Според комуниколозите, гласачите за време на пандемијата се презаситени со депресивни случувања, а хумористите и сатиричарите со својата појава во политиката нудат повеќе позитивна енергија и надеж во подобро утре. Сепак, има и такви мислења дека во период кога сѐ почесто живееме на интернет, се менува релјефот на политиката како наука и политиката како општествен процес, што е интересен феномен за идни научни истражувања

ИНТЕРЕСЕН ФЕНОМЕН НА ГЛОБАЛНАТА ПОЛИТИЧКА СЦЕНА

За политиката се вели дека е уметност на можното и таа е отворена за сите, иако како значајна гранка во општеството се предвидени и посебни студии и политички науки за оние што претпочитаат да се занимаваат со оваа дејност. Но и покрај сериозноста и значењето што ги има политиката во општеството, во последно време како да станува тренд кон неа да се вртат и одредени на прв поглед несродни дејности, како хумористи, комедијанти, сатиричари итн.
Станува ли политиката некој вид комедија, во која хумористите и сатиричарите пополека но сигурно ги освојуваат државните функции наспроти нивните опоненти. Токму на парламентарните избори во Бугарија викендов, комичарот и шоумен Слави Трифунов со својата партија Има таков народ стана моќен политички фактор, кој е втор по бројот на гласови во земјата, веднаш зад партијата ГЕРБ на тамошниот премиер Бојко Борисов.
Според анкетите на политичките институти од Софија, партијата на Трифунов по досега преброените гласови има повеќе освоени гласови од традиционалната опозициска сила во Бугарија – БСП.
Но бугарскиот случај со политичкиот успех на комичарите не е единствен во светот и на Балканот. Претходно, во 2020 година, во Германија, комичарот Мартин Зонеборн, ангажирајќи се на тамошните избори за европратеници, неочекувано освои пратенички мандат наспроти традиционалните големи партии во оваа земја. Во информација на медиумите, Зонеборн се опишува како политичар што не сака да ја реформира ЕУ ниту, пак, размислува за иднината на Унијата, туку едноставно тој е личност што преку јавно искажана сатира ги искажува апсурдите на политичкиот систем во Европа и така се изборил за свој мандат. Претходно ваков случај беше регистриран во Украина, кога на претседателски избори во земјата во 2019 година победи комичарот Володимир Зеленски, освојувајќи ја победата во вториот круг над неговиот претходник, бившиот претседателот Петро Порошенко.

Сличен е случајот и со исландскиот комичар Јон Гнар, кој во 2008 година ја основал партијата Најдобра партија и на изборите истата година станал градоначалник на Рејкјавик. Во Италија комичарот Бепе Грило се смета за пионер на пробивот на комичарите во политиката, кој во 1980-тите бил еден од најпопуларните во земјата. Грило по основањето на „Движењето пет ѕвезди“ на парламентарните избори во 2018-та победи и формира влада со десничарската Лига. Џими Моралес, кој бил еден од најпознатите комичари во Гватемала, во април 2016 се кандидира за претседател на државата, а половина година подоцна, по победата на изборите, стана шеф на државата. Еден од најпознатите комичари на Ерменија, Хајк Марутијан, во 2018 година учествуваше во локалните избори на земјата и со 80 проценти освоени гласови во првиот круг извојува победа и стана градоначалник на ерменскиот град Ереван.
Натаму, слични вакви примери се регистрирани и на политичката сцена на Балканот. На претседателските избори кај северниот сосед во 2017 година, комуникологот и комичар Лука Максимовиќ-Бели по бројот на гласовите ја изгуби претседателската трка од актуелниот шеф на српската држава Александар Вучиќ, но тој со присобраните гласови ги надмина политичарите од партиите што се традиционална опозиција во Србија. Истата година на политичката сцена во Словенија се активира комичарот Марјан Шарец и со неговата партија стана составен дел од владејачката коалиција во парламентот во Љубљана.

Политиколозите и политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека актуелниот тренд во кој комичарите и сатиричарите сѐ почесто стануваат политичари се должи на фактот дека гласачите за времето на пандемијата се презаситени со депресивни случувања, а овие лица со својата појава во политиката нудат повеќе позитивна енергија и надеж во подобро утре.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека актуелниот тренд во политиката се должи на два фактори.
– Имено, првиот момент зошто комичарите и сатиричарите или како во бугарскиот неодамнешен случај шоуменот Трифунов обезбедуваат битни политички победи на политичките сцени е дека тие уживаат голема популарност меѓу населението. Честопати самата популарност е доволна одредено лице да се „протне“ во електоратот и да ги победи на избори традиционалните политички сили што егзистираат во одредена држава. Вториот момент зошто сѐ почесто комичари се присутни во политиката е фактот дека луѓето се разочарани во актуелните политички елити, особено ако се знае како тие насекаде во светот и во регионот се справија лошо со пандемијата на ковид-19. На народот му се потребни ведрина и мотив, а тоа најдобро знаат да го „продадат“ токму оние луѓе на кои тоа им е работа на телевизиските екрани, во театрите, студијата и слично – вели Пекевски.
Тој објаснува дека иако политичарите комичари се пробиваат полесно на изборите, тие многу ретко се задржуваат трајно во политиката.

– Тоа е така бидејќи за да бидеш успешен политичар или државник, мора да поседуваш многу повеќе вештини и знаења отколку од оние потребните да ја насмееш толпата од луѓе. Па, оттука, за волја на вистината, многу малку политичари од овој профил што претходно биле во сосема друга бранша успеале да „преживеат“ во политиката подолго од својот прв мандат – вели Пекевски.
Политикологот Милан Стефаноски, пак, додава дека апсурдите во политиката по ништо не се разликуваат од оние смешните драми во театрите или на филмските платна.
– Па, оттука, не гледам никаква пречка зошто еден успешен глумец, комичар или сатиричар не би можел да биде и успешен политичар во една земја. Овој тренд, од друга страна, за науката е симптоматичен, бидејќи покажува една нова димензија во политиката, која досега не била видлива. Изборот на комичари за парламентарци, претседатели или премиери покажува дека гласачите не гласаат за содржината на политичката партија туку гласаат за оние лица што знаат да ја презентираат својата изборна програма, која честопати може да биде само забавна и „празна“ и во неа да нема длабоки економски и политички визии. Тоа е така бидејќи, очигледно, во период кога сѐ почесто живееме на интернет се менува релјефот на политиката како наука и политиката како општествен процес, а комичарите очигледно ја редефинираат и моделираат денешната политика – вели Стефаноски.
Политикологот советува дека овој тренд е одлична можност во иднина тој да биде истражен од универзитетите и научните установи за да се утврдат мотивите зошто во политиката ни се случува она што е актуелно во моментов.

[email protected]