Колкава јавност опфаќаат јавните дебати

245

Што претставуваат и каква цел остваруваат серијата јавни дебати што ги најави Владата и се однесуваат на веќе усвоените амандмани во Собранието за промена на Уставот, а во насока на спроведување на спогодбата со Грција.

Колкави се политичката тежина и употребната вредност на овие расправи кога во Собранието и Владата веќе се поминати нацрт-амандманите за уставните измени и тие се строго дефинирани да бидат во духот на спогодбата од Преспа?

Процесот на т.н. јавна расправа за измените на Уставот започна вчера, а во јавноста веднаш излегоа првите реакции од експертите и поширокото стручно мислење дека многу тешко може во последен миг да се промени нешто околу амандманите и нивната содржина.

Коментарите на експертите за најавените собири се дека тие личеа повеќе на параван отколку на активна вклученост на јавноста за работа што е веќе договорена и завршена.

Прва што ја одби поканата на Владата да учествува на јавната расправа за уставните амандмани вчера беше професорката Мирјана Најчевска, која, впрочем, беше и еден од поддржувачите на спогодбата со Грција во изминатиот период.

Таа како причина за оваа одлука го наведува најавеното присуство на нејзиниот колега, професорот Владо Поповски на вчерашната дебата во Владата, кој, според неа, е човек со сите бои и за сите влади.

– Компромисен. Неконфликтен. Човек што ни во сон нема да се спротивстави на ниту еден режим. И јас се заблагодарив и одбив: Почитувана, благодарам многу за поканата, меѓутоа јас одбивам да присуствувам на средби на кои главен говорник е Владо Поповски – напиша Најчевска на својот фејсбук-профил.

Сепак, надвор од сферата на личната нетрпеливост на која се повикува Најчевска, дискутабилност за дебатите, но и за опсегот на учесниците вчера изразија и претставниците на граѓанската иницијатива „Македонски манифест“. Според Ефтим Клетников, сѐ е веќе добро скроено сценарио, а овие дискусии се само проформа за очите на јавноста.

– Наместо да има јавна дебата, ќе добиеме дијалог на глуви. Судејќи според личностите што учествуваат на првата дебата за уставните измени во Владата, повеќе од јасно е дека овие лица сакаат да го укинат нашиот идентитет. Ова е веќе добро скроено сценарио, за кое ние дебатираме десетина години дека е смртоносен концепт диктиран од Западот за уништување на Македонија. Иако не бев поканет да го искажам мојот став, сакам да истакнам дека очигледно е дека кај власта постои страв од јавна дебата, кој го толкува првенствено како недостиг од визија, но и подоцна води кон идентитетска смрт, а е наменета на Македонците во Македонија – оценува Клетников.

За професорката по уставно право од правниот факултет „Јустинијан Први“ Тања Каракамишева овие дебати, но претходно и расправата за амандманите, се одвиваат во геноцидна форма.

– Со оглед дека постапката на уставни измени го нема потребниот легитимитет, ниту потребниот легалитет, за мене овие уставни измени нема да имаат никакво значење, а тие се носат со геноцидна форма за нацијата – вели Каракамишева.

Во однос на јавните дебати што се одвиваат, од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека овие дебати се само фарса, проформа по потпишан договор, кој на дваесетина страници е толку детален и прецизен, што не дозволува излегување од неговата содржина.

– Штетата што ја нанесе оваа власт со капитулантскиот договор е долготрајна. Како што рековме, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е познат и се базира на конгресни партиски документи и изборни програми. Овие дебати се само фарса, проформа по потпишан договор, кој на дваесетина страници е толку детален и прецизен, што не дозволува излегување од неговата содржина. Во однос на амандманите, тие исто така произлегуваат од капитулантскиот договор и ниедна лажна дебата нема да придонесе за нив. Ова е само фарса на власта, барање алиби за да прикаже некаква прифатливост на реализација на штетен договор со кој трајно се нарушуваат позициите на Македонците и на Република Македонија – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму информираат дека тие постојано укажувале дека процесот што доведе до уставните измени што се турка во Собранието на Република Македонија се водеше во затворен и тесен круг на власта, без учество на опозицијата и јавноста.

– Укажувавме на штетноста на ваков избрзан договор на штета на македонските национални и државни интереси преку трајно наштетување на институционалниот идентитет, од каде што граѓаните го црпат и личниот идентитет како Македонци. Тоа што власта сега се обидува е да се затскрие зад наводна јавност и јавна дебата, што воопшто е задоцнето по прифаќањето на сите грчки барања, потпишувањето на капитулантскиот договор и насилството извршено со изгласувањето на штетната т.н. потреба од промена на Уставот спротивно на резултатот од референдумот на кој беше препознаено манипулативното прашање и јасно беше негирана таа потреба – наведуваат од најголемата опозициска партија.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски во однос на дебатите што започна да ги организира Владата за уставните амандмани рече дека се отворени и јавни и секој може да учествува и да го каже својот став. Бошњаковски нагласува дека на дебатите се поканети широк спектар говорници и дека меѓу нив има и луѓе што размислувале поинаку од владините ставови.

– Отворена покана за учество упатувам до сите што сметаат дека треба да бидат дел и да го кажат своето мислење. Поканети се сите граѓани на Република Македонија што имаат интерес – рече Бошњаковски.


Познат и списокот на говорници

Откако Владата соопшти дека почнува да организира серија јавни дискусии со експертската јавност и со граѓаните за нацрт-амандманите за измените на Уставот, се обелоденија и имињата на експертите што ќе учествуваат во нив и кои досега во јавноста беа препознаени главно како поддржувачи на договорот со Грција. Така, на првата од серијата јавни расправи, покрај премиерот Заев, говорници се проф. д-р Владо Поповски и проф. д-р Љубомир Фрчкоски. За денеска, на втората јавна расправа, која ќе се одржи на универзитетот ФОН во Скопје, најавени се проф. д-р Нано Ружин и проф. д-р Темелко Ристевски. Во листата на експерти што треба да дискутираат за нацрт-амандманите понатаму се споменуваат и вицепремиерот Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, академик д-р Владо Камбовски и д-р Светомир Шкариќ.