Курц: ЕУ ќе биде целосна само со земјите од Западен Балкан

85

Австрија ги поддржува стремежите на земјите од Западен Балкан да станат членки на Европската унија(ЕУ), изјави австрискиот канцелар Себастијан Курц по работната средба која денеска во Виена ја имаше со владини функционери од Западен Балкан.

– Ние сметаме дека ЕУ може да биде целосна само ако земјите од Западен Балкан се дел од ЕУ. Затоа ги поддржуваме земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон Евросојузот и вниманието ни е свртено особено кон тој регион за време на претседателството со ЕУ – рече Курц.

Тој информира дека учесниците на средбата ги разгледале начините за решавање на регионалните конфликти и развојот на економските врски.

– Стабилноста во Европа до голем степен зависи од стабилноста и безбедноста во тој регион – истакна Курц.

Австрискиот канцелар денеска во Виена организира средба на премиерите на земјите од Западен Балкан, на која ќе присуствуваат и еврокомесарите за проширување и за дигитално општество, Јоханес Хан и Марија Габриел.

Македонскиот премиер Зоран Заев го откажа учеството на средбата во Виена поради актуелните политички случувања во земјата, и Македонија ја претставува вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев.