Кој ќе биде претседател – митрополитот Михаил или Блаже Ристовски?

938

Од денешна перспектива, 30 години подоцна, интересно е да се види со какви политички предизвици се соочуваше државата во тоа време, како Киро Глигоров од активен пензионер стана единствен кандидат за претседател на државата, неговиот судир со Темпо за обединета Македонија, формирањето на првите партии во државата итн. Во актуелниот контекст на домашни политички превирања, како и уцени и условувања од надвор во однос на македонската историја, јазик и идентитет, вреди да се спомене и дека Глигоров го сметаше Гоце Делчев за темелот на македонската национална борба, а македонскиот идентитет засекогаш бетониран во свеста на Македонците. Со сите негови пропусти, грешки, задоцнети одлуки и колебливости, добивајќи го и прекарот Стариот Лисец, тој, сепак, ќе остане забележан во македонската историја како првиот претседател на независна Република Македонија

Фељтон: Изборот на Киро Глигоров за прв претседател
на Републиката – триесет години подоцна (2)

По формирањето на првите политички партии, секако дека најинтересно и најпривлечно за граѓаните беше прашањето кој ќе биде претседател на државата. Беа спомнувани имиња на познати недискредитирани политичари од старата гарда, академици, универзитетски професори, успешни стопанственици (уште не беше во употреба терминот бизнисмени). Сепак, меѓу најчесто спомнуваните беа имињата на Васил Тупурковски, Петар Гошев, Киро Глигоров, Лазар Мојсов и Блаже Ристовски. Извесни, но минимални шанси му се даваа и на професорот Димитар Димитров, дисидент во социјализмот, неговата сопруга Ратка Димитрова имаше висока функција и голем авторитет во националистичката партија. Една група на ВМРО-ДПМНЕ, која немаше врска со реалноста, го имаше предвид и Драган Богдановски, еден од основачите на партијата, претставен како македонски патриот во емиграција, кој одлежа неколку години строг затвор поради антијугословенска и антимакедонска дејност. Меѓу имињата што го збогатуваа прогнозирачкиот фолклор и го развеселуваа народот беше и најавената кандидатура преку српски весници на Велибор Џаровски-Џаро, познато лице од организирање забави и концерти и лажирање спортски натпревари. Вреди да се забележи дека во анкетите што почнаа да се прават убедливо водеше Васил Тупурковски, тогаш член на Претседателството на СФРЈ, со двојна разлика зад него котираше Киро Глигоров.

ВМРО во налет – комунистите ја губеа силата

Повеќето од партиите уште од основањето, а подоцна по познатите резултати од изборите, најавуваа свои можни кандидати за највисоките функции, се вртеа можни и неможни сценарија во таа смисла. ВМРО-ДПМНЕ како партија во налет психолошки и практично се наметна како решавачки фактор. СКМ-ПДП под Гошев ја губеше силата, што поради општите неповолни услови и атмосферата што настана против бившите комунисти, што поради неговата лидерска колебливост. Сојузот на реформските сили преку Стојан Андов го носеше комплексот на југословенска партија во рацете на Анте Марковиќ, Скопје беше исполнето со плакати против него. Социјалистите и така беа потивки, а албанскиот корпус не беше толку гласен, мудро очекуваше македонска разврска и ги чекаше своите права и шанси. Во таквите услови македонската револуционерна организација револуционерно, со герилски упади, ја преземаше иницијативата, беше во позиција прва да предлага и да бара решенија по нивно мислење и волја. Агресивните обиди одеа на нивна штета, бидејќи ги задушуваа, им ја намалуваа вредноста на корисните предлози што ги најавуваа.
На општо изненадување во јавноста, наместо некој од спомнуваните можни кандидати, се појави ново, неочекувано, име како најсериозен кандидат – митрополитот повардарски Михаил, Методи Гогов по световно име и презиме.

На неговата светост ВМРО му ја понуди претседателската функција. Владиката Михаил беше познат како свештеник и вероучител, даровит црковен оратор и мудрец, запаметен по огнениот глас и прекрасните беседи. Во неговите биографски податоци беа наведени: член на Синодот на МПЦ, професор, ректор на Македонската православна богословија, генерален секретар на Архиепископијата, свештеник што имал и други значајни црковни функции. На Богословскиот факултет во Белград, Гогов во српски поп бил произведен во 1936 година како најдобар студент во генерацијата. Се приклучил во Народноослободителната војна при крајот на војната, бил член на АСНОМ, учествувал и во организирањето на Првиот црковно-народен собир на Македонската црква во Скопје во почетокот на март 1945 година, се залагал за автокефалност на МПЦ. Четири години служеше меѓу Македонците во Австралија, со што стекна углед во дијаспората. Покрај англискиот што го зборуваше перфектно, зборуваше и француски, руски. Беше познат и по тоа што не сакал да ги чита своите богослужбени слова, но е запаметен по неговото ораторство, со кое ги надминувал сите архијереи, по таа дарба и слава сличен му бил само митрополитот Кирил.

