Коѕијас во „адвокатскиот тим“ на Заев

2352

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, како што пренесуваат грчките медиуми, се обидувал да им објасни на македонските претставници дека уставните промени се наводно за нивна заштита

Иако информациите во јавноста за текот на преговорите со посредникот Нимиц и меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, се дозирани „во интерес на преговарачкиот процес“, сепак во изјавите од двете страни сѐ почесто се споменува и можноста за отворање на Уставот на Република Македонија, како постапка што наводно ќе се наметне со самиот процес на членство во Унијата. Во една од последните изјави на премиерот Зоран Заев токму тоа беше посочено, при што проследувачите на случувањата поврзани со спорот за името на државата Македонија препознаа отвореност за можноста за уставни промени.

– Македонија, секако, треба да го отвори Уставот пред влегување во ЕУ, како и секоја земја-членка што пред влегувањето во ЕУ го прави тоа и дел од својот суверенитет ѝ го предава на Унијата. Ако се работи за дополнителни гаранции или нешто што е важно за граѓаните на Грција, кои се страна, тогаш би можело и тоа да се разгледува како можност. Јас сум човек што ги бара сите можни креативни начини за наоѓање решение, знаејќи дека може да се постигне решение ако институциите во Грција и институциите во Република Македонија гласаат за тоа решение – изјави Заев.
Сепак, тој додава дека на крајот се работи за одлуки на институциите и не се работи за одлука на Заев и Димитров, или одлука на Ципрас и Коѕијас.

Но Коѕијас заборава да спомене дека со константните грчки подметнувања, барања и уцени кон Македонија всушност ја игра улогата на адвокат на ѓаволот и го покажува вистинското лице на грчката политика, која грубо ги прекршува и ги гази меѓународното право, резолуциите и законите

– Веројатно сум ги кажувал варијантите на она што е можно да се случува во иднина, сѐ со конечна желба да се најде решение, но притоа да се одржи достоинството и да се зачува идентитетот – дополнува Заев.
Прашањето на отворањето, односно менувањето на Уставот на една држава секогаш е чувствително прашање, особено кога такво нешто е иницирано од желбите и барањата на друга држава.
Истовремено таквата евентуална уставна промена би повлекла редефинирање на националниот идентитет, како и на името на јазикот. Никој нема право да ги втурне македонскиот народ и држава во една таква авантура ниту, пак, некој има мандат да разговара или преговара за идентитетските прашања, тврдат експертите.
– Уставните промени мора да бидат предмет на најшироко прифатен консензус.

Менувањето на Уставот не смее да се случува пречесто и по волја само на власта, туку потребна е најширока прифатеност на амандманите и од страна на опозицијата. Факт е дека Уставот не смее пречесто да се менува, ниту пак да се третира како библија што никој не може да ја менува. Пристапувањето на земјата во ЕУ, особено кога ќе стане сосема извесно дека Македонија ќе биде прифатена за членство во ЕУ, а тоа е кога ќе бидат затворени сите 33 поглавја за кои допрва ќе треба да почне да се преговара со Европската комисија, што во најдобар случај е следните десетина години, задолжително ќе ја отвори постапката за промена на Уставот. Оваа постапка за промена на Уставот ќе треба да се отвори тогаш кога ќе биде постигнат консензус од страна на сите постојни земји-членки на ЕУ дека Македонија треба и може да влезе во ЕУ бидејќи ги исполнува сите критериуми за членство – вели професорката по Уставно право и политички системи, Тања Каракамишева-Јовановска.

Грчката страна, пак, сѐ повеќе инсистира дека евентуалното решение за спорот за името на државата Македонија треба да се имплементира за внатрешна употреба преку уставни промени. Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, како што пренесуваат грчките медиуми, се обидувал да им објасни на македонските претставници дека уставните промени наводно се за нивна заштита.

– За да биде вистинско ерга омнес, треба да се имплементира и во внатрешноста на земјата. Може да се склучи меѓународен договор што ќе го содржи сето ова? Можеби и постојат правници што веруваат во тоа. Но искуството покажува дека ако се смени оваа влада, следната ќе го испрати Заев во затвор, велејќи дека го прекршил Уставот, со прифаќање меѓународно име што не е предвидено и не е дозволено од Уставот. Односно и за нивна заштита, како што им имам објаснето, потребна е промена на Уставот – изјавил Коѕијас.
Со ваквите слободни толкувања шефот на грчката дипломатија самиот себеси си ја доделил улогата на адвокат на македонскиот премиер, кој си зема за право да му дели правни совети, какви одлуки да носи и што било подобро за него.
Но Коѕијас заборава да спомене дека со константните грчки подметнувања, барања и уцени всушност ја игра улогата на адвокат на ѓаволот и го покажува вистинското лице на грчката политика, која грубо ги прекршува и ги гази меѓународното право, резолуциите и законите.

Контекстот на изјавите од потребата за отворање на македонскиот устав поради членството на РМ во ЕУ и грчкиот став за имплементирање на евентуалниот договор за името на државата Македонија исто така во највисокиот правен акт на земјата остава простор за различни правнополитички согледувања.
– Она што е поважно во однос на изјавата на Заев дека нашиот Устав секако ќе треба да се отвори поради членството на РМ во ЕУ е дека од таа изјава може да се разобличи целата политичка игра што Владата на РМ ја води околу решението за името. Очигледно е дека контурите на стратегијата се веќе јасно поставени. Првата контура е дека до промена на Уставот ќе се оди со склучување меѓународен договор во кој ќе бидат дефинирани и утврдени сите следни фази и чекори во процесот на менување на името – вели професорката Каракамишева-Јовановска.
Но професорката Каракамишева-Јовановска посочува и дилеми и прашања во врска со надлежноста за склучување таков меѓународен договор.
– Прашањето што мора да им се постави на Заев и на Димитров е според кој член од Уставот и според кој член од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори тие ја наоѓаат својата надлежност за склучување ваков вид меѓународен договор?

Во членот 119 од Уставот на РМ јасно стои дека „меѓународните договори во името на РМ ги склучува претседателот на РМ. Меѓународни договори може да склучува и Владата на РМ кога тоа е определено со закон“. А како е определено со закон? Во наведениот закон, во членот 3 стои дека „меѓународните договори во име на РМ ги склучува претседателот на Републиката. Меѓународни договори во име на РМ може да склучува и Владата на РМ со кои се уредуваат прашања од областа на економијата, финансиите, науката, културата, образованието и спортот, сообраќајот и врските, урбанизмот, градежништвото и заштитата на животната средина, земјоделството, шумарството, водостопанството, здравството, енергетиката, правдата, трудот и социјалната политика, човековите права, дипломатско-конзуларните односи, како и од областа на одбраната и безбедноста на државата, освен за прашања во врска со границата на РМ, стапувањето во сојузи или заедница со други држави или за истапување од такви сојузи и заедници и други меѓународни договори, кои, според меѓународното право, ги склучуваат шефовите на држави“.

Оттука, следува заклучокот дека меѓународниот договор што во моментов го подготвуваат Заев и Димитров, ако биде договорен, во РМ ќе биде ништовен, бидејќи нема да биде склучен од надлежен државен орган, а тоа е единствено и само претседателот на Републиката! Обврските што ги преземаат Заев и Димитров со таквиот неуставен и незаконски договор, во кој тие ги дефинираат обврските на државата поради идното членство во НАТО и во ЕУ, нема да имаат правно дејство, бидејќи тој договор не е договаран со претседателот на РМ, ниту пак ќе биде склучен од негова страна – тврди професорката Каракамишева-Јовановска.
„Нова Македонија“ досега повеќепати пишуваше дека меѓународен договор со временска клаузула или одложено дејство може да претставува јамка околу вратот на државата и граѓаните.
Во таа насока пошироката мислечка јавноста и македонските граѓани јасно порачуваат дека не прифаќаат промена на Уставот на државата ниту, пак, какви било разговори во врска со уставното име, јазикот, идентитетот и посебноста на македонскиот народ, кои се наше вековно наследство и не може да бидат предмет на политички пазарења.