Кризата на Западот

609

По скорашниот самит на Г7 самитот во Канада, повеќе нема сомнежи дека Западот е во криза. Точно, „западните“ држави често водеа различни надворешни политики (како што покажа војната во Ирак), а „Западот“ сам по себе е нејасен концепт. Но тој се заснова на мноштво заеднички идеолошки столбови, кои сега се рушат поради агендата „Америка на прво место“ на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп и постојаното клеветење од страна на неговите следбеници кон сојузниците дека „не треба да дозволат пријателите да ги искористуваат“ веќе оставаат белег. Ако се тргне настрана неговата очигледна несебична поддршка за Саудиска Арабија и Израел, Трамп се чини дека е подготвен да ја уништи неопходната стратегиска спогодба која САД долго време ја негуваа во однос на нивните сојузници.
Пред неколку години беше незамисливо за САД да одбијат да го потпишат заедничкото коминике на Г7. Ниту некој ќе помислеше дека американската администрација вербално ќе го нападне канадскиот лидер како што тоа го сторија Трамп и неговиот советник за трговија Питер Наваро, во скорашниот случај со канадскиот премиер Џастин Трудо.

По самитот со севернокорејскиот диктатор Ким Јонг-ун во Сингапур, Трамп инсистираше дека тој има „добар однос“ со Трудо. Сепак тој побрза да додаде дека исто така има „многу добри односи сега со лидерот Ким“. Споредбата на американските односи со овие двајца лидери не само што е нетактична туку е и крајно бесмислена и одразува сериозен недостиг од перспектива од страна на Трамп.
Ако лошите манири беа единствениот проблем со администрацијата на Трамп, тогаш на сите ќе ни олесни. Но оваа администрација исто така води конкретни политики што ги поткопуваат најважните сојузници на Америка. Поради американските тарифи за увозот на челик и алуминиум од Канада и ЕУ беше невозможно да се постигне консензус на неодамнешниот самит на Г7.

Тарифите на Трамп не само што ќе им наштетат на странските извозници туку исто така и на американските работници и фирми во секторите што зависат од производството на челик и алуминиум. Сепак, се чини дека Трамп не попушта пред фактите и економската логика. За да ги оправда своите бескорисни политики, тој избира изолирани случаи како што се високите тарифи за Канада на млечните производи, воведувајќи ги без никаков повод, а притоа не гледа дека просечните американски тарифи се всушност повисоки од оние на ЕУ, Јапонија и на Канада.
Иако самитот на Г7 се претвори во меѓусебно обвинување, друг многу значаен состанок се случуваше на друга страна од светот. Во кинескиот град Циндао, Шангајската организација за соработка што ги вклучува Кина, Индија, Казахстан, Киргистан, Пакистан, Русија, Таџикистан и Узбекистан, одржуваше годишен самит. Како што истакна главниот официјален весник на кинеската Комунистичка партија, средбата меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин беше посрдечна отколку онаа меѓу Трамп и другите лидери на Г7.

Разбирливо, Трамп дополнително го разгоре самитот на Г7 кога предложи дека групата треба повторно да ја прими Русија, која беше избркана поради анексијата на Крим во 2014 година. Сепак, тој спомена нешто што повеќе не можеше да се игнорира, а тоа е прекумерната подвоеност на геополитичките клубови. Поделбата на владеењето во светот најверојатно ќе покаже дека воопшто не е во интерес на Западот. Наместо да се изолираат и да го намалат влијанието на светската сцена, западните лидери треба да ги прошират обемот и размерот на соработка во потрагата по решенија за светските проблеми. За таа цел, тие треба да промовираат форуми за дијалог, како што е Г20, што ќе ги приближи денешните големи сили.

Но посредничкиот пристап на Трамп кон Русија се соочува со големи препреки. Надворешната политика на Путин стана сè понепријателски настроена кон безбедносните планови на Западот, а односот на Трамп со Кремљ предизвика сериозна загриженост и дома и надвор. Ова беше дополнително влошено од неговата ароганција кон европските сојузници на Америка.
Во секој случај, по одредени двоумења, Трамп лани ги потврди своите заложби кон заедничката одбрана на НАТО. Но тоа не значи дека тензиите се намалија. Трамп продолжи да бара од другите членки на НАТО да ги зголемат воените трошоци. Трамп не разбира дека ваквото зголемување на трошоците нема да биде наменето кон буџетот на НАТО или ќе ѝ се плаќа на Америка за нејзината заштита, туку ќе биде насочено кон зајакнување на сопствените одбранбени капацитети на секоја држава.
Всушност, ЕУ веќе ја воспостави таканаречената постојана структурирана соработка за да ги зголеми безбедносните и одбранбените ресурси и ги користи на колективен и на многу поефикасен начин. Администрацијата на Трамп треба да ги поздрави ваквите мерки. Но сепак се чини дека одговара со скептицизам на секоја заедничка иницијатива што ја спроведува ЕУ.

За време на претседателската кампања од 2016 година, Трамп го поддржуваше обидот на Британија да се повлече од ЕУ. Откако дојде на власт, неговата администрација не се двоумеше за да го ослаби блокот во секоја можна пригода. Неодамна, Ричард Гренел, американскиот амбасадор во Германија, изјави дека тој се труди да ги „зајакне другите конзервативци во Европа“, што е јасно отстапување од демократскиот протокол. Секако, Европејците што би ги поддржале Трамп и Гренел не се вистински конзервативци, туку реакционери. Нивната цел е да го спречат напредокот што ние Европејците го постигнавме со развивањето на нашиот заеднички проект.
Трамп очигледно се чувствува удобно кога може билатерално да се поврзе со други земји. Не е чудо тоа што ЕУ, која е столбот на мултилатерализмот, не е по негов вкус. Но Европа и Америка отсекогаш имале најголеми успеси кога се поддржувале меѓу себе додека соработувале во рамките на институциите базирани на заедничките норми. Наклонетоста на Трамп кон стратегијата „раздели па владеј“ отвора игра во која ќе има само губитници, почнувајќи со Западот и завршувајќи со светот.

Авторот е бивш генерален секретар на НАТО и поранешен шеф на дипломатиите на ЕУ и на Шпанија. Тој е соработник на институтот Брукингс