Кој ќе настине од „провевот“ во МВР

922
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Освен што информира дека процесот на таканаречениот ветинг веќе почнал во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со јавноста не сподели ништо повеќе во однос на овој процес, така што малобројните неофицијални информации и малку побројните шпекулации се единственото со што може да се калкулира при формирањето какви било оцени и прогнози за идниот профил на безбедносните служби

Колку навистина е комплициран и непредвидлив најавениот процес за кадровско „проветрување“ во Министерството за внатрешни работи и во безбедносните служби, воопшто, и дали тоа ќе резултира со поефикасен безбедносен апарат, се само некои од дилемите што се наметнаа откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека законот за ветинг на полициските службеници, како што го нарече, наскоро ќе се најде во Собранието и, врз основа на тој закон, на различни нивоа ќе се формираат комисии што ќе го спроведуваат кадровското прочистување. Спасовски дополнително информира и дека процесот на таканаречениот ветинг веќе почнал во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), но со јавноста не сподели ништо повеќе во однос на овој процес, така што малобројните неофицијални информации и нешто побројните шпекулации се единственото со што може да се калкулира при формирање какви било оцени и прогнози за идниот профил на безбедносните служби.

Според шефот на полицијата, кадровските промени треба да ги опфатат сите вработени, при што ќе се разгледуваат можните криминални активности во структурата на МВР, ќе се проверат нивната професионална подготовка, интегритетот на личностите и имотната состојба. Спасовски потсети дека процесот на селекција на кадрите ќе се спроведува и во новата агенција за национална безбедност.
Од друга страна, комисијата што треба да ги селектира кадрите сѐ уште не е формирана. Избран е само еден пратеник – Трајче Димков, а Артан Груби се откажа од оваа функција. Освен пратеници, во комисијата што ќе ги испитува сите досиеја на припадниците на тајната полиција ќе има и двајца членови од МВР, двајца од синдикатот и директорот на Националната агенција.
Во меѓувреме, добро упатените извори брифираат дека од вкупниот број вработени во УБК, на своите работни позиции ќе останат само неколку стотини, а сите други најверојатно ќе бидат префрлени со работните обврски во униформираната полиција, со што дополнително ќе се зголеми и онака големиот број на униформираните чувари на јавниот ред и мир.

Во тој контекст, за обележување е и последната анализа на европската статистичка агенција Евростат, која нашата држава ја вброи во европските земји со најголем број полицајци во споредба со бројот на граѓани што живеат во земјата.
Во анализата е наведено дека просекот на ЕУ е 318 полицајци на 100.000 жители, или еден полицаец на 314 жители, а Македонија има дури 522 полицајци на 100.000 жители. Во ЕУ висок процент е забележан во Кипар – 573, Малта – 505, Грција – 492, Хрватска – 490 и во Летонија – 450.

Освен тоа, за потсетување се и критиките што на адреса на МВР пред извесно време ги упати ГРЕКО, тело на Советот на Европа основано да го надгледува спроведувањето на антикорупциските стандарди. Во извршното резиме на ГРЕКО е наведено дека корупцијата и натаму останува сериозен проблем во земјава, а се акцентира токму и политизацијата на полицијата. Шефицата на делегацијата на нашата држава во ГРЕКО, Ана Павловска-Данева, притоа, за медиумите појасни дека во однос на препораките за МВР се бара детално и прецизно да објавува колкав е буџетот, но и колку обуки се направени во однос на етичкото однесување, почнувајќи од самиот министер, преку високите функционери до полициските службеници. Павловска-Данева информира дека за исполнување на овие препораки, ГРЕКО на државата ѝ дал рок до 30 септември следната година.

По сето тоа, експертите се резервирани во однос на способноста на нашата земја непристрасно и по европски стандарди да го спроведе овој процес.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски овој процес го споредува со претходните, како што потсети, поларизирани искуства на државата во проверката на кадрите во текот на многу критикуваниот процес на лустрација што го вршеше претходната власт. Тој додава дека проблем во овој момент е прашањето и што би правела државата со оние кадри што ќе останат надвор од безбедносните органи по завршувањето на кадровските чистки, а ги имаат решенијата за вработување и едноставно не можат да бидат избркани од работните места.

Публицистот Арсим Зеколи во своја колумна на темава пишува дека дилемата дали на Македонија ѝ е потребен ветинг-процес е една од оние теми на кои и општеството и естаблишментот веднаш и унисоно ќе се согласат со позитивен одговор. Но, според него, како и со сѐ друго, проблемот не е во добивањето согласност, колку што е во мотивот за давањето поддршка.

Зеколи пишува дека домашните искуства однапред налагаат на ветингот да се гледа со добра доза скепса и здрава доза на оптимизам, а сето тоа треба да се стави на кантар со горчлива доза скепса, за процесот и исходот да не бидат контролирани од естаблишментот. Тој поентира со фактот дека иако не е сѐ безнадежно, сепак скепсата потекнува од искуствата од минатото какви што, според него, беа оние на УДБА против КОС при лустрациите, на искуствата со селективните правди на ЈО и на СЈО и тесната соработка на западната дипломатија со овдешните зрели за ветинг „демократски надежи“.

[email protected]