Кога политиката се третира како семејно наследство

277

Семејните кланови владееле и владеат со светот со векови. Политичарите многу често за свои соработници ангажираат блиски роднини на клучни државни функции. Вакви примери има во САД, Турција, Северна Кореја, Сирија, Куба, Португалија, Грција, Полска и во уште многу други држави. Но трендот не ја одминува ниту македонската политичка сцена

Недовербата, стравот од протекување информации, како и можноста од опструкции се меѓу причините поради кои политичарите многу често за свои соработници ангажираат блиски роднини на клучни државни функции, во обид подолго да останат на власт и да ја спроведат политичката агенда поради која биле избрани или, пак, ја договориле со своето лоби.

Семејните кланови владеaт со светот со векови. Низ историјата се склучувале бракови за да се зачуваат кралства, за да се избегнат војни, а токму блиските роднини, браќа и сестри, биле луѓето од доверба на повеќето владетели.
Оваа практика се применувала и во поново време. Во САД минатиот век сите конци во политиката ги влечеше семејството Кенеди, подоцна ќе дојде семејството Буш, па Клинтон и сега Трамп. Сите тие на клучни позиции, покрај претседателот, поставуваа блиски роднини. Џон Кенеди го имаше својот брат Роберт, Џорџ Буш Постариот го трасираше патот кон Белата куќа за неговиот син Џорџ В. Буш Помладиот, а Бил Клинтон за неговата сопруга Хилари.

Американската јавност бурно реагираше на одлуката на претседателот Доналд Трамп да го постави за советник својот зет Џеред Кушнер, а претходно истото тоа го направи и со неговата ќерка Иванка.

На сличен чекор се одлучи и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, поставувајќи го својот зет Берат Албајрак за министер за финансии.

За владејачката династија во Северна Кореја воопшто и не треба да станува збор, каде што три генерации Ким владеат со земјата со цврста рака. Ваков пример има и на Блискиот Исток, каде што актуелниот сириски претседател Башар ал Асад го наследи неговиот татко, Хафез ал Асад.
Непрекинливи фамилијарни врски во политиката постојат и во соседна Грција, каде што новите политички лидери речиси без исклучок потекнуваат од семејствата Мицотакис и Папандреу, а ставовите и политиките што денеска ги застапуваат, ниту за милиметар не отстапуваат од ставовите на нивните татковци или дедовци.
Во Европа интересен пример на роднински врски во власта имаше во Полска, каде што во еден момент претседател и премиер на држава беа браќата близнаци, Јарослав и Лех Качињски.

Неодамна и португалскиот премиер се најде на удар на јавноста и тамошната опозиција поради роднински врски меѓу неговите министри. Имено, тој во Владата има брачна двојка, како и двајца министри што се татко и ќерка.
Ваквиот тренд не ја одминува ниту домашната политичка сцена, каде што постојано се обвинува за непотизам, роднински вработувања во државни компании, како и за поставување роднини на клучни позиции.

Од друга страна, и претходно, а уште повеќе сега во екот на изборната кампања неизбежна реторика е споменување на изразите фамилија, кланови…,
кои политичарите си ги упатуваат едни кон други со намера во негативно светло да се претстави противникот. Понатаму се добива впечаток дека на политичките функции се гледа како на некакво драгоцено семејно наследство, кое преминува од едно на друго колено.

– Не е ништо ново поставувањето роднини на високи позиции во светот, па и кај нас. Тоа се провлекува секаде. Нормално е ако се занимавал таткото со политика, зошто тоа да не го прави и неговото дете. Тоа израснало во една таква средина, дели иста политичка опција со родителот, така што за мене не е проблематично – вели публицистот и политички аналитичар Драган Јањатов.
Тој додава дека проблем се јавува во моментот кога таквата позиција би се искористила за некакви лукративни цели.

– Ако позицијата се искористи за стекнување некаква бенефиција, тогаш може да се рече дека станува збор за непотизам – нагласува Јањатов.
Според универзитетскиот професор Лазар Лазаров, довербата е клучниот фактор при поставувањето блиски луѓе на позиции.

– Важно е човекот што се поставува на некоја позиција да биде способен. Кај нас не се води сметка за тоа. Па погледнете, во минатото ние имавме двајца млади луѓе чие прво работно место беше премиерското. Тие немаа ниту доволно искуство ниту, пак, знаење – вели Лазаров.

Тој додава дека екипирањето треба да се врши со кадри што се способни, стручни и што имаат знаење во областа во која ќе работат.