Левица: Стечајците од „Треска“ со години се дел од правните лавиринти

111

Поранешните работници од АД „Треска” повеќе од 15 години се дел од правните лавиринти од кои никогаш не добиле позитивен исход, велат од политичката партија Левица по протестот на работниците пред Министерството за Труд и социјална политика кои бараат да им бидат исплатени заостанатите плати и придонеси.

По одржувањето на протестот претставници на стечајците биле повикани на разговор со министерката Јагода Шахпаска, каде присуствувал и членот на Централниот Комитет – Кочовски Бобан, а од Левица велат дека министерката се прогласила за ненадлежна.

– На оваа средба министерката се прогласи за ненадлежна, иако МТСП е надлежно за донесување на закони со кои што можат материјално да се обезбедат сите стечајци во Република Македонија. Во обид министерката да издејствува позитивен исход во нејзина полза се обиде да им понуди социјална помош на дел од овие луѓе, но не сакаше да посочи кога истите ќе ја добијат! На овие понуди од министерката, претставниците на работниците реагираа бурно при што ѝ укажаа дека тие имаат конкретни побарувања кои што самите ги сработиле со сопствениот труд и не бараат ништо што тие го немаат заслужено – велат од Левица.
По завршувањето на оваа расправа, членот на Левица – Кочовски Бобан, ѝ предложил на министерката Шахпаска да се донесе Закон за материјално обезбедување на стечајците од Република Македонија, со што не само оние стечајци од АД „Треска“, туку и сите останати на ниво на цела држава, ќе ги добијат своите заостанати плати и придонеси. Сепак, како што велат од Левица, таа го одбила предлогот.

– Министерката реагираше негативно и одби предлогот, со образложение дека не може да се донесе таков закон и започна со промоција на сработеното во време на владеење на СДС и (според неа) добрите политики водени од оваа власт. Сосема на крај, министерката констатираше дека правдата треба да ја побараат во Министерството за финансии или во Владата на Република Македонија, нешто што најавија дека ќе го сторат при наредниот организиран протест и ќе побараат средба со ресорните министри со цел што поскоро да се реши нивниот проблем. Левица ќе продолжи да ги подржува овие работници преку директно присуство на нивните протести, медиумска подршка, како и соработка со правни тимови кои што можат да им помогнат при водењето на нивните судски постапки. Исто така, Левица ќе се обиде да донесе Закон за материјално обезбедување на стечајците во Собранието на Република Македонија со што ќе помогне на илјадници семејства ширум државава – велат од политичката партија.