Кумуцакос: Коѕијас прифаќа дека Грција има иредентистички аспирации кон соседната земја

1202

Логиката на идентификација на Грција и Скопје во прашањето со иредентизмот е неприфатлива и ги поткопува националните позиции, смета одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска Нова демократија Јоргос Кумуцакос, реагирајќи на вчерашната изјава на шефот на македонската дипломатија.

Кумуцакос упатува критики до грчкото МНР, поради изјавата на Никола Димитров на вчерашната прес-конференција со Никос Коѕијас во Охрид, за делот во кој шефот на македонската дипломатија вели дека двете работни групи „практично го усогласија текстот за идната соработка во различни области и работеа исто така на текст за спречување на иредентизмот од двете страни“.

– Се чини дека министерот за надворешни работи ги прифаќа, иако индиректно, тврдењата на Скопје дека наводно Грција има иредентистички аспирации кон соседната земја. Логиката на заемност или идентификација на Грција и Скопје во прашањето со иредентизмот ги поткопува нашите стабилни национални позиции и е неприфатлива – вели Кумуцакос во пишаната изјава испратена до медиумите.

Тој побара од грчкото Министерството за надворешни работи да одговори „за што има разговарано и за што се согласи со другата страна“.