Ковид-19 ќе се шири и зимоска, за вакцина уште малку трпение со стриктно почитување на мерките

449

Крајот на годината ќе биде клучен за развојот на настаните со корона-кризата. Период на зимски температури, кога се очекува засилено ширење на вирусот, но и месеци во кои светската јавност се надева на вакцина.
Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека неколку месеци пред зимската сезона на грип, односно со наближувањето на зимата, ковид-19 се шири со алармантно висока брзина во делови на северната хемисфера.
– Почнуваме да гледаме вознемирувачки трендови на ширење на вирусот во некои држави. Има зголемување на бројот на луѓето примени во болници, особено на оние што се примени на интензивна нега. Такви случаи има во Шпанија, Франција, Црна Гора, Украина и во некои држави во САД. Сето ова е загрижувачки, зашто сезоната на грип сѐ уште не е почната – изјави Марија ван Керхов, водечки технички експерт за ковид-19 при СЗО.
Мајк Рајан, раководител на програмата за итни случаи на Светската здравствена организација, пак, ги советува луѓето со висок ризик на заболување од ковид-19, да се вакцинираат против грип.

И македонските епидемиолози очекуваат есенски ек на ширење на вирусот, но се скептични дека вакцината против ковид-19 ќе дојде брзо како што најавуваат светските медиуми.
Епидемиологот Александар Стојанов, член на Комисијата за заразни болести и директор на Институтот за јавно здравје во Скопје, смета дека сѐ уште е рано за да се избрзува со заклучоци за ставање во употреба на вакцината.
– Ќе видиме каков ќе биде развојот на настаните кога ќе намалат температурите и луѓето повеќе ќе бидат во затворени простории, кога децата ќе одат на училиште. Очекуван е бран наесен, затоа и се подготвуваме со капацитети во болниците и со соодветна опрема – посочува доктор Стојанов.
Светските производители, пак, се натпреваруваат за развој на ефикасна вакцина против вирусот. Но водечките западни производители на лекови ветија дека ќе се држат до стандардите на научното истражување и ќе отфрлат каков било политички притисок за забрзување на процесот.

Кинеската вакцина готова за употреба во ноември

Вакцината против коронавирусот што се развива во Кина може да биде подготвена за јавна употреба уште во ноември. Ова го изјавил официјален претставник поврзан со кинескиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Кина има четири вакцини против ковид-19 во завршна фаза од клиничкото испитување. Како што пренесуваат странските новински агенции, најмалку три од нив им се веќе понудени на најизложените служби.
– Третата фаза се одвива непречено и вакцините може да бидат готови за јавноста во ноември и во декември – рече главниот експерт за биосигурност на ЦДЦ.
Одделот на државниот фармацевтски гигант на кинеската национална фармацевтска група „Синофарм“ и „Синовац биотех“ развиваат три вакцини како дел од државната програма. Четвртата е развиена од „Кансино биолоџикс“ и нејзината употреба е одобрена во јуни кај кинеската војска. „Синофарм“ соопшти дека нивната вакцина може да биде готова за јавна употреба до крајот на годината, по завршувањето на испитувањето во третата фаза.

Трамп ги чека првите вакцини пред изборите во ноември?

Американската влада објави дека ќе започне со дистрибуција на вакцината против ковид-19 во рок од еден ден од добивањето на лиценцата и дека планира ограничен број вакцини да бидат достапни веќе на крајот на годинава.
Владата ќе им додели вакцини на сојузните држави врз основа на препораките на центрите за контрола и превенција на болести, во врска со особено ранливите групи. Се очекува во нив да бидат вклучени здравствените работници.
Во документот се наведува и дека ограничен број дози на вакцината против ковид-19 ќе бидат достапни на почетокот на ноември 2020 година, ако дотогаш биде одобрено од Администрацијата за храна и лекови, и дека резервите значително ќе се зголемат идната година. Официјални лица рекле и дека работат на тоа вакцината да биде бесплатна за пациентите.

[email protected]