Креаторите на спогодбата си заминуваат од функциите

4776
Карикатура: Калц

Дали поради сплет на околности, случајна коинциденција или сосема други причини, но изминатиот период редица странски политичари ги напуштија своите функции. А токму нив домашната јавност ги памети како силни поддржувачи на договорот од Преспа, кои во секоја пригода даваа и изјави во таа насока

Има една стара изрека, која вели дека политиката ги јаде своите деца, но дали таа може да се однесува и на креаторите и поддржувачите на преспанскиот договор. Дали поради сплет на околности, случајна коинциденција или сосема други причини, но изминатиот период редица странски политичари ги напуштија своите функции.

А токму тие или повеќе од нив домашната јавноста ги памети како силни поддржувачи на договорот од Преспа, кои во секоја пригода даваа и изјави во таа насока. Последното повлекување од функцијата е на Арон Вес Мичел, помошник-државен секретар на САД задолжен за Европа и Евроазија, кој неодамна информира дека поднел оставка од функцијата.

Мичел неколкупати го посети регионот, а беше и во Македонија непосредно пред референдумот и побара од граѓаните поддршка на спогодбата со Грција.
По гласањето напиша писмо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое бараше независно од исходот на референдумот, партијата во парламентот да го поддржи договорот од Преспа.

Мицкоски одговори дека ВМРО-ДПМНЕ не може да поддржи договор што „е отфрлен на референдумот од убедливо мнозинство граѓани, со кој се менува Уставот за да се промени името на државата и со кој се бара од Македонците да се откажат од сите свои стекнати права“.

Во меѓувреме, „Вашингтон пост“ оценува дека заминувањето на Мичел ќе создаде клучен вакуум во време кога европските лидери ја доведуваат во прашање посветеноста на американскиот претседател Доналд Трамп кон историските сојузи.
Од друга страна, Мичел не е единствениот високорангиран светски политичар што беше силен поддржувач на спогодбата, а кој во периодот додека таа биде комплетирана поднесе оставка на својата функција.

Таков пример беше регистриран и на крајот од декември, кога оставка поднесе поранешниот американски министер за одбрана Џим Матис.

И оваа оставка можеби нема директна конекција со случувањата меѓу Македонија и Грција, но факт е дека и Матис се вбројува во поддржувачите на договорот. Матис ја посети земјата пред одржувањето на референдумот и спогодбата со Грција ја оцени како историска.

Во март лани, американскиот претседател Доналд Трамп го отпушти државниот секретар Рекс Тилерсон, кој и го замени со директорот на ЦИА, Мајк Помпео.

Додека беше на функција овој американски функционер неколкупати јавно искажуваше апели за брзо надминувањето на поранешната политичка криза, која владееше во Македонија и го охрабруваше процесот за преговори во ООН со Грција. Тој во Вашингтон на оваа тема се сретна и со сега поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коsијас и со македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров.

На почетокот од јануари лани оставка поднесе и заменик-помошникот на американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања Хојт Брајан Ји. Стејт департментот тогаш соопшти дека Хојт Ји, за напуштањето на функцијата на позицијата беше назначен во 2013 година, а за тоа ги известил неговите колеги во американското министерство за надворешни работи. Овој американски дипломат го памети македонската јавност по неговите многубројни посети на државата и контакти со политичарите и од власта и од опозицијата, кои особено се засилија за време на политичката криза во земјата и во предворјето на решението за спорот со Грција.

Во контекст на овие случувања, за обележување е и фактот дека, за разлика од оставките на американските политичари, наскоро ќе заврши мандатот и на голем број функционери на ЕУ и лидери на западноевропските држави што исто така силно се залагаа за спроведување на спогодбата со Грција. Свое заминување од функцијата најави германската канцеларка Ангела Меркел, која несомнено важеше за еден од најсилните поддржувачи на спогодбата од Преспа. Таа во клучните моменти од имплементација на договорот ги посети и Македонија и Грција и оствари средби со политичарите од двете земји.

Во Македонија, Меркел изјави дека прашањето за името и членството во НАТО и ЕУ е поврзано, а без решено прашање нема членство во Унијата.

Натаму, наскоро завршува и мандатот на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Тој во своја последна изјава на оваа тема истакна дека сака својот мандат да го заврши со отворање на преговорите на ЕУ со Македонија и Албанија.

Во тој контекст, лани во септември, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Федерика Могерини навести дека нема да побара уште еден мандат на таа позиција, откако тој ќе ѝ истече во 2019 година. Могерини, која е поранешна италијанска министерка за надворешни работи, е на функцијата од 2014 година, а ќе се памети по силната поддршка на владата на актуелниот премиер Зоран Заев, за која по смената на владата на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека сега државата конечно се врати на правиот пат кон ЕУ. Мандатот на Могерини завршува во октомври следната година, заедно со мандатот на Европската комисија (ЕК), предводена од нејзиниот претседател, Жан-Клод Јункер. Овие тројца ЕУ-политичари Могери, Јункер и еврокомесарот Хан, според светските медиуми, одиграа суштинска улога во постигнувањето компромис за спорот за името, а претседателот на ЕК, Јункер, беше меѓу првите политичари што спогодбата ја нарекоа „историска“.

Во ноември годинава завршува и мандатот на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Поддршката на Туск за спогодбата ќе се памети по неговиот говор на македонски јазик што го одржа лани во април, за време на неговата посета во нашата држава. Претходно тој преку своите профили на социјалните мрежи ги повика македонските граѓани да излезат и да гласаат на референдумот поврзан со спогодбата од Преспа. Треба да се нагласи и дека меѓу првите што поднесоа оставка и се повлекоа од функцијата беше и креаторот на договорот од Преспа и еден од неговите потписници Никос Коѕијас. Сепак, иако ја напушти функцијата шеф на дипломатијата, тој остана доследен во ставовите за поддршка на договорот.

Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски овие случувања ги дефинира како интересна коинциденција.

Тој вели дека затворањето на спорот со Грција во идните учебници со сигурност ќе се памети и со крајот на политичките функции на високите играчи во меѓународната политика.

– Иако реално завршетокот на функциите на овие политичари, државници и функционери нема никаква директна врска со спроведувањето на спогодбата од Преспа, сепак моментот на поклопувањето не може да се избегне – вели Стефаноски.
Политикологот објаснува дека е сосема логично тоа што се случува, бидејќи процесот за решавање на спорот и онака трае долго, со децении, па практично е невозможно еден политичар или функционер да се одржи толку долго на позиција од крајот до почетокот на случувањето.

Стефаноски вели дека она што е интересно за него е дилемата дали по овие случувања, некои од овие високи државници ќе го сменат својот став поврзан со спогодбата од Преспа во моментот кога ќе станат од својата фотелја.
Тој потсетува дека вакви разлики во ставовите на светската елита биле поврзани со случувања во Македонија и претходно, особено за време на решавањето на кризата во 2001 година, со потпишувањето на рамковниот договор.

Тогаш, според Стефаноски, европските државници и светските политичари тврделе едно, дека се за спроведување на рамковниот документ, а во нивните мемоари или изјави дадени по пензионирањето пак го кажуваат сосема спротивното. Што ќе откријат мемоарите за Преспанскиот договор останува да почекаме, но и како новоизбраните функционери во САД и ЕУ ќе се однесуваат кон договорот во иднина.

Вес Мичел деновиве неочекувано се повлече од функцијата
Фото: Маја Јаневска-Илиева