Костадинов: Со гласање против одлуките за вонредната состојба, ВМРО-ДПМНЕ ја потврдува својата деструктивност

222

Најавите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против потврдувањето на одлуките за прогласување на вонредна состојба уште еднаш ја потврди деструктивноста и неодговорноста на оваа партија. Ова го изјави пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов откако денеска Антонијо Милошоски, информира дека ќе гласаат против одлуките за прогласување вонредна состојба, а кои се ставени како дел од дневниот ред на собраниската седница.

Според Костадинов, ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски се води единствено од политички популизам и воопшто не им е грижа за интересите на граѓаните и државата.
Костадинов вели дека вонредната состојба била исклучиво во интерес на граѓаните и неопходна за брзо делување на Владата и институциите, во ситуација кога имавме распуштено Собрание и преодна Влада со мандат за организирање парламентарни избори.

Нагласи дека истовремено, и Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на втората одлука за прогласување на вонредна состојба и ги отфрли сите поднесени иницијативи во однос на уставноста на петтата одлука за прогласување вонредна состојба. Со тоа, како што рече Костадинов, Уставниот суд ги расчистил сите дилеми околу уставноста на одлуките.

– Потврдувањето од страна на Собранието на одлуките за прогласување вонредна состојба е во интерес на граѓаните, на институциите, на државата. Денеска, видовме дека ВМРО-ДПМНЕ упорно стои на спротивната страна. ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски остануваат посветени на деструкција, неодговорно и незрело однесување кое на штета на Собранието, на државата. Безразлика на сите обиди за опструкции од страна на ВМРО-ДПМНЕ, државата продолжува по патот на развојот и напредокот во интерес на сите граѓани – рече Костадинов.