Контроверзниот кандидат дедо Михаил

Роден во време на Балканските војни, во 1912 година, во древното и легендарно штипско Ново Село, познато по учителствувањето на Гоце Делчев, но и како родно место на Тодор Александров, на Иван (Ванчо) Михајлов и на други дејци што работеле или за царска Бугарија или за слободна и независна Македонија. Преку неговиот пример може да се потврди сознанието дека местото и времето на раѓање, како и историјатот на тоа место, во многу случаи ја определуваат и судбината на домородните жители. Во овој случај значи дека Гогов уште како дете ја наследил револуционерната традиција на претходниците слушајќи ги контроверзните приказни за Македонија и за локалните јунаци познати на цел Балкан и пошироко.
Тие испреплетени дилеми околу националната борба за ослободување определуваат дел од неговата контроверзна биографија во помладите години, како поддржувач на идеите на ВМРО, што во тоа време ја подразбираше Бугарија, за што беше суден и осуден од комунистичката власт веднаш по војната. Во два наврата одлежал повеќе од шест години затвор. Бил осуден и затворен поради идеите за национална, социјална и духовна слобода на македонскиот народ. Како и да било, етикетата за бугарофилство него го следеше долго време, како во самата црква така и надвор од неа.

Како се случи идејата дедо Михаил да биде претседател и зошто не беше прифатена? Во редовите на ВМРО-ДПМНЕ дефилираа многу самокандидати, во самата партија не можеа да постигнат согласност за ниту еден од таквите аспиранти. Се бараше личност што би била општоприфатена, но, сепак, според својата биографија наклонета кон идеите на ВМРО. И личност што е позната но не се занимавала со политика, која не е дискредитирана во очите на јавноста. Според моите сознанија, идејата била изнесена во кабинетот на Божин Павловски, угледен, иницијативен и влијателен директор на издавачката куќа „Мисла“, која беше блиска и со политичарите и во социјализмот. Романописецот Павловски имаше способност и харизма да ги привлекува луѓето со глаголивост, ерудиција и ангажман од секаков вид. По негова иницијатива кај него неформално, на кафе, се состанале претседателите на партиите – Љупчо, Перо и Стојан, и тројцата се согласиле со предлогот владиката Михаил да биде кандидат. Нивното согласие стана и официјална понуда на ВМРО. Дедо Михаил беше претставен како обединувачки фактор на Македонците, еден вид македонски Макариос, архиепископ што беше прв претседател на Кипар откако тој остров стана посебна држава во седумдесеттите години од 20 век.

Или функцијата или мантијата

Колку што наиде на разбирање и приемливост, предлогот толку наиде и на отпор. Реагираа помали партии со граѓанска ориентација, реагираа институции, граѓаните беа поделени – и за и против. Загриженост од таков избор најави и партијата на Албанците, што беше разбирливо. Намерата за избор ја спречија младите кадри од СКМ-ПДП, иако нивниот претседател Гошев се согласил со таквиот предлог. Во официјалното образложение зошто се против, како главна причина ја наведоа неспоивоста на световната и духовната функција, дека господин Михаил не може да биде и свештеник и претседател истовремено. По неколкудневно двоумење и анализирање на аргументите за и против, митрополитот се откажа од укажаната чест. Најверојатно преовладеала свеста дека неговата кандидатура може да предизвика сериозни бранувања уште на почетокот на новата државност, одново да биде цел за многу критики и лични дискредитации засновани на неговото минато. Во кулоарите се слушна дека, освен отпорот од комунистите, имало отпор и во Светиот синод. Наводно, еден друг влијателен член на Синодот, по препорака на некои политичари, му ја пренел таа ултимативна порака – или прифаќање на функцијата или фрлање на мантијата. Доколку прифати, ќе му биде симната мантијата, ќе му се одземе епархијата и ќе му престанат сите принадлежности од црковната и свештеничката функција. Откако го слушнал тоа, дедо Михаил дефинитивно рекол: Не, благодарам.
Во деновите по објавената кандидатура, весникот „Нова Македонија“ објави неколку текста во продолженија, низ кои беше раскажана безмалку целата црковна и политичка биографија на митрополитот. За првпат во македонската јавност беа објавени податоци и вистини од неговиот живот што дотогаш беа непознати. Иако содржините што се објавуваа не му беа нему наклонети, дедо Михаил не реагираше на таквите текстови. Сепак, подоцна, кога стана при неколку средби, знаеше на нему својствен интелигентен начин да ми префрли некаква вина за неуспешноста на таа кандидатура. Впрочем, и самиот Божин Павловски во една од своите книги, со неколку реченици, мене ме смета за еден од оние што придонеле митрополитот повардарски Михаил, алијас Методи Гогов да не биде избран за претседател на независна Македонија. Не застана на чело на државата, но застана на чело на Македонската православна црква. Во 1993 година беше избран за нејзин поглавар, со титула – неговото блаженство господин, господин Михаил.

Несудениот кандидат Блаже Ристовски

По пропаѓањето на таа иницијатива, за можен кандидат за претседател ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да го исфорсира Блаже Ристовски, фолклорист, историски истражувач познат по делата за Крсте Петков Мисирков, научен соработник во Институтот за национална историја, дописен член на МАНУ. И тој на млади години бил осуден и одлежал шест месеци затвор во Идризово за учество во конспиративна група обвинета за непријателска активност против слободата на македонскиот народ и за противнародна дејност. Во антикомунистичката атмосфера што се наметнуваше, тие детали од неговиот живот беа добра препорака. Него го поддржуваа некои од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои беа и едни од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, браќата Гојко и Мане Јаковлевски и Драган Богдановски, тогаш идеализирана вмровска фигура. Инаку, Ристовски беше член на МААК, не помина на листата за избор на пратеници на таа партија, иако беше високорангиран. Иако често споменуван, тој не беше официјално предложен за претседателска кандидатура, зашто набргу се расчу дека има подебело контроверзно полициско досие, под кодно име „Фолклорист“, водено за него до тогашниот ден.

(продолжува)
(Утре: Глигоров од активен пензионер до единствен кандидат)
[email protected]