Колку тежи НАТО и од каде се слеваат парите

385
Фото: Дарко Андоновски

Темата поврзана со барањата на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на воените издатоци на членките на сојузот од два на четири проценти од бруто-домашниот производ (БДП) не излегува од фокусот на светската јавност и сѐ повеќе добива на тежина не само во земјите-членки туку и кај кандидатите за идно членство, меѓу кои е и Република Македонија.
Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп беше изнесен на последниот самит во Брисел, на кој од 29-те челници на земјите-членки на НАТО, тој побара тие двојно повеќе и за многу пократко време да извршат зголемување на одбранбени издвојувања отколку што тоа беше договорено на самитот во Велс пред четири години.
Најновите информации на оваа тема се поврзуваат со вчерашната изјава на Трамп за телевизијата Фокс њуз, во која уште еднаш ги повика членките на НАТО да почнат да ги покриваат трошоците за функционирањето на воената алијанса.
– Ние плаќаме 91 процент од трошоците за чување на Европа. НАТО е одлична институција, но ѝ помага на Европа многу повеќе отколку што ни помага нам – изјави Трамп, додавајќи дека тој со своите барања обезбедил воени расходи од другите членки на НАТО во износ од 41 милијарда долари, со можност таа бројка да се искачи на 100 милијарди.

Од друга страна, Трамп подоцна на Твитер напиша дека 2 отсто од БДП сојузниците мора да започнат да трошат на одбраната веднаш, а не до 2025 година.
Во контекст на овие актуелни случувања, вреден за обележување е и фактот објавен во три стручни публикации, насловени „Одбранбени трошоци на НАТО-земјите за 2017“, „Финансирање на НАТО“ и „Одбранбени трошоци на НАТО-земјите меѓу 2010 и 2017 година“, сите објавени на официјалната веб-страница на НАТО, кој ја појаснува целата слика поврзана со трошоците на воениот сојуз.
Според она што е публикувано од страна на Алијансата, во обемната документација може да се заклучи дека воениот сојуз се финансира директно и индиректно од своите држави-членки.
Индиректното финансирање на Алијансата може да биде извршено од која било држава-членка или збир од повеќе држави да финансираат одредена конкретна операција, програма или воена и техничка опрема. Овој начин на финансирање на сојузот е предвидено да функционира строго наменски необврзувачки и доброволно и станува збор за конкретни проекти, за кои парите не се слеваат директно во буџетот на НАТО.

Натаму, НАТО директно се финансира преку т.н. комен фаундинг или заедничко финансирање во претходно договорен систем, каде што државите-членки одвојуваат одреден дел од својот буџет за одбрана што се користи директно од Алијансата.
Преку овој начин на финансирање се формира буџетот на Алијансата, кој во моментов изнесува 2.270 милијарди долари и кој пак натаму е поделен на три одделни буџети: цивилниот буџет, кој за 2018-та изнесува 246 милиони долари и од него се финансира интернационалната администрација на воената организација, воениот (милитери) буџет, кој за 2018-та изнесува 1.325 милијарди долари и од него се финансира целата интернационална обемна воена структура на сојузот, и на крајот е буџетот за безбедносната инвестициска програма на НАТО (НСИП), кој за годинава изнесува точно 700 милиони долари.
Аналитичарот Јовановски Мартин, објаснувајќи ја детално финансиската публикација на НАТО, вели дека од вкупниот НАТО-буџет, САД придонесуваат со 67 проценти од вкупната висина на парите наменети за одбрана на сите членки, односно 617 милијарди долари, наспроти вкупната каса од директно финансирање на Алијансата, која изнесува 917 милијарди долари.

Јовановски објаснува дека буџетот на Алијансата во делот во кој тој е директно финансиран од земјите-членки зависи од повеќе фактори, од кои главниот е БДП на државите сојузници.
– На пример, во овој директно финансиран буџет САД учествуваат со 2 отсто, односно околу 500 милиони долари, Германија со 15 проценти, или 340 милиони долари, Велика Британија и Франција со по 10 проценти, односно 230 милиони долари, а за илустрација, најновата членка Црна Гора одвојува само 0,02 проценти, што е безмалку 500 илјади долари годишно, додека Албанија, која има најсличен БДП со Македонија, за оваа намена одвојува 0,08 проценти, кои се во висина 1,8 милион долари што се слеваат на сметката на НАТО.
Кога ќе се соберат сите три вида финансирање на Алијансата, се формира вкупниот буџет на НАТО, кој во моментов изнесува 2.270 милијарди долари.


Споредбата со лавовите – несериозна политичка пропаганда

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефановски, пак, коментирајќи ги изјавите во јавноста на некои од македонските политичари, во кои се тврди дека членството во НАТО ќе ја чини земјата колку цената, на пример, на некои од скопските споменици (беа споменати само двата лава), вели дека овие изјави се, најблаго кажанo, несериозни.
Аналитичарот додава дека ваквите терминологии по логиката на нештата најверојатно се дадени со доза на политичка пропаганда, како и поради некоја причина за граѓаните да се „ублажат“ висините на издатоците за овие сериозни државни активности, со кои ќе се одлеваат огромна сума пари од македонскиот буџет заради товарот на идното потенцијално членство во НАТО.

 

Фото: Дарко Андоновски