Коѕијас: Шовинистичкото откопување на македонското прашање создава сериозен проблем

1489

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, пишува за бугарското вето, ги анализира, но и ги критикува барањата и позициите на Софија, а ги коментира и ставовите на дел од грчките десничари, во неговата колумна насловена „Ставот на бугарскиот шовинизам во македонското прашање” за „Независната балканска новинска агенција”. Коѕијас смета дека е создаден сериозен проблем во регионот поради шовинистичкото откопување на македонското прашање од радикалните националисти од Бугарија.

– Шовинизмот што произлегува од мрачните години на бугарската окупација, сака Славомакедонците повторно да ги именува за Бугари. Нема разбрано дека огромното мнозинство на Славомакедонците и уште повеќе секој Албанец од Македонија или Влав со грчка свест, никогаш не би прифатиле да се сметаат за Бугари – пишува Коѕијас.

Тој наведува дека Бугарија поставила два нови предуслови за европскиот тек на Македонија. Според Коѕијас првиот предуслов е „Северномакедонците да прифатат дека се Бугари“, а во вториот, Бугарија тврди дека „славомакедонскиот јазик не е независен јазик, туку е бугарски”. Поранешниот шеф на грчката дипломатија пишува и дека „бугарските шовинисти живеат вон време и простор и во ерата на Комунистичката интернационала”.