Кои се очекувањата на дел од пратениците

108

Пратениците што вчера првпат влегоа во Собранието и се дел од десеттиот парламентарен состав го свртеа вниманието на јавноста, особено на социјалните мрежи. Нивните објави на социјалната мрежа Фејсбук предизвикаа реакции, од кои најголем дел беа со поддршка. Многумина од пратениците, пак, посочија дека да се биде дел од Собранието е голема одговорност, како и дека ќе се борат за демократска дебата, без лични навреди.

Двајцата пратеници на Левица влегувањето во Собранието го поздравија со намерата да останат засекогаш парламентарна партија.
Исто така, вниманието го привлече и еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, кој предизвика реакции на социјалните мрежи затоа што во парламентот не му било дозволено да дојде со електричен тротинет.

Пратениците од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, пристигнаа со велосипеди на вчерашната собраниска конститутивна седница.
По тој повод веднаш се огласија на социјалните мрежи.
– Денес, за прв пат во историјата на Македонија, претставници на угнетената класа станаа полноправни членови на законодавниот дом! Нашата искрена и бескомпромисна борба за праведна и слободна Република Македонија – градена со автентичен политички активизам – денес доби парламентарен облик преку кој ќе поставиме нови стандарди на политичко делување. Борбата за правда е долга и племенита – и истата допрва започнува! – напиша Левица на фејсбук-профилот на партијата.

Димитар Апасиев, пак, на својот фејсбук-профил се огласи по повод влегувањето во Собранието и присуството на првата конститутивна седница.
– Чим влеговме, нема излегување – напиша Апасиев.
Дополнително со додавката хаштаг напиша „бравата ќе ја смениме“.

Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ пред влегувањето на седницата изјави дека
Собранието е подготвено да исплати илјадници евра патни трошоци, а истовремено има забрана за внесување електрични тротинети во зградата.
– Собраниската бирократија мора да ја промениме, посебно кога е во интерес на животната средина и за штедење на буџетските средства – напиша Муцунски на Фејсбук.

Пред почетокот на седницата, изјави дадоа и дел од пратениците.
Зијадин Села, првиот човек на Алијансата на Албанците, пак, очекува дека ќе продолжат со нивните стратегиски цели.
– Очекувам да стигнеме да имаме правна држава, која ќе ни ја донесе Европа и ќе станеме членка на Европската Унија. Тука треба да бидат фокусирани сите пратеници и политички партии – вели Села.

Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ вели дека нејзиниот ангажман во парламентот ќе биде посветен на кревање на неговиот дигнитет.
– Ќе сторам сѐ Собранието да биде попристојно место за демократија, да биде школа на демократија. Да се обидеме да развиеме политика во границите на правото, а не правото да го подредуваме. Ја лично имам намера сократовски да го вознемирам авторитарниот дух – изјави Силјановска.

Никола Димитров од СДСМ посочи дека ова е голема свечена церемонија.
– Чувствувам возбуденост и одговорност. Ова е првиот чекор кон законодавна власт. Ќе биде убаво да има вистинска дебата, а не лични напади. Парламентот има голема улога – посочи Димитров.

Инаку, во собраниските фотелји седнаа 120 пратеници, а коалицијата на СДСМ „Можеме“ освои 46 пратенички мандати, на ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“ 44, ДУИ 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА. Во собраниските фотелји седнаа 77 мажи и 43 жени. Од стариот состав во новиот продолжуваат 28 пратеници, а тројца од нив, Али Ахмети, Мендух Тачи и Иван Стоилковиќ, ќе го почнат нивниот седми пратенички мандат.