Фото: Игор Бансколиев

Во Македонија, за жал, ретки се примерите кога првиот човек на државата и политичките партии соработувале и имале коректни односи како институции. И во минатото, а особено сега во услови на глобална пандемија е неопходна интензивна соработка помеѓу институциите во интерес на граѓаните. Какви искуства има Македонија на овој план и што мислат аналитичарите

Последната одлука на ВМРО-ДПМНЕ да ги замрзне односите со претседателот на државата Стево Пендаровски откако тој завчера му го додели мандатот за состав на влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев, повторно ја актуализира темата за несоработка на релацијата претседател – политички партии, нешто што со години е практика на македонската политичка сцена.
Ретки се примерите кога првиот човек на државата и политичките партии соработувале и имале коректни односи, додека многу почести се оние во кои дневната политика одредувала дали ќе има или, пак, нема да има коректни односи меѓу претседателот на државата и некоја партија, било да е на власт или во опозиција. Во сегашните услови на глобална пандемија, закана по здравјето на граѓаните и по економијата на државата, повеќе од неопходна е тесна соработка на сите институции во државата. „Нова Македонија“ анализира на што се должат ваквиот долгогодишен анимозитет и нетрпеливост помеѓу дел од политичките партии и претседателот на државата и како аналитичарите и експертите гледаат на овој македонски синдром или феномен.
– ВМРО-ДПМНЕ донесе заклучок дека од овој момент ги замрзнува односите и комуникацијата со Стево Пендаровски, и ќе ги преиспита практично политиките што ќе ги води во однос на кабинетот на Стево Пендаровски. За жал, како напати во минатото така и овој пат се приватизирани институциите, заробени за личен и партиски интерес, а на сметка на интересите на граѓаните – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по средбата со шефот на државата.

Од своја страна, претседателот Пендаровски ја оцени ваквата одлука на ВМРО-ДПМНЕ како нивно легитимно право во една демократска држава, притоа додавајќи дека повеќе е резултат на некакви внатрепартиски случувања во оваа партија.
И во минатото имаше ваков анимозитет кон претседателот од страна на партиите, кога ВМРО-ДПМНЕ на моменти го бојкотираше тогашниот претседател Киро Глигоров. Уште почуден момент имаше во времето кога за претседател на државата беше избран сега покојниот претседател Борис Трајковски, кој во прво време од СДСМ не беше признаен како претседател и беше нарекуван „граѓанинот Трајковски“. Подоцна за време на неговиот мандат ситуацијата се промени, поточно СДСМ го призна за претседател, но од него се откажа партијата што го номинира за претседател, ВМРО-ДПМНЕ, па тогашниот премиер Љубчо Георгиевски се извинуваше што го предложиле за претседател.
Таквата практика ја продолжи и ДУИ, од каде што не го признаваа претседателот Ѓорге Иванов, додека од СДСМ имаа потценувачки однос кон него.
Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика од Скопје, вели дека односот кон институцијата Претседател е одраз на демократскиот капацитет во едно општество.

– Односот помеѓу различните гранки на власта, вклучувајќи ја и собраниската опозиција со претседателот се клучен индикатор за демократскиот капацитет на едно општество. Во периодот што следува од аспект на почеток на преговорите со ЕУ, во рамките на првиот кластер прашања се разгледува и функционирањето на демократските институции како нов елемент. За истиот тој ќе биде потребно да се покаже политичка зрелост и барем минимум ниво на соработка и капацитет за градење консензус за клучни прашања во однос на пристапувањето во ЕУ – смета Кацарска.
Според професорката Викторија Кафеџиска, тој антагонизам и анимозитет кон претседателите низ годините од страна на сите политички партии е резултат на непочитувањето на институцијата Претседател.
– Кај нас со години, од првиот до последниот претседател сите претседатели на државата биле соочени со потсмев, исмевање и многу негативна кампања во креирањето на јавното мислење. Треба да истакнеме дека претседателот кај нас нема некакви големи овластувања, но чудно е што и покрај толку многу малата уставна ингеренција што му ја дава Уставот, кога претседателот ќе ги налути најчесто опозициските партии, тогаш сите се вртат против него – вели Кафеџиска.
Таа додава дека мора да се почитува институцијата Претседател, без оглед кој ја извршува.

– Сметам дека особено треба да се внимава со реториката што се спроведува и што се користи кога се зборува за претседателот на државата, бидејќи тој, каков таков, е избран и ги претставува сите без разлика што го поддржала некоја партија, премиер, пратеник и слично. Со непочитување на претседателот се покажува непочитување кон државата – истакнува Кафеџиска.
Од своја страна професорката Мирјана Најчевска смета дека актуелниот претседател Стево Пендаровски има можност да го врати достоинството на институцијата Претседател.
– Ова што сега го прави ВМРО-ДПМНЕ е продолжување на одреден начин на дезавуирање на сите институции што постојат во моментот кога тие не се на власт и мислам дека најдобар начин да се спречи тоа е со враќање на вистинските надлежности во тие институции – вели Најчевска.
Според неа, сега претседателот Пендаровски се наоѓа во една многу специфична ситуација во која треба да го врати достоинството на таа функција, иако не е сигурна дека тој во целост успева во тоа.
– Некогаш му е многу тешко да не се спушти на нивото на политичките партии со кои комуницира и мислам дека тоа ќе треба да биде една од основните негови задачи, да успее да ги задржи својот став, својот начин на дејствување и достоинство што го има, независно од несоодветното постапување на партиите – истакна Најчевска.


Без појаснување што значи замрзнувањето на односите

Од ВМРО-ДПМНЕ не појаснуваат што точно значи замрзнувањето на односите со претседателот Стево Пендаровски, туку нагласуваат дека ќе почекаат да видат како ќе се одвиваат преговорите за состав на нова влада што ќе ги води Зоран Заев.
– Во ВМРО-ДПМНЕ сите опции се отворени во наредниот период и секако ќе го следиме периодот на преговори што ќе го предводат партиите. И во согласност како ќе има нови моменти ние ќе известуваме во јавноста – изјави портпаролот на партијата Димче Арсовски.