Колкава е разорната моќ на „бомбите“ во политиката

215

Кога преседаните, како употребата на материјалите добиени по пат на незаконско следење на комуникациите, ќе станат вообичаена практика, многу е тешко да се контролира нивната понатамошна примена како средство во политичката борба, уште потешко е да се прогнозира каков ефект тие би можеле да имаат врз гласачите

Улогата на материјалите добиени по пат на незаконско следење на комуникациите во политиката се има покажано како успешен метод за промена на власта во современите општества, иако до неодамна употребата на таквите средства беше во сивата зона на правото и на политичката етика. Развојот на технологијата за комуникација, како и релативизирањето на стандардите на политичката етика, на некој начин го отвори патот за легитимирање на прислушувањето како дозволен метод во политичката борба, вистина, со обидот да се направи дистинкција меѓу легално и нелегално добиени снимки.

Политичкиот амбиент во Македонија речиси половина деценија се креира и насочува токму со употреба на прислушувани материјали, кои денешната структура на власт, додека беше опозиција, ги нарече „бомби“. Употребата на овие бомби во политички цели, меѓу другото доведе и до формирање специјална институција во правниот систем, официјално наречена – Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, или накратко специјално јавно обвинителство (СЈО). Иако се сметаше дека со формирањето на СЈО заврши практиката на употреба на прислушувани материјали во политички цели, и четири години подоцна во јавноста и понатаму протекуваат снимки од непознати извори, кои предизвикуваат реперкусии врз политичките кариери на одредени актуелни претставници на власта. Поради објавување прислушувани материјали, од морални причини, неодамна оставка даде пратеникот Павле Богоевски, а сѐ уште во јавноста е актуелна аферата со прислушувањето на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Но, по сѐ изгледа, тука не завршува приказната.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во едно неодамнешно интервју изјави дека неговата партија „можеби има, а можеби и не“ снимки од прислушувани материјали, но дека не сакаат со ниски страсти и со воајеризам да победат на избори и така да ја формираат следната влада.
– Многу луѓе во минатото беа жртви на разни притисоци и уцени и видоа која е формулата на Заев кога беше опозиционер. Нема функционер во Владата или во нејзина близина за кој нема сомнежи за инкриминирачки дејства. Така што од оние граѓани што биле под притисок на овие властодршци, дел се заштитил на еден начин, други на друг, дел од тоа стигнал и до опозицијата. Но сето тоа треба детално да се провери, да се анализира. Не сакаме на ниски страсти и со воајеризам да победиме на избори и да ја формираме следната влада. Сакаме да дојдеме на власт со програма и така да ги испратиме каде што им е местото – рече Мицкоски.

Политичките аналитичари, пак, сметаат дека кога преседаните, како употребата на „бомбите“, ќе станат вообичаена практика, многу е тешко да се контролира нивната понатамошна примена како средство во политичката борба.
– Метафорички кажано, кога ѓубрето се чува во канта, може да се има контрола на несаканите ефекти од отпадот. Но кога ќе почне да се истура надвор од таму каде што е одредено, не може да се контролираат последиците. Така е и со прислушуваните материјали. Кога се одлучи да се постапува правно врз основа на незаконски прислушувани материјали, се отворија многу прашања од етичка и правна природа, се поведоа постапки… Но очигледно не може да се контролира објавувањето и на други материјали – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.
Со развиените комуникациски средства, достапноста на технологијата за прислушување, социјалните мрежи и веќе сторените правни преседани со употребата на прислушувани материјали, се поставува прашањето дали овој метод стана легитимно средство во политичката борба.

– Употребата на прислушувани материјали не е целосно легитимно средство во политичката борба, иако политичките партии веќе почнаа да ја третираат така. Но таквата практика на зачестена употреба на „бомби“ предизвикува еден интересен ефект кај гласачите – кои престануваат да реагираат на нив. Тоа го нарекуваме намалена когнитивна дисонанца, што значи дека луѓето реагираат на нешто ново. А „бомбите“ за македонските гласачи се веќе видена (слушната) сензација. Не верувам дека со истиот метод на „бомби“ сегашната опозиција би можела да се врати на власт – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Иако лидерот на опозицијата, Мицкоски, неодредено изјавува дали имаат прислушувани материјали, кои, како што вели, од етички причини не би ги употребиле, аналитичарот Кржаловски проценува дека употребата на „бомби“ во изборната битка сѐ уште може да влијае на гласачите, особено на неопределените.
– Ако опозицијата има „бомби“ и не ги употреби во политичката борба, тоа секако ќе направи етичка разлика меѓу нив и сегашната власт. Но, сепак, мислам дека објавувањето на прислушуваните материјали може и понатаму да влијае на одлуката на неопределените гласачи, а тие секогаш одлучуваат на избори. Користењето на тој метод на објавување „бомби“ докажано се покажал успешен повторено, барем во македонската политичка практика. По објавувањето прислушувани материјали во 2001 година, се веруваше дека тоа нема пак да се повтори, но, ете, се покажа како успешен начин за истата партија и петнаесетина години подоцна. Затоа нема гаранции дека во пресуден миг некој од политичките опоненти нема да посегне по веќе испробаниот полулегитимен метод – заклучува Кржаловски.

Дел од незаконски прислушуваните материјали заврши во Министерството за правда
Фото: Маја Јаневска-Илиева