со спогодбата од Мала Преспа, се оставаат во рацете на неколку моќници.

Стефаноски верува дека за доброто на земјата македонската политика мора што поскоро да се оттргне од концептот да одлучува на битни прашања надвор од парламентот, бидејќи, според него, таквиот начин не е карактеристика на современите демократии туку тоа е одлика на тоталитарните режими кога за одлучувањето се одговорни кралевите или диктаторите, кои во тесен круг своеволно го имаат последниот збор без употреба на институциите и парламентот.


Отворените листи како можно решение?

Токму ваквите политички случувања и целосната подреденост на пратениците кон врхушката или раководството на партиите сѐ погласно и сѐ почесто ја пласира идејата во Македонија да се размислува и за воведувањето на принципот на преферницијално гласање, односно на отворена изборна листа. Преференцијалното гласање т.е. пропорционалниот изборен систем со отворени листи, им дава можност на граѓаните, освен гласот што го даваат за политичкиот субјект, да гласаат и за поединечните кандидати од листата на тој субјект. Бројот на мандати што ги освојува политичкиот субјект зависи од бројот на гласови, како и досега, додека, пак, пратеничко место ќе освојат оние кандидати од листата што ќе добијат најмногу индивидуални гласови (преференцијални гласови).
Опцијата на отворени изборни листи претставува можност за гласачите, покрај одлуката за една изборна листа, да имаат право да заокружат и одреден кандидат од таа листа. Актуелниот изборен модел продуцира длабока политичка несигурност и ја фаворизира лидерската позиција во партиите каде што водачот на политичката структура ги има и првиот и последниот збор околу начинот на дејствувањето на партиското тело. Од друга страна, доколку се промени системот и моделот на гласање лидерот и врхушката на партијата нема да може да ги контролира пратениците бидејќи тие во најголема мера ќе одговараат пред електоратот од нивната изборна единица што ги избрал, а тој ќе им биде лојален на гласачите, а не на првиот човек на партијата.
Ова значи дека граѓаните ќе имаат можност да го изменат распоредот на кандидати на листата предложен од политичките партии и директно да влијаат на политиките на партиите за кои гласаат. На тој начин ќе се демократизираат партиите однатре и, што е најважно, ќе се зголемат конкурентноста, иновативноста, стручноста и приливот на напредни идеи што носат прогрес. Истовремено, избраните функционери ќе имаат поблиски релации со гласачите, односно базата, и ќе им одговараат ним, а не на партиските врхушки.