Кој го разбуди овој пат Уставниот суд?

434
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Општ е впечатокот во јавноста дека наместо проактивно, Уставниот суд реагира реактивно, а понекогаш ниту така. Ваквиот начин на функционирање само придонесува за создавање законска конфузија и правна несигурност во државата. Истовремено, нереагирањето на нешто што е неуставно и незаконско навлегува директно во темелите на правната држава и владеењето на правото

Правната сигурност на граѓаните е меѓу клучните постулати на здравата демократија и претставува одлика на општество во кое владеат правото и законите. Гаранциите за таквата правна сигурност се поставени во Уставот на државата и, според поставеноста на правниот систем, Уставниот суд треба да биде чувар на уставноста. Но кога теоријата треба да се примени во практиката, искуствата и оцените на јавноста за улогата на македонскиот уставен суд во заштитата на уставноста и правната безбедност на општеството, се главно незадоволителни. Во услови на динамични промени на законските регулативи, како и драматични интервенции во Уставот, општ е впечатокот дека Уставниот суд реагира со задоцнување (по три години се разгледува претставка за оценување на уставноста на одлуката за повлекување на амнестиите од поранешниот претседател Иванов) или по надворешна „дразба“ (по 10 месеци е активирана претставката на партијата Левица за Законот за употреба на јазиците, веднаш по извештајот за односниот закон на Венецијанската комисија) итн. Примери за „заспаност“ или недејствување на Уставниот суд во дадениот момент за суштествени прашања има уште редица. Она што е симптоматично е и фактот што Уставниот суд речиси никогаш не ја користи својата надлежност да реагира по службена должност, односно самиот Уставен суд да укаже на прекршување на уставноста. Општ е впечатокот дека ваквиот начин на работа на Уставниот суд, со премолчување, на копче по некоја дразба или со задоцнето палење, придонесува за создавање правна конфузија и несигурност.

Фото: Дарко Андоновски

Правните експерти имаат свое мислење за ваквите необични услови и состојби во Македонија

– Во сите држави каде што постои Уставен суд, се плашат од хиперактивноста на оваа институција, но во Македонија се „плашиме“ од негова неактивност. Со оглед на тесната уставна надлежност на Уставниот суд, логично е да се очекува активно да ја практикува таа надлежност, што, за жал, тоа не се случува. Во насока на проширување на надлежноста на Уставниот суд, сметам дека прво се неопходни уставни измени и да се донесе закон за Уставен суд. Креаторите на македонскиот устав сметаа дека со закон би се ограничило дејствувањето на Уставниот суд и сега функционира само со деловник. Но со деловник не можат да утврдат прашања од материјална природа и затоа е неопходен закон за Уставен суд. Со уставните измени би требало да се воведе и институтот „уставна жалба“, со што Уставниот суд би решавал и за индивидуалните права на граѓаните. Всушност, работата на уставните судови во сите земји каде што функционираат е регулирана со закон – вели професорката по уставно право Гордана Сиљановска-Давкова.

Во однос на идејата за закон за Уставен суд, веќе постои предлог-закон, кој при вчерашната посета на оваа институција му бил презентиран и на ЕУ-амбасадорот во земјава Самоел Жбогар.

– Претседателот на судот ми го презентираше предлог-законот за Уставниот суд слично како другите закони за уставните судови во регионот. Изгледа дека таквиот закон би решил многу проблеми и би го подобрил функционирањето на Уставниот суд во земјата – изјави Жбогар.

Сепак, и покрај несоодветната функционална одреденост на Уставниот суд
(со деловник, а не со закон), тоа не ја ограничува, ниту спречува можноста за негова иницијативност како највисока правна инстанца да дејствува проактивно и да се обиде да превенира и отстрани одредени правни недоследности. Секако, притоа треба да ги штити Уставот и законите, и да не дозволи да биде сведен на политичка алатка, како што се добива впечаток во јавноста.

– Уставниот суд веќе подолг временски период не е на висината на својата основна задача во системот, а таа е да биде чувар на Уставот и да биде чувар на уставноста и на законитоста во земјата. Премногу иницијативи стојат во фиока, нема никаков активизам, се чини дека уставните судии премногу тактизираат и се добива впечаток дека работат под партиски диктат и нарачка.

Лично имам поднесено барање за заштита на моите права пред повеќе од два месеца, уште никој ме нема контактирано, иако постапката за заштита на правата е итна и приоритетна, барем така стои во Уставот. Реагираат и партии, реагираат и невладини организации дека Уставниот суд е неактивен во исклучително тежок и важен период за државата. Уставниот суд не се произнесе по ниту едно суштествено прашање од значење за Македонија, не се произнесе за уставноста на договорот од Пржино, не се произнесе за уставноста на договорот од Преспа, не се произнесе за уставноста на тиранската платформа, не се произнесува за уставноста на СЈО, за законот за јазиците. Сите наведени документи беа склучени како неуставни акти за кои мораше да поведе постапка Уставниот суд како орган, кој натпартиски ќе се поставеше во државата и ќе беше главен коректор во уставниот систем. Она што партиите го прават неуставно и незаконски, да го исправи судот. За жал, Уставниот суд изгледа атрофирано, безидејно, исплашено, тотално без правен компас – констатира професорката на Правниот факултет при УКИМ, Татјана Каракамишева-Јовановска.
Неактивноста на Уставниот суд, според Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд, создава клима на правна небезбедност во државата.

– Уставниот суд никогаш не реагирал онаму каде што има најголема надлежност – кај индивидуалните права на граѓаните. Граѓаните се чувствуваат правно небезбедни, во смисла дека веќе нема никаква гаранција за што било стекнато во животот дека е правно безбедно. Се менуваат прекуноќ надлежноста на институциите и регулативите за базичното граѓанско функционирање (сопственост на имот, Закон за катастар, дивоградби…), а Уставниот суд не реагира. Сведоци сме на страшна правна несигурност, а правната безбедност е неделива од општата безбедност на една држава – вели судијата Дане Илиев.


Претставка од февруари ги дочека декември и Нова година

Минатата седмица, по објавувањето на извештајот на Венецијанската комисија, од политичката партија Левица на социјалните мрежи објавија дека добиле одговор од Уставниот суд за нивната претставка за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците, поднесена во февруари, годинава. Уставниот суд, по барање од Левица, одговара дека предметот за оценување на уставноста на овој пропис е во завршна фаза и очекуваат во најбрз можен рок да биде ставен на дневен ред на седница на Уставниот суд.
Сепак, во одговорот до Левица не е прецизиран датумот на седницата кога Уставниот суд ќе ја разгледува претставката. Претставката на Левица се однесува на прекршување на процедурите за донесување на законот и дека е објавен во „Службен весник“ без потребниот претседателски потпис.


Жбогар: Нема потреба од ветинг

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самоел Жбогар, по средбата со претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, изјави дека ветингот во судството е последната опција што треба да се случи.
– Во моментот, не гледам дека има потреба од такво нешто – изјави Жбогар и додаде дека за прашањето за ветингот треба да се одлучи со меѓупартиски консензус, но дека на крајот за тоа треба да одлучи самата земја.
На новинарско прашање како ЕУ ќе одговори на барањето од премиерот Зоран Заев за поддршка за спроведување ветинг во судството, Жбогар посочи дека сѐ уште ја нема слушнато изјавата, но повтори дека ставот на ЕУ е јасен, односно Унијата смета дека за подобрување на состојбите во судството треба да се искористат елементите однатре.