Колку ќе влијае брегзит на колективната сигурност?

132
Сè уште е неизвесно дали по напуштањето на ЕУ, властите во Лондон планираат да ги напуштат нивните мисии од областа на безбедноста

Колку излегувањето на Британија од ЕУ ќе го ослаби европскиот колективен безбедносен систем? Колку ќе има брегзит импакт од безбедносен аспект, не само во ЕУ туку и на Балканот? На кој начин и со која динамика ќе се преструктурираат мисиите на Еулекс, Фронтекс, Европолис и на Европските воени сили без британските безбедносни сили? Дали нивното напуштање ќе ја влоши безбедносната состојба, особено на потенцијалните безбедносни жаришта во нашето опкружување?

Брегзит или напуштањето на Британија на ЕУ, беше и сѐ уште е предмет на многу економско-финансиски и трговски анализи. Безбедносниот аспект на брегзит како да беше изоставен од опсервациите на експертите. Сепак, Британците со своите воени, полициски и разузнавачки ресурси, се неминлив фактор, не само во Европа, туку и во светот. На Балканот тие отсекогаш имале речиси клучна улога, па затоа се наметнува и прашањето за нивното себеизземање од безбедносните мисии во регионов, како што се Еулекс, Фронтекс, Европолис…

Во своја анализа на оваа тема, белградскиот весник „Политика“ пишува дека сѐ уште е неизвесно дали по напуштањето на ЕУ, властите во Лондон планираат да ги напуштат нивните мисии од областа на безбедноста. Британската амбасада во Русија, во одговор на ова прашање, истакнала дека „Обединетото Кралство во иднина останува посветено на зајакнување на владеењето на правото во Косово и низ целиот Западен Балкан“.
– Сите обврски ги сфаќаме сериозно кога станува збор за заедничка европска безбедност. Натаму сите наши безбедносни аранжмани ќе бидат дел од процените и дискусиите што ќе ги имаме, во конструктивен и прагматичен дух, со нашите европски партнери, сојузници и пријатели во текот на целата година – изјавиле кратко од амбасадата.

Улогата на Британија, сепак, се потпира на заедничката европска надворешна и безбедносна политика

Шефот на Центарот за евроазиски студии на Институтот за меѓународна политика и економија од Белград, Душан Прококовиќ, во својот осврт на ваквите топло-студени информации, цени дека во поширок контекст на настаните сѐ уште е неизвесно како ќе постапи Британија.
Аналитичарот потсетува дека безбедносната структура на ЕУ е формирана со одлука што се потпира на заедничка европска надворешна и безбедносна политика, така што државите што имаат некаков однос со Европската Унија како Британија, па дури и оние што преговараат со Унијата, можат без разлика на статусот да учествуваат во нејзините мисии и безбедносна структура.
Во делот како ќе се одразат овие состојби врз Еулекс, се променат многу, бидејќи ова тело, меѓу другото, е поддржано и од 28 земји-членки на ЕУ, но и од Канада, Норвешка, Швајцарија, Турција и САД.
Шефот на Центарот за евроазиски студии на Институтот за меѓународна политика и економија од Белград, истакна дека Велика Британија своето безбедносно влијание во учеството на безбедносните институции на ЕУ во регионот во иднина нема да го темели единствено во дејствувањето на безбедносните организации на ЕУ.
– Тие имаат други механизми за влијание и влијание врз политичките процеси – изјавил Пророковиќ.

Каков е ставот на домашните безбедносни аналитичари?

Од македонска перспектива на настаните, воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека со сигурност моќта на европската безбедносна структура (воена или полициска) би можела да биде драстично намалена доколку Лондон одлучи да ги пресече сите врски од оваа димензија со Брисел. Стефаноски истакна дека, сепак, тоа најверојатно нема да се случи бидејќи Обединетото Кралство со брегзит единствено одлучи да се дистанцира од заедничките европски политики, но не и од безбедносниот систем на Западот олицетворен во НАТО.

Според аналитичарот, за Македонија дури и да се повлече Британија од безбедносните организации на ЕУ, во иднина нема да значи многу бидејќи наскоро ќе бидеме членка на Алијансата и со тоа ќе се „бетонира“ нашата државна безбедност на долги патеки, а паралелно со тоа тесно ќе соработуваме и со ЕУ и ќе го даваме нашиот придонес во развојот на европските сили.

– Добро е да се знае дека Македонија традиционално има одлични безбедносни релации со Британија. Тие се докажани и на воено и на полициско ниво. На воено поле битно е да се знае дека Британија и Македонија тесно соработуваа во моменти кога се спроведуваа мировните мисии на Алијансата во Авганистан и Ирак, а долги години наши офицери беа воено обучувани од Британците во образовните институции на оваа земја. На полициско и на дипломатско ниво, пак, поврзаноста на двете земји може да се препознае и во помошта со која Обединетото Кралство даде образец за нашата земја во процесот на спроведување на реформите на безбедносните служби – резимира Стефановски.

[email protected]