Колкава е цената за Преспанскиот договор?

1097
Фото: Игор Бансколиев

Дали газењето врз принципите на правната држава, доделените амнестии, но и анулирањето на меѓународното право, правото на самоопределување, како и нашето самооткажување од пресудата од Хаг против Грција, може да се сметаат за прифатлива или превисока цена за нашата држава. Политиколозите и историчарите имаат дециден став

Изгласана или неизгласана во Собранието, спогодбата од Преспа за Република Македонија е политичка реалност, под чија доминација е подредено функционирањето на државата во последниве седум месеци. Иако Преспанската спогодба е (беше) претставувана од Владата како победа над сите македонски фрустрации насобрани во изминативе речиси три децении независност и волшебен клуч за отворање на евроатлантската перспектива, која треба безусловно да се прифати, на референдумот организиран за нејзино прифаќање (секако како услов за влез во ЕУ и во НАТО), големото мнозинство граѓани упатија порака на несогласување со „цената“ на придобивките што наводно доаѓаат со нејзиното имплементирање во Уставот. Односно, граѓаните на референдумот на 30 септември 2018 година, со неизлегувањето на гласачките места покажаа дека не даваат легитимитет на идејата да се плати секоја побарана цена за евроатлантската перспектива.

Но во текот на спроведувањето на договорот во Собранието се покажа дека Владата и премиерот се подготвени да исполнат секакви барања и уцена, само за Уставот на Република Македонија да се преобрати според условите од спогодбата со Грција. Во овој момент се поставува прашањето колкава цена (досега) плати Македонија како знак на добра волја на договорите со соседите, покрај со Грција и со Бугарија?
Дали газењето врз принципите на правната држава, доделените амнестии, но и анулирањето на меѓународното право, правото на самоопределување, како и нашето самооткажување од пресудата од Хаг против Грција, може да се сметаат за прифатлива или превисока цена за нашата држава.

– Цената што ја плаќа македонското општество со политичките пазарења што се случуваат во интерес на спроведување на договорите со соседите, пред сѐ оној со Грција, и досега е преголема. Само за да се спроведат уставните измени по мера на спогодбата од Преспа, се компромитира правниот систем, се изгубија правната држава и владеењето на правото. Свесни сме дека сите оние законски решенија што беа донесени, наводно за помирување, беа само трговија за пратенички гласови за спогодбата. Дури и оние што ги иницираа и носеа таквите законски решенија за амнестија јавно кажуваа дека тоа е за парламентарни пазарења. Две години се зборува за препораките на Прибе, за враќање на владеењето на правото…, а наместо тоа се продуцираат хибридни правни решенија со еднократна намена, само за да се стигне до целта. Кога политиката одлучува, немаме правна држава. Сметам дека е изгубен моментот на доверба што граѓаните го имаа за спроведување правна држава од оваа власт. А владеењето на правото не може да се стави на чекање, додека се прави политички пазар. Или уште полошо, правото се става во функција на политичкиот пазар – размислува политикологот Владимир Божиновски.

Од најновите побарувања за „глас до мнозинство“ од страна на разгранокот на партијата Беса, која има двајца пратеници во парламентарниот состав, како предмет на политичка трговија е ставена и наводната најголема придобивка на Преспанскиот договор – македонското државјанство.

– Сега велат дека единствената придобивка на спогодбата од Преспа е само државјанството, а еве и тоа се оспорува од претставниците на една албанска партија. Но тоа е уште една потврда дека во спогодбата всушност воопшто ги нема, не се зборува за национален идентитет и национална припадност. Со самиот договор со Грција, македонскиот идентитет и национална припадност не се споменати, избришани се. А според една од одредбите од спогодбата, во државата Македонија, со географска одредница, воопшто нема да има институции со македонски национален предзнак (како Македонски народен театар, Македонска академија на науките и уметностите), додека културните институции на малцинствата ќе го имаат националниот предзнак, како Албански театар, Турски театар… – вели Тодор Чепреганов, поранешниот директор на Македонскиот институт за национална историја.

Чепреганов смета дека колкава и да е цената за Преспанскиот договор, таа е само на штета на судбината на Македонија и на македонскиот народ. Освен што за спроведување на Преспанскиот договор, македонската страна е постојано цел на притисоци за да се задоволи грчката страна, донесен е контроверзен закон за амнестија, уцените и притисоците стануваат секојдневие, во овој период на спроведување на спогодбата променет е и менталитетот на народот во Македонија.
– Народот во Македонија секојдневно живее со психолошки товар дека е игнорирано неговото право за одлучување. Сѐ е кажано, сѐ е напишано за штетите и последиците што нѐ очекуваат од Преспанскиот договор, но тој и понатаму се спроведува.

Очигледно е дека не се слуша гласот на народот, па веќе и поретко се зборува и се пишува. Но и понатаму остануваат за спроведување на стапиците содржани во договорите со Грција, но и со Бугарија. Сега, со овие договори ни е наметнато да одлучиме од кога започнува историјата на македонскиот народ. Според договорот со Грција, сѐ што е од античкиот период на наша територија, ѝ припаѓа на Грција. Дали нас, Македонците, нѐ донеле од некаде на овие простори во 7 век за да им правиме проблеми на Грците и на Бугарите? Уште од почетокот на договорите со Бугарија и Грција, во Македонија како да е отворено шишето на лошиот дух од приказната за Аладин. Лошиот дух е на слобода, а Македонија е затворена во неговото шише – констатира историчарот Тодор Чепреганов.

Фото: Дарко Андоновски