Кој ги загадува водите во Македонија

195
Фото: Игор Бансколиев

Според испитаниците, најголем загадувач на водите во земјата се граѓаните, за што се изјасниле 42 отсто од анкетираните, преработувачката индустрија со 33 отсто и рударските капацитети со 10 отсто

Анкета на „Разбистри сè“ за искористувањето на природните ресурси

Најголем загадувач на водите во Македонија се граѓаните и индустриските капацитети, а постои и голема неинформираност и незадоволство кај жителите во земјата во однос на заштитата на водата и инспекцискиот надзор врз искористувањето на природните ресурси. Ова го покажува анкетата на Институтот за комуникациски студии, спроведена од 30 ноември до 6 декември 2020 година, на 1.100 испитаници на возраст над 18 години, во рамките на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“, која ја реализирал Институтот за комуникациски студии, а е поддржана од Британската амбасада во Скопје.
Целта на анкетата е да се испитаат ставовите на граѓаните за користењето и заштитата на водата и за ефикасноста на инспекцискиот надзор врз искористувањето со природните ресурси.
Според испитаниците, најголем загадувач на водите во земјата се граѓаните, за што се изјасниле 42 отсто од анкетираните, преработувачката индустрија со 33 отсто и рударските капацитети со 10 отсто. Сепак, 10 отсто од граѓаните сметаат и дека граѓаните и индустријата се најголеми загадувачи.

Нема казни за загадувачите

Дури 72 отсто од испитаниците сметаат дека не се информирани за инспекциските надзори во животната средина, а 63 отсто дека не се задоволни од работата на инспекциските служби. Во однос на начинот на управување со водата, 64 отсто од анкетираните изјавиле дека не се информирани од јавните институции, а речиси половината, 46 отсто, рекле дека не се задоволни од работата на институциите што ги управуваат водните ресурси.
Повеќе од половина од испитаниците, или 57 отсто, не се информирани за квалитетот на водата во општината во која живеат и висок процент (94 отсто) сметаат дека е важно да се врши постојано следење на површинските и подземните води. И покрај тоа, 60 отсто од анкетираните ја оценуваат водата за пиење во општината во која живеат како квалитетна, а 53 отсто од оние што живеат во рурални области како квалитетна ја оценуваат и водата за наводнување.
Поголем дел од испитаниците, 79 отсто, смета дека загадувачите на водите не се казнуваат и многу висок процент, 92 отсто, смета дека е важно да се направи катастар (регистар, датабаза) на корисници и загадувачи на води. Повеќето анкетирани, 62 отсто, сметаат дека не се казнуваат ниту оние што без дозвола или прекумерно ископуваат песок, чакал и камен од речните корита и крајбрежјата.

Апликации за пријавување на загадувачите

Во оваа анкета испитаниците одговарале и на прашања дали се подготвени да учествуваат во активности за подобрување на квалитетот на водите и на кој начин би го правеле тоа. Во тој контекст, најголемиот дел анкетирани, или 89 отсто, рекоа дека досега воопшто не биле вклучени во одлуките за управување со водата. Само четири отсто биле вклучени во јавни трибини и исто толку учествувале во работни групи во врска со водните ресурси.
Речиси половина од анкетираните, или 48 отсто, се изјасниле дека би користеле онлајн апликација за пријавување на загадување на животната средина. Голем дел испитаници, или 82 отсто, досега се немаат вклучено во некоја иницијатива во врска со квалитетот на водата или против загадување на водотеците и ископот на песок, камен и чакал од водните корита и крајбрежјата. Оние што се вклучиле во некоја иницијатива, пак, тоа го сториле зашто лично забележале проблем (38 отсто), имало поднесување барање или петиција до јавна институција (27 отсто) или повик за теренска акција на граѓани (18 отсто).

ИЈЗ: Водата е исправна за пиење

И покрај ваквите размислувања на граѓаните, од друга страна институциите тврдат дека водата во Македонија е квалитетна и дека постојано се вршат контроли на бактериолошка исправност.
Проф. д-р Михаил Кочубовски, раководител на Одделот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје во Скопје, вели дека водата во Скопје и во земјава редовно се контролира од Институтот за јавно здравје во Скопје, но и од комуналните претпријатија во поголемите градови.
– Резултатот е дека водата е безбедна во сите градови и поголеми села. Граѓаните се известени за состојбата на водата преку нашата веб-страница. Ги имаме заштитено и изворите од каде што граѓаните се снабдуваат со вода, со што го минимизиравме загадувањето на водата. Со пречистителната станица во Скопје за комунални отпадни води состојбата ќе се подобри. Според нашите анализи, пристапот за безбедна вода за пиење во земјава е 97 отсто, но секако секогаш треба да се стремиме кон подобро – објаснува професорот Кочубовски.

[email protected]