Кои прашања меѓусебно си ги поставија Гордана Сиљановска-Давкова и Стево Пендаровски

1152

ЕКСКЛУЗИВНО ПРЕДИЗБОРНО СООЧУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ КАНДИДАТИ

Во пресрет на вториот круг на претседателските избори, на 5 мај, редакцијата на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ одлучи, наместо класични новинарски интервјуа со претседателските кандидати, како што имавме во првиот круг, овој пат на кандидатите да им понудиме еден поинаков концепт, односно тие самите да го интервјуираат политичкиот противник преку поставување три прашања по свој избор. Со други зборови, претседателските кандидати и нивните тимови имаа можност да осмислат три прашања што ќе му ги постават на противкандидатот за теми што сметаат дека можеби досега останале неодговорени или ќе побудат интерес кај пошироката јавност.
Иницијативата на „Нова Македонија“ за ваков вид предизборно соочување ја прифатија и двајцата претседателски кандидати, при што во продолжение следуваат прашањата и одговорите што претседателските кандидати си ги упатија меѓусебно, пласирани во согласност со нивниот редослед на гласачкото ливче.


Сиљановска-Давкова го прашува Пендаровски

Прашање
Претседателската кампања ја почнавте со теза дека сте предмет на следење на некакви тајни служби. За тврдењето не изнесовте никакви докази. Јавноста ја интересира како е можно кандидатот на власта, на чии собири и митинзи зборуваат премиерот, министерот за одбрана и за полиција, да не се чувствува безбедно?
Инсинуиравте и потреба од прочистување на безбедносните служби, а претседателот на партијата што ве кандидира и премиер на Владата, веќе отворено зборува за „чистки“. По кој критериум ќе вршите „чистки“ и нели се тоа средства карактеристични или за тоталитарни системи или за земји во фаза на лустрација?
Одговор
Сите мои сомневања јас ги пријавив во МВР, ја испочитував процедурата, како и секој друг граѓанин, и сега сѐ е во рацете на професионалците во МВР, за кои верувам дека постапуваат во согласност со законите, а не во согласност со партиските директиви, како што беше во времето на режимот на Груевски. „Чистките“ се практика токму од времето на бившиот режим на Груевски и партијата што ве кандидира вас.
Она што е потребно се реформи на службите во согласност со европските и НАТО-стандардите, за безбедносните служби да се ослободат од баластот на партиските војници, кои ги наметна бившиот режим и политичкото влијание врз нив.

Прашање
Во текот на двата мандата, актуелниот претседател Иванов беше именуван со погрдни имиња, меѓу кои доминираше името Фикус. Гледам дека тој симбол го користите и во пропагандните спотови во вашата кампања, алудирајќи и навредувајќи ме мене.
Прашањето ми е како вие го разбирате системот на тежа и контратежа (checks and balances) и како ќе го спроведувате во случај да победите, кога не само што кампањата ви ја води половина влада туку и директно кажувате дека премиерот може да зборува наместо вас, бидејќи се сложувате 102,5 отсто? Во што тогаш не се согласувате со партиите што ве поддржуваат?
Одговор
Со Владата целосно се согласувам во однос на стратегиските ориентации и проекти како што се НАТО и ЕУ-интеграцијата и, на внатрешен план, вклучувањето на сите етнички заедници во системот. А не се согласувам со одредени случаи на непотизам и со брзината на спроведување на некои од нужните реформи.
Заедништвото за стратегиските проекти е клучно за државното единство за кое постојано зборувам. Да сумирам: се согласуваме за стратегиската насока во која оди државата, а имаме определени разлики во однос на темпото на имплементација на реформите во определени области.

Прашање
Дел од вашата кампања е свртен кон инсинуирање дека јас лично сум бранител на криминалот на (бившиот) режим и продолжена рака на Никола Груевски. Апстрахирајќи го делот на негативна кампања и клеветење, би сакала да ве прашам каков е вашиот став кон вториот дел на бившиот режим, ДУИ, и фактот дека функционерите на оваа партија се недопирливи за СЈО и за законот? Дали, како консензуален кандидат, вие сте практично бранител на криминалот на Ахмети и ДУИ?
Одговор
Во 2015 година беше формирана независната институција Специјално јавно обвинителство, која има поведено постапки, меѓу другите, и за поранешни и актуелни функционери на партијата ДУИ.
Со оглед на тоа што актуелната власт не се меша и не влијае врз тековни судски постапки, што беше главна карактеристика и практика на претходната власт, треба да ги оставиме надлежните институции во соодветна законска постапка да ги завршат тие предмети.
Јас досега никогаш, со ниту една постапка или изјава, не сум бранел, ниту ќе бранам кого било осомничен, обвинет или осуден од страна на органите за кривичен прогон.
Исто така, како претседател нема да го користам правото за помилување за да ослободам од одговорност или од казна лица осудени за корупција или злоупотреба на службената положба.


Пендаровски ја прашува Сиљановска-Давкова

Прашање
Бидејќи не може некој да зборува за право и правдина без да соопшти јасен став за продолжување на мандатот на СЈО и без да го осуди криминалот на режимот на Никола Груевски, директно ја прашувам Сиљановска дали е за продолжување на мандатот на СЈО и гонење на криминалот на режимот, односно за одговорност за сите членови на ВМРО-ДПМНЕ за кои ќе се докаже дека го прекршиле законот?
Одговор
Судот треба да го оставиме да суди, без да глумиме политички квазисудии, кои „судат“ по телевизии, весници и портали, заборавајќи на пресумцијата на невиност. За примена на правото не смее да се преговара. Мандатот на СЈО е законски утврден, а законот мора да се почитува. Се залагам за бескомпромисно гонење на криминалот, но жесток противник сум на селективната правда. Мнозина членови на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери се најдоа на обвинителната клупа, но ниту еден од ДУИ, за кој важи филозофијата на неосудуваност. Односот кон обвинетите и казните се „адаптираа“ и менуваа во зависност од кооперативноста на обвинетите и осудените со власта. Сведочевме на крајно нехуман однос кон обвинетите. Да потсетам, СЈО е плод на пржинскиот меѓупартиски договор, што не е во духот на правната држава, но беше „благословен“ од меѓународните фактори поради вонредните политички околности. Со неговото создавање се дерогираше Уставот, односно единствениот јавнообвинителски систем предвиден во него. Да имавме витален уставен суд, лесно и брзо ќе го утврдеше ова. СЈО потфрли во својата работа, иако доби „златна лажичка“ и поддршка при раѓањето. Тоа го зборува и растечката недоверба на граѓаните кон него заради делењето селективна правда. Зошто се поштедени оние што го персонифицираа ахметизмот како друго лице на груевизмот? Патем, пред очите на СЈО и македонската јавност, режимот на Заев му овозможи на Груевски да избега, во стилот на Индијана Џонс, без некој да преземе одговорност: министерот за внатрешни работи не поднесе оставка, а премиерот не му ја побара. Уште поважно, држава што чекори кон НАТО и кон ЕУ не може да се потпира на „специјални институции“, кон кои, со право, Франција има особена нетрпеливост. Македонија не треба да биде држава со посебни потреби, туку нормална правна држава. Затоа, јас сум за почитување на уставната норма за единствено, функционално јавно обвинителство, во чии рамки може да функционира и специјално одделение што ќе одлучува за криминалите поврзани со прислушуваните разговори, но и за криминали на највисоките функционери на централната и локалната власт, обвинителство чии кадри се избираат врз основа на почитување на принципите на стручност и компетентност, во транспарентна и конкурентна постапка. Пендаровски изгледа заборава дека токму премиерот Заев во ТВ-интервју изјави дека криминалот е секогаш поврзан со оние што вршат власт, па дека и СЈО ќе треба да ги гони криминалите и на оваа власт, наместо да се „вади“ на оние на минатата влада. И за крај, еден елементарен постулат на правото, кој го знаат и студенти од прва година, гласи: вината е секогаш индивидуална! Колективна вина е неправда, а кога се одвива по политичко-партиска линија, станува – реваншизам. Ако Пендаровски е толку загрижен за правото и правдата, нека се обиде да даде правен одговор за криминалниот начин на кој беше променет Уставот, со селективна „судска“ наместо собраниска амнестија и персонализирани и наменски измени на Кривичниот законик заради ослободување од гонење на оние пратеници на ВМРО-ДПМНЕ чии гласови беа потребни за добивање двотретинско мнозинство. Каква криминална, неправна, непарламентарна трампа – слобода за глас! Каква демократска трагедија – држете го крадецот, но дозволете пред очите на вџашената јавност да се урива правниот поредок во име на „високите“ вредности и цели.

Прашање
Дали е лажен патриотизам или нечесност пред граѓаните наутро да зборуваш против договорот од Преспа, а навечер да го признаеш, во прв круг да зборуваш „никогаш Северна“, а во втор круг „Северна Македонија“?
Одговор
Интригашка игра на зборови. Во мојот речник, ниту во првиот, ниту во вториот круг, ама ни по нив, ниту имало ниту ќе има место синтагмата Северна Македонија. Има место само за Република Македонија. Недоветна е тезата на Пендаровски дека секој патриотизам е национализам. Патриотизмот кон сопствената земја и народ не е ниту зло ниту национализам. Не е национализам кога кажуваш дека договорот од Преспа е асиметричен договор, произлезен од геополитички причини, наметнат однадвор и на штета на националните интереси на Република Македонија. Јас сум конзистентна во мојот критички став не само за содржината туку и за процедурата по која беше усвоен и се имплементира Преспанскиот договор. Сето тоа го елаборирав во обемна анализа, објавена во септември 2018 во „Нова Македонија“. Ја преведов и на англиски. Како еден од првите членови на движењето „Бојкотирам“, учествував во сите иницијативи, трибини, петиции и протести, со кои ѝ укажувавме на власта дека режимот на СДСМ и ДУИ, чиј претседателски кандидат е Пендаровски, октроира уставни измени без јавна и политичка поддршка и, најважно од сѐ, сее семе на раздорот со погубни последици за кохезијата на македонското ткиво. Наскоро ќе се покаже дека огромната жртва била сторена без ефекти за почетокот на преговорите и зачленувањето во ЕУ. Не, не сум го сменила ни мојот научен, ни мојот личен и граѓански став. Јас бавно градам став, но не го менувам брзо како г. Пендаровски. Како претседателка ќе се држам до моите ставови и во дипломатската активност ќе укажувам на тоа дека врз грбот на малата Македонија се прекршени сите принципи на меѓународното право: од наметнување нееднаков статус на меѓународната сцена и негирање на правото на самоопределување до дозволување друга држава да се меша во нашиот внатрешен поредок. И да потсетам, валидноста и ништовноста на договорот може да се оценат во светлината на Виенската конвенција за договорно право, но и другите меѓународни инструменти за заштита на колективните и индивидуалните права, и тоа не само по наше барање туку и евентуално по барање на грчката страна. Овој договор не е света книга, ниту е вечен. Впрочем, како што рекол и Абрахам Линколн, ништо не е завршено ако не е правично решено. Јас ќе го почитувам Уставот, но со стручни и меѓународноправни аргументи ќе се борам за правото на Македонија да биде еднаква со сите други држави во светот. Освен тоа, соочени сме со длабоки внатрешни делби, пизма и национални фрустрации, никнати со овој договор, што не е прифатен од мнозинството граѓани, како што покажа референдумот од 30 септември. Јас сум лојална на одлуката донесена на задолжителниот референдум од 8 септември 1991, која е валидна и не е поништена. Еден вистински уставен суд лесно ќе ги поништи актите што следуваа по неуспешниот референдум, во духот на членот 30 од Законот за референдум и други форми на непосредно одлучување!

Прашање
Дали е типичен пример за транзициски политичар и непотизам да бидеш министер во првата влада на почетокот на 1990-тите, а твојот сопруг да добива бизнис со фришоп, кој во тоа време е еден од најдоходовните бизниси?
Одговор
Господине Пендаровски, ниту сум транзициска политичарка, ниту може да ме обвините за непотизам, затоа што наводно сум влијаела мојот сопруг да добие „фришопски бизнис“. Владата, во која две години работев како министерка без ресор, не одлучувала ниту за распишување огласи за слободни царински продавници, ниту пак одлучувала за тоа кои фирми ќе добијат дозволи за отворање такви продавници. Сета постапка ја спроведувало тогашното Министерство за внатрешни работи, поточно министерот за внатрешни работи Фрчковски. Тој на колегиум со своите соработници одлучувал со која од фирмите што ги исполнувале пропишаните услови ќе склучи договор за доделување локација за слободна царинска продавница.

[email protected]