Летаат етикети за северџани, фиромјани, предавници, патриоти…

1162

Народот не вели залудно дека јазикот коски нема но коски крши. Социјалните мрежи се преполни со говор на омраза и непријателство. Според комуниколозите, оваа појава мора да се превенира бидејќи тоа ќе ни се врати како бумеранг во општеството, а тогаш ќе влеземе во маѓепсан круг во кој никој нема да биде победник туку сите ќе бидеме губитници

И додека македонски активисти, членови на движењето „Бојкотирам“, ја започна кампањата насловена „Шкртај Северна“, а целта е сите што се против промената на името да го користат само терминот Македонија, социјалните мрежи деновиве зовреа со коментари по најновиот развој на настаните и по изгласувањето на спогодбата од Преспа во грчкиот парламент. Она што е впечатливо во напливот на реакции на социјалните мрежи се гневот, омразата и жестоката реторика што ги користат едни против други поддржувачите или противниците на спогодбата. Иако иницијатoрите на бесплатната кампања не се поврзани со ниту една политичка партија или групација, сепак коментарите на нивните објави на социјалните мрежи пораките од граѓаните се полни со омраза, непријателство како кон власта така и кон опозицијата, но и кон грчките власти. Речиси е невозможно да нема објава на друштвените мрежи, особено доколку веста е поврзана со некаков протест на граѓаните, името или сл., а таа да не се искористи како можност и поттик некој да се етикетира и да се отвори жестока дебата меѓу граѓаните за „едните“ или за „другите“, за „предавниците“ или за „патриотите“, северџани или фиромјани, а притоа не изостануваат ниту навредите и говорот на омраза. Дополнително, наместо влијателните личности во општеството да ја смируваат тензијата тие, главно преку социјалните мрежи, додаваат масло во огнот коментирајќи недолично. Во овој серијал недолични коментари, секако, може да се вброи и неодамнешната објава на поранешна новинарка од јавниот национален сервис, која на својот фејсбук-профил, критикувајќи еден репрезентативец на националниот тим, напиша дека бројот 5 стои на убав дрес, но не и на гаден човек. Ваквиот коментар тогаш дополнително ја наелектризира и така тензичната ситуацијата на социјалните мрежи и ги подели граѓаните во своите размислувања и коментари. Деновиве бурата расправии дополнително се разжести со статуси во врска со промената на името и изгласувањето на спогодбата во грчкиот парламент.

Познавачите со кои се консултиравме за оваа тема, препознаваат голем број кривични дела на социјалните мрежи во последниот период. Во исто време коментираат дека многу е тенка линијата во денешните современи општества на Интернет и социјалните мрежи да се разграничи слободата на изразување од говорот со омраза. Тие за проблематиката истовремено апелираат до сите влијателни личности, политичари, институции и претставници на седмата сила да внимаваат што зборуваат и што пренесуваат во јавноста, оти, според нив, тоа што една личност може да го предизвика со својата изјава, стотина други лица потоа нема да можат да го исправат. Читајќи ги објавите на социјалните мрежи, надминувањето и заборавањето на омразата што тлее кај и меѓу Македонците, но и другите со различни политички ставови, по сè изгледа, ќе трае со години, вели професорката по комуникологија од Меѓународниот балкански универзитет Викторија Кафеџиска. Професорката апелирала до сите општествено влијателни личности да внимаваат што зборуваат и што пренесуваат во јавноста, но и на социјалните мрежи, оти тоа, според неа, во овие мигови е доста сериозна работа, која може да предизвика граѓански нереди од поголеми форми.

– И во минатото и сега не поддржувам никакви толку навредливи зборови, клевети, вулгарности. Некогаш не ми е пријатно кога читам такви работи на социјалните мрежи, а ги гледам како се пренесуваат многу брзо во јавноста на терен. Секој има право да протестира, говорам за овие здруженија, организации и слично бидејќи не се задоволни од ова што се случува и тоа е апсолутно право на секоја група или секој поединец без разлика тоа дали ќе му донесе успех или не, до оној момент додека ваквите собири не предизвикаат меѓуетничка тензија и проблеми – вели Кафеџиска.
Професорката дообјаснува дека е жалосно што во основа сите се силиме затскривајќи се зад условната анонимност на социјалните мрежи. Таквиот начин на изразување свое мислење е посебен феномен, кој, и да биде санкциониран од надлежните институции, не може да даде плод. Според Кафеџиска, поентата е во личната одговорност на чинителот.

– Силниот збор нема победник, народот залудно не вели дека јазикот коски нема но коски крши. Социјалните мрежи се преполни со говор на омраза и непријателство. Во таа насока јас сум апсолутен противник на употребата на какви било говори на омраза бидејќи тоа ќе ни се врати како бумеранг во општеството, а тогаш ќе влеземе во маѓепсан круг во кој никој нема да биде победник туку сите ќе бидеме губитници – завршува професорката Кафеџиска.

Стручната јавност предупредува дека говорот на омраза на социјалните мрежи е загрижувачки. Причините за тоа не се наследени, туку научени, а дел од вината за такво однесување гледаат во образовно-воспитниот процес и во социјално-економскиот контекст во општеството.

Инаку, во насока на случувањата, надлежните институции, пак, секојдневно тврдат дека постапуваат и реагираат соодветно по случаите на пријави за говор или за насилство од омраза, иако од информациите во медиумите речиси тешко може да се забележи дека некој во земјава е санкциониран за ширење говор на омраза на Интернет.