Костовски: Политичката репресија и прогонот од криминалците на власт мора да запрат

88

Имам можност вечерва да говорам во пресрет на можеби најголемиот македонски национален празник – основањето на ВМРО. Практично, организацијата ВМРО, или уште поточно – македонскиот народ, уште во 1893 година поставила една идеја, идеја за слободна Македонија, повторувам – идеја за слободна Македонија. Верувам дека целата македонска јавност е уверена оти во последниот период, особено периодот од кога СДСМ е на власт, оваа држава не е ниту малку слободна. Државата е заземена или заробена од малкумина политичари, кои се криминогени и, едноставно, работат за да ја подобрат почвата за криминалците и криминалот – изјави пратеникот Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Вечерва сме на протест пред Владата против криминалот, против невидената корупција од огромни размери и исклучително против политичкиот прогон што се случува во Македонија. Како што се вели во политичката наука, политичка репресија што се јавува кај политички неистомисленици, т.е. се јавува кон оние што немаат ист став со актуелната власт користејќи ги сите државни апарати, односно злоупотребувајќи ги. Она што сакам да го истакнам е дека ова е период на милионски тендери што Владата ги мести, меѓутоа се одвива рекет на сите можни нивоа, од високи бизнисмени до локални гранапчиња во населените места, а народот, верувајте, нема ни за леб.

Половина милион жители живеат со 130 денари дневно, 25 илјади жители во Македонија живеат со минимални 44 денари дневно, а луѓето од власта енормно се богатат. Не смее да си дозволиме патриотите да гнијат во затворите, а криминалците од власта да бидат на слобода. Оваа власт додека ги пушта криминалците на слобода, многу често и го обвинува народот дека е виновен за разни политички текови во државата и тоа можеби е еден од првите симптоми дека станува збор за диктаторска власт. Овој политички прогон мора веднаш да запре, знаеме дека се случува поради немоќта на власта. Таа е исплашена дека многу бргу ќе дојде тој ден кога ќе се соочи лице в лице со чистата и јасна правда, меѓутоа ова што му го прават на македонскиот народ, тој нема да го заборави и ќе го казни што побргу – истакна тој.