Комисијата без одлука за имунитетот на Вељаноски

348

Собраниската комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не донесе одлука за барањето на Кривичниот суд за одобрување притвор на пратеникот и поранешен претседател на Собранието Трајко Вељаноски поради сомнение за вмешаност во настаните од 27 април.

За одземање на мандатот гласаа четворица членови на Комисијата, а исто толку беа против.

Претседателот на Комисијата Павле Богоевски рече дека иако не е донесен конкретен став, тоа не значи дека барањето е одбиено.

Најави дека ова прашање ќе биде пренесено за одлучување на пленарната седница на Собранието.

Расправата за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски изминатите два дена помина во жестока дебата меѓу пратениците од опозицијата и парламентарното мнозинство. Со реплики, контрареплики и паузи, пратениците се расправаа околу оправданоста да му се одземе пратеничкиот имунитет на Вељановски. Пратениците од опозицијата оценија дека се работи за политички прогон и предложија колективно на сите да им биде одземен пратеничкиот имунитет, додека парламентарното мнозинство беше со став дека треба да се откријат организаторите на 27 април и да бидат изнесени пред лицето на правдата.

Извештајот од Комисијата треба да биде испратен до претседателот на Собранието.

Барањето на Кривичниот суд да му се одземе пратеничкиот имунитет на Вељаноски следи откако тој заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април. Вељаноски тогаш се повика на пратеничкиот имунитет, додека на Јанакиески и Ристовски им беше одредена мерка притвор.