Крајно внимателно за празниците

195

Микробиолозите предупредуваат дека претстојниот викенд граѓаните треба да внимаваат и да не се групираат, за да не се повторат случувањата од претходните верски празници кога имаше зголемен број заболени од ковид-19

Продолжениот викенд носи ризик од нови кластери

Дали претстојните празници Курбан-бајрам и Илинден кога очекувано има поголеми групирања и собири на луѓе може да бидат ризик-фактор за ново ширење на коронавирусот во земјата? Традицијата на прослава на овие празници подразбира масовни групирања што, според епидемиолозите, за ваква лоша епидемиолошка слика со секојдневен висок број заболени во државата е опасност од формирање нови кластери.
Епидемиолозите стравуваат дека по претстојниот викенд, почнувајќи од петок 31 јули годинава кога муслиманските верници ќе го празнуваат Курбан-бајрам и ќе биде неработен ден за нив, а завршувајќи со недела 2 август, кога ќе се чествува државниот празник Илинден, со што и следниот ден, понеделник 3 август ќе биде неработен за сите граѓани во земјава, постои опасност од масовни групирања и со тоа да се повтори сликата од претходните празници, кога имаше пораст на заболените од ковид-19.

Многупати досега прославата на верските или на државните празници во земјава за време на пандемијата на ковид-19 дигаа голема прашина во јавноста и на социјалните мрежи. Постојано се поставуваа слики од прослави и масовни собири на граѓаните, со коментари дека не се почитуваат препораките, а дека надлежните институции не ги санкционираат оние што не ги почитуваат пропишаните препораки за заштита од ширење на вирусот.
Традиционално муслиманите за овој верски празник одат во џамија на молитва, но исто така имаат обичај да ги посетуваат своите најблиски и на тој начин да го прослават празникот. Сепак, поради значењето на празникот Курбан-бајрам претходните денови се колат курбани, жртвени животни, чие месо потоа, на денот на празникот, се дели меѓу сиромашните или социјално загрозените луѓе.
Тоа, според докторите, може да значи и масовно собирање и зголемување на ризикот од повеќе заболени.

За чествувањето на Илинден веќе има државен протокол во кој се наведени препораките на Комисијата за заразни болести, но во најголем дел од селата низ земјата се слави славата Свети Илија, каде што исто така постои можност за групирање на граѓаните.
Микробиологот Никола Пановски вели дека претстојниот викенд граѓаните треба да внимаваат и да не се групираат, за да не се повторат случувањата од претходните верски празници кога имаше зголемен број заболени.
– Препораките веќе треба да им се добро познати на сите. Не треба да се собираат на затворено, односно да не се собираат со гости по дома, а на отворено да држат дистанца и да ги почитуваат препораките за носење маска. Тоа важи и за сите други денови. Истото важи и за оние што ги посетуваат туристичките места, да не се групираат на плажите – додава Пановски.
Изминатите месеци за најголем дел од верските празници беше воведен карантин. Сепак, голем дел од заболените, според епидемиолозите, биле заразени од ифтарските вечери што се случуваа цел месец пред празникот Рамазан-бајрам, кој се славеше на 24 мај годинава.

Тогаш големи кластери и жаришта на цели семејства заболени беа забележани во општините каде што живее мнозинско население со исламска верска припадност. Инаку, бројот на заболени во земјава, пред неколку дена, надмина 10 илјади заболени, од кои активни случаи се близу половина од заболените.

[email protected]