Компаративниот приод за хонгконшкиот грип и за ковид-19 ќе ни даде и ука и надеж

180
Фото: Игор Бансколиев

По објавувањето серија текстови во врска со хонгконшкиот грип во земјава во декември 1969 година и направената споредба со идентичните случувања со актуелната ситуација со ковид-19, а со намера граѓаните не само да се потсетат дека во Македонија пред педесетина години веќе сме минале низ вакво премреже туку и да се извлечат превентивни поуки за тоа како колективната свест, одговорноста и дисциплината ќе помогнат многу побрзо да го надминеме овој предизвик. Нашите соговорници епидемиолози го потврдуваат тоа…

Зошто „Нова Македонија“ се навраќа
на пандемијата од пред педесет години?

Изминатите неколку броја „Нова Македонија“ објави серија текстови во кои се наврати на информации објавени во врска со хонгконшкиот грип во земјава во декември 1969 година, правејќи споредба со идентичните случувања со актуелната ситуација со ковид-19.
Она што весникот го објавувал пред 50 години, информирајќи за хонгконшкиот грип, во најмала рака целосно одговара со она што денеска се случува со пандемијата на ковид-19, вклучувајќи ги распространувањето на вирусот во светот и земјата, симптомите, рестриктивните мерки, како и однесувањетo на луѓето.
Вирусот од типот А (хонгконшки грип) започнува да се шири во Хонгконг од јули 1968 година, заразувајќи 500 илјади луѓе или 15 отсто од населението, по што се шири низ остатокот на Азија, а по неколку недели и во САД и во Европа.
Хонгконшкиот грип се смета како прва пандемија во новото време, а негов наследник од светски размери е токму ковид-19.
Епидемијата од пред половина век предизвика голема меѓународна мобилизација координирана од Светската здравствена организација (СЗО), исто како и денес, со таа разлика што за хонгконшкиот грип од ноември 1968 година се разработени ефективни вакцини, додека за ковид-19 истражувањата за ефективна вакцина се во тек без да се прецизира кога би можела да се појави.

Процените се дека оваа пандемија во 1968 година убила еден милион луѓе, додека ковид-19 досега усмртил 1,1 милион лица и бројката постојано расте.
Од тие причини се обидовме да направиме една паралела за она што бил хонгконшкиот грип, односно вирусот на грип и ковид-19.
– Прво, вирусите на ковид-19 и инфлуенца имаат слични симптоми. Предизвикуваат респираторни заболувања, со слични клинички манифестации, од асимптоматска или лесна до тешка форма на болеста и смрт. Второ, и двата вируса се пренесуваат преку контакт, капки и аеросоли. Затоа, истите тие превентивни мерки важат за обете заболувања (маска, дистанца и хигиена на раце) – вели професорот Драган Даниловски.
Тој појаснува дека грипот има период на инкубација од еден до четири дена, а коронавирусот од два до 14 дена.
– Серискиот интервал за ковид-19 се проценува на пет-шест дена, а за вирусот на грипот, три дена. Ова значи дека грипот може да се шири побрзо од ковид-19. Понатаму, пренесувањето во првите три до пет дена од болеста е главен двигател на преносот за грип. Спротивно на тоа, кај ковид-19 периодот од два до четири дена пред појавата на симптомите има најголема улога во пренесувањето. Репродуктивниот број – бројот на секундарни инфекции генерирани од една заразена индивидуа – за ковид-19 е проценет на 2 – 2,5, а за грипот е 1,4 – 2,8. Сепак, процените и за ковид-19 и за грипот се многу зависни од контекстот и времето, што ги отежнува директните споредби – смета професорот Даниловски.

Според него, за ковид-19 е карактеристично пренесување преку т.н. суперраширувачи, кои се малцинство од заразените.
– Голем број студии покажале дека 10-20 отсто од заразените може да се одговорни за 80-90 отсто секундарни инфекции (така се формираат т.н. кластери), а оние другите 80-90 отсто може воопшто (или сосема во мала мера) да не предизвикаат нови инфекции (иако се објективно заразни!). Кај грипот не постојат суперраширувачи и кластери. Вирусот хомогено воспоставува синџири на инфекции – вели Даниловски.
Тој уште додава дека за ковид-19, 80 отсто од инфекциите се лесни или асимптоматски (од нив, на асимптоматски отпаѓаат 20 отсто), 15 отсто се со тешка клиничка слика и им треба кислородна поддршка и пет отсто се критични случаи на кои им е потребна вештачка вентилација.
– Пропорциите на тешки и критични форми кај грипот се многу пониски. Под најголем ризик за тешка клиничка слика кај грипот се децата, бремените жени, старите лица (над65 год), оние со основни хронични заболувања и оние што се имуносупримирани. За ковид-19, исти се ризичните групи, освен децата до пет години – нагласува Даниловски.
Според него, смртноста (леталитетот – број на умрени во однос на бројот на заразени) за ковид-19 засега се проценува на вредности од 1 до 4 отсто, а за сезонскиот грип обично е под 0,1 отсто.
Мерките за спечување од ширење се исти кај обете заболувања: носење маска, одржување дистанца од минимум два метра и хигиена на рацете.
– Во моментов нема лиценцирани вакцини или специфични лекови за ковид-19. За грипот, пак, достапни се антивирусни лекови и вакцина.

Иако вакцината против грип не е ефикасна против ковид-19, се препорачува секоја година да се вакцинираат за да се спречи инфекцијата со грип, затоа што две најнови студии покажаа дека вакцината против грип кај заболени од ковид-19 ја намалува веројатноста од смртен исход за 14 отсто – појаснува професорот Даниловски.
Микробилогот Никола Пановски, коментирајќи ги состојбите со хонгконшкиот грип и сегашната пандемија на ковид-19, вели дека во тоа време немало рестриктивни мерки, а пристапот на медиумите бил драстично различен од тој што е денес, односно не придавале голем простор.
– Разликите биле во тоа што тогаш немало рестриктивни мерки, односно немало никакви мерки. Немаше ништо ниту на медиумите. Јас бев 13-годишно дете, и тоа време, освен за окупацијата на Чехословачка и Олимписки игри во Мексико, како и качувањето на човекот на Месечината во 1969 година, немаше ништо друго. Има и доктори што работеле тогаш, а со кои сум разговарал, некои се сеќаваат, а некои и на тоа не се сеќаваат. Дури ни медицината не знаела. Едноставно сè било пуштено да си тече – нагласува Пановски